Проштално писмо за Лилјана Дирјан од Елизабета Шелева

Драга ЛИЛЕ,

Ми рекоа, ова обраќање да не биде свечено, официјално, премногу натажено, ами сочно и живописно, онака, налик повеќе на Тебе, и добро што е така!

Право да ти кажам, ич не ми се пишува проштално писмо или говор за Тебе од многу, многу причини. Освен тоа, јас и не знам како се прави или составува проштален текст со некого, кој е неизоставен дел од твојот живот и сето она, што во него го правиш! Едноставно, драга Лиле, разделба од Тебе и со Тебе, и не е вистински можна, ниту пак воопшто изводлива.Еве ме, седам во најскромната хотелска собичка во Белград, еден од твоите омилени градови по светот, во ова магливо сиво попладне, додека квартет од з’гнати бор машини самоуверено растура со својата, неталентирана врева. За прв пат пишувам јавно писмо до тебе, не оти сакам, туку зашто морам.

Помина само еден ден, откако светот ми се располови надве, ден кој никако не успева да заврши, а сега си мислам, дека ти токму вака би го започнала ова писмо. Но и било кој друг текст!

Вака, директно од срцето на сетилната стварност, полна со звуци, бои, мириси, зборови, ветришта, магли, луѓе и луѓенца, цела низа од природни појави (како што впрочем се вика и една од твоите поетски книги ). За тебе не постоеше ништо презрено на овој свет, што толку страствено и лакомо го впиваше со сите свои, вградени антени, знаци, ништо од кое потоа не можеше да создадеш некаква своја оригинална креација и творечки производ.

Ти просто не умееше да составиш и испратиш обичен, банален е-маил, а сиот да не го натопиш со раскошни асоцијации, описи на природата, анегдоти од средбите со луѓето, неверојатни случки, кои се римуваат со филмското платно. Сигурна сум, да се собереме ние, неколкумина и да ги преснимиме твоите меил пораки, од тоа бездруго ќе произлезе уште една од твоите блескави, интимно обоени книги.

Ама, пак, Ти кон своето Писмо беше ептен строга, та и дури сурово недоверлива. Не ги пушташе така лесно сопствените думи на хартија, иако во живо изобилно ги ползуваше. Имаше во тебе некоја монашка чесност и чистота кон хартијата и книгите, воопшто, не само кон туѓите, ама првенствено кон своите сопствени. Не им даваше да бидат самобендисани и суетно расприкажани. Мразеше да штанцаш книги, како што е тоа денес речиси само по себе разбирливо и капиталистички оправдано. Порадо ќе си водеше разговор со, твојата и на Богомил, Градина, отколку да дозволиш нешто, стопати непроверено, подмолно да се протне низ опасното и остро сито на твојата самокритичност.

Паметам повеќе наши доверливи средби, а додека постоеше, „Асторија“ ти беше омилено место за тоа, насамо и во потполна дискреција, зад грбот на твојот Богомил, заедно да ги листаме возбудливите нови ракописи и трогателните „Приватни светови“, што се изнедруваа од нив!

Еднаш, тоа го направивме како целодневна „настава“, во твоето омилено (креативно) гнездо во „Пролет“, окружени со твоите секогаш необични книги од личната Библиотека и убавите слики, подарени или купени од твоите пријатели уметници, јадевме шпагети со домашно песто и некое благце, ама работевме и работевме строго, пресудувајќи му, до последната буква, на секој вишок од збор! Паметам во неколку наврати како одеше да пишуваш во благотворната тишина на нашите манастири и не. не беа тоа оние денес по малку помодни и комотни резиденции туку запустени спартански места на кои првите неколку дена самата со својот напорен физички ангажман им го враќаше личниот опис и достоинство претворајќи ги во скапоцени засолништа на следната книжевна рожба.

Никако нема во ова писмо да напишам почивај во мир или уште полошо нека ти е лесна земјата оти тие излитени и по малку лицемерни зборови со празно значење се недостојни за човек како тебе. Ќе ти посакам бесконечна пловидба низ морето кое толку многу ти беше важно ама не како туристичка или кич атракција ниту како еден книжевен поттик туку како човек како вечен маж кому му доаѓаш кога си ведра и кога си тажна на брегот ама никогаш покрај не си сама и осамена. Паметам една случка на кусото враќање од Зларин кон Шибеник кога здивените бранови и ветрот сите нас не натераа да се сокриеме во потпалубата плашејќи се од превртување на чамецот додека ти со радосни крикови седна на прамецот како дете што се плиска со својот најдобар другар.

Како вистинско дете на Меркур, астролошки близнак имаше несекојдневен дар за поврзување на луѓето и правењето мостови меѓу нив што остави голем траг и придонес во севкупниот културен и книжевен живот кај нас и во регионот.

Макар што твоите блиски ми порачаа да не бидам официјална во оваа пригода не можам, а да не кажам збор-два и за твоите ангажмани како уредник културен, аниматор и основач на Независните писатели. Кога во далечната 1993 се основа ова здружение во содејство со останатите во регионот и како признак на демократската пролет во книжевноста ти ме повика да ви се придружам во заедничкото аскетско и по малку герилско дејствување на Друштвото на Независните писатели.

Сите писатели кои учествуваа во досега единствената патувачка работилница организирана во нашата земја под називот „Пишувајќи ја Македонија“ во 2007 год. се уште носат длабоки впечатоци од незаборавните откритија на прекрасните македонски пејсажи, живописни села и историски локалитети. Таа и таква Македонија би сакале да остане запаметена и видлива пред светот како не само гостољубива, туку и космополитска и отворена средина.

Воедно ти цело време беше и шестиот член на редакцијата на Наше писмо, загрижена не само за квалитетниот избор на автори и текстови туку и за современиот и примерен дизајн. Уште од неговото основање во 2003 година ти беше избрана за уредник на култното регионално списание Сараевски тетратки кога ми раскажуваше за воениот авион со кој ве превезле на првиот редакциски состанок, но нема да ги заборавам и постојаните неволи што ги доживуваше и совладуваше сама на сите тие апсурдни гранични премини при транспортот на огромните изданија и броеви на списанието кое не само што го уредуваше туку и буквално физички го довлекуваше во Македонија како соработник со книжевната елита во регионот чијшто рамноправен член и припадник беше самата.

Не само како уредничка и поет туку уште повеќе како личност со магнетска харизма што успева да ги опчини своите соговорници со една ретка магија на раскажувањето, со својата фасцинантна меморија дури и на најситните детали, со ритамот и јазикот проткаен со хумор.

Отаде, сите дружења и седенки во твојот дом беа вистински гозби, не само за сетилата, туку и за духот. За тебе храната беше артистички предизвик и креативен експеримент, но заедно со неа на своите гости ти несебично им приредуваше и наративна гозба со најпрефинети зачини од лични стории и сеќавања.

Ми беше вистинска чест и топло задоволство да бидам член на истото книжевно семејство со тебе и Богомил, во изминатиов четврт век од отпочнувањето на нашето познанство и соработка што опфаќа безмалу половина од мојот сопствен живот.

Ти благодарам што постоеше во него и што остави толку впечатлива трага, убавина и непокор.

Елизабета Шелева

 

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.