Извадок од: „Анаис од Монмартр“ на Јана Мишо

Извадок од: „Анаис од Монмартр“ на Јана Мишо

34

Волшебниот раскош на новото што го надополнуваше старото ја растураше својата убавина околу мене. Старата архитектура шармантно стоеше исправена, не чувствувајќи никаква закана од прекрасните, мазни чудовишта околу неа, што изгледаа како да ја штитат од нешто. Како футуристички, мистериозни стражари пред стар крал.

Погледнав нагоре, воодушевена од кулата Монпарнас по милионити пат. Луѓето често забораваа дека можеш да видиш сè од Ајфеловата кула – освен самата Ајфелова кула. А од оваа можеше да се види Париз токму како што беше сликан, фотографиран и сè што можеше да се види и на филм.

Луѓето го забораваа ова. Што ја правеше оваа зграда уште попосебна.

Возењето со лифт траеше цела вечност. Освен тоа, којзнае кога ја оставил пораката и колку долго би седел таму? Требаше да биде романтично? Што ми се врти низ глава сега?

Лифтот бучно застана и ме фати неспремна. Излегов на еден од највисоките врвови во Париз, разгледав наоколу и го видов него, мирно застанат на оградата, свртен кон мене.

– Твојата ароганција е безгранична, реков јас, сфаќајќи во тој момент дека сè уште се расправам со него, иако немавме прозборено од болницата. Како не ти е срам толку самоуверено да мислиш дека ќе дојдам по сè што се случи?

Ги крена веѓите, бидејќи веројатно не очекуваше тирада од лути прашања, но неколку секунди подоцна, му се разведри лицето и го доби тој безобразен, задевачки израз што обично му успеваше на мене. Ги крена рамената како да сакаше да каже: „Па, дојде, нели?“ и ќе беше во право.

– Што правам тука? повторно прашав.

– Не знам, што правиш тука? праша и тој.

– Па, ти ја смисли оваа фарса. И Лукас веројатно, но најмногу ти. Значи? ги прекрстив рацете, борејќи се со гипсот што сè уште ми беше на десната рака.

Ми ги стави рацете на лицето и ме бакна. Усните му беа студени од стоење на висина од 210 метри којзнае колку долго, но не беше важно, затоа што ми беше најтопло чувство од вечерта кога му истурив вино на кошулата. Запре по некое време, го отвори големиот капут и го завитка околу мене. Сега бев цврсто обвиткана и од неговите раце и од неговиот капут.

– Здраво, рече тивко.

– Здраво? се зачудив јас.

– Те сакам… почна тој и звучеше како да се претставува првпат.

– Како мислиш… се обидов јас, но ми ја стави раката на уста.

Сакам, продолжи, гледајќи ме во очи, над неговата рака, само да готвам додека ти читаш книги или да се бричам додека ти миеш заби или да видам фотографија и да живеам за моментот кога ќе ти се јавам и ќе ти кажам колку многу би ти се допаднала.

Не ја прочитав целата, но не постоеше ни најмал сомнеж дека го цитира крајот од книгата на Лукас. Кој ја цитирал мојата љубовна филозофија.

Сакам да патувам по светот со тебе, да одам во секој град и да гледаме како поминуваат луѓе додека пиеме кафе, ја заврши мојата мисла.

Првпат тој ден останав без зборови, а тој тоа го искористи за повторно да ме бакне.

– Нема да се мажам за тебе, одненадеж го прекинав бакнежот. Немој да мислиш дека не го знам концептот на сè тоа што го изнакажа.

– Доволно ќе биде да кажеш: И јас, воздивна, очигледно уморен од моето досадување, но со искра во очите што ми кажуваше дека за ниедно друго место на светот не би го заменил ова на кое што се наоѓаше сега. И јас се чувствував исто така.

– И јас, реков конечно.

Ме гледаше како да не му се веруваше дека сум вистинска.

– Едвај чекам, рече, по некое време. Уште стоевме така, во неговиот капут.

– Што? прашав јас.

– Сè, се насмевна.

Имаше толку многу работи во неговото сè. Имаше градови, уметност, кафе, луѓе, љубов, чоколадо, Памук, историја, фотографии, Монмартр, вина, калдрми, живот, смеење, сè.

Едвај чекав и јас.

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.