Во преполната книжарницата „Литература.мк“ на ул. Македонија се одржа промоцијата на книгата „Мали огласи и уште по нешто“ од авторот Дејан Алексиќ.
Во џагорлива атмосфера, промоторката Оливера Ќорвезировска посочи дека со своите „Мали огласи“, Дејан Алексиќ ќе го допре и најзаспаниот нерв на секој што длабоко во себе е дете и ќе го подигне да ги согледа и да ги поврзе односите во калеидоскопското шаренило на фантазијата и реалноста.
Мали огласи, жалби и тужби, вести и необична мода – се дел од оваа забавна книга на приказни во стих, во која ќе сретнете мустаќи што преку оглас бараат нов сопственик и едно голобрадо лице што се јавува на огласот; радијатор што им се жали на луѓето што ја мразат зимата и едвај чека топлиот декември да му ги згрее ребрата; вест е дека една кобила му го заробила срцето на расниот коњ, а жирафата е доказ дека високата мода може да оди на четири нозе…
Вештиот препев на стиховите е на Владимир Мартиновски, илустрациите се на Александра Филиповска, а уредник на изданието е Билјана Црвенковска, а во издание на „Либи“ дел од „Арс Ламина“.