Таа е уникатна појава на нашата јавна сцена. Иако нејзината професија ја лоцира зад кулисите или зад диџејскиот пулт, таа, така малечка, суптилно се наметнува. Ја доживувам како пачворк од сè што е уметност, па можеби затоа е и добра во сè што носи нејзин сценографски или костимографски потпис, како актуелната серија „Инсајдер“, претставите „Стјуардеси“ на театарот „Комедија“, „Силјан штркот Шанца“, „Говорна мана“, „Авантурите на Аладин“ на МНТ, филмот „Ах, љубов моја“, „Панкот не е мртов“ и ред други. Ова е библиотеката на Илина Ангеловска.
Илина, подреди ги поимите според нивната битност во твојот живот: филм, театар, сликарство, музика, литература и зошто?
Филм, театар, музика, литература, сликарство?! Филмот ми е на прво место, бидејќи го сметам за најкомплексна уметност што содржи во себе наративни, визуелни, сонични и интелектуални дразби. Тоа е сложен механизам, каде што секој сегмент мора да биде совршено изработен и темпиран за да влезе во целата слика. Ме фасцинира филмот како медиум и секогаш со радост прифаќам да бидам дел од некоја таква приказна. Работата на филм е интересна и возбудлива, но истовремено многу стресна и тешка.
Театарот го чувствувам како свој и ми е најблизок како медиум. Тука сум порасната од дете, зад кулисите, зад сцената, така што оваа средина ми е сосема природна и се чувствувам како дома. Ги знам тајните, лесно се снаоѓам во театар, без разлика дали треба да изработам костими или сценографија. За разлика од филмот, кој бара хиперреална слика и многу детали, театарот се занимава со метафори и со симболика. Процесот на работа е сличен, но крајниот продукт е дијаметрално спротивен.
Музиката е нешто без кое не можам да си го замислам секојдневието, таа ме следи низ целиот живот. Кога би престанала да пуштам музика како диџеј или на радио, едноставно веќе нема да бидам истата личност.
Литературата ја сакам, за среќа, уште од најрана возраст имам создадено навика да читам, така што секогаш со себе носам нешто за читање и знам да фатам час пауза на некоја сончева клупа или во кафуле. Кога патувам исто така не се оставам без книга, патувањето секогаш побрзо поминува низ читање.
Сликарството, за жал, најмногу го запоставив, иако како студент добро ми одеше, особено техниката масло на платно. Но, како што би рекол мојот ментор Владо Георгиевски: „Сликарството си бара цел човек“. Јас со сите свои желби и страсти не бев спремна комплетно да му се посветам на овој медиум кој си бара долги часови на осаменост и изолација.
Што си најмногу ти, сценографка или диџејкa?
Хахахах… и двете. Никогаш не ми била целта да спаѓам во одредени стереотипи или категоризации. Но, и моите пасии некако спонтано се развија и ме доведоа до ова што сум денес. Студирав сликарство, а магистрирав театарски дизајн, затоа што во тој момент театарот најмногу го сакав. Воедно, никогаш не помислував дека ќе станам диџеј. Тоа се случи спонтано. Едноставно, за време на моите постдипломски студии во Лондон ја имав таа среќа да живеам со двајца диџеи кои ме охрабруваа дека можам сама да се обидам во овие води. Во Лондон секој втор студент е „bedroom DJ“. Кога се вратив во Скопје со околу 200 нови плочи веднаш добив емисија во „103-ка“ и почнав да пуштам музика во локалните кафулиња. Едно по друго, работата си зема замав, а остатокот е историја.
Колку книгата ти ја сугерира сценографијата или ти ја насочува само атмосферата?
Кога спремам дизајн за некоја претстава или за некој филм, многу истражувам и користам различни извори. Пред сè, го читам сценариото повторно и повторно се додека не го научам на памет. Во него се скриени сите детали што се неопходни да го поддржат дејството во претставата. Обично, работната маса ми е претрупана со скици, цртежи, белешки, стручна литература, монографии, енциклопедии, а се разбира, и многу истражување на интернет. Атмосферата секогаш е во договор со режисерот, мојата работа е да ја доловам неговата замисла.
Дали има дело или автор кое сакаш да го озвучиш со својата музика и да му дадеш визуелен идентитет?
Книгите на Нил Гејман. Иако досега се направени повеќе екранизации на неговите дела, сè уште не сум видела успешен филм што може да ја долови комплексноста, слоевитоста и фантазијата од неговите романи. Не велам дека јас можам да го направам тоа како никој досега, но дефинитивно е исклучителен предизвик.
Дали постои книга или автор кој оставил силен белег на тебе да бидеш она што си денес?
Не можам да одвојам една книга. Низ моето растење и развој во различни моменти ме фасцинирале различни книги и сите тие оставиле свој белег врз мене. Сепак, ако треба да ги издвојам, еве ги најбитните: „Патот во центарот на земјата“ од Жил Верн, „Ние децата од станицата Зоо“ на Кристијана Ф, „Агонија и екстаза“ на Ирвинг Стоун, „Сликата на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд, „100 години самотија“ на Маркес, „Автостоперски водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс, „Дина“ – серијалот на Френк Херберт, „Учењето на Дон Хуан“ од К. Кастанеда, „Изменета состојба“ на Метју Колинс, „Сатаната зборува“ на А. Ш. Лавеј, „Никаде“ и „Американски богови“ на Нил Гејман, „Алеф“ на Борхес и други.
Што читаш? Кога читаш? Како читаш (хард копи или киндл)?
Читам романи, белетристика, историја, фикција, фантазија, графички новели, раскази и драми, се разбира. Ги сакам книгите во хард копи, честопати си нарачувам преку интернет оригинални изданија на англиски јазик, со што го вежбам и англискиот. Верзиите на „киндл“ никогаш не ми легнаа премногу, иако немам проблем со читање и во дигитална верзија.
Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ до крај?
„Во Мизо супата“ на Реј Мураками – напнат трилер за ноќниот живот на Токио, патување низ улиците, клубовите и баровите што ја откриваат темната страна на Јапонија и човечката психа во исто време. Уверлива книга што ве вовлекува во својот луд и изопачен свет од првата страница.
Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?
Јас си ја набавив „Екстремно гласно и неверојатно блиску“ од Џонатан Сафран Фоер.