Пишувањето роман е преживување

Во друштвото на домашни книжевни автори, таа е необична појава, пишува на англиски јазик, а потоа сама се преведува, прва објавува книга на „Киндл“, ќе ја најдете на „Амазон“… Малку писателски стаж, а многу позитивни критики за нејзините книги. Непосредно пред промоцијата на романите на „Саемот на книгата“ во Франкфурт, а потоа во Скопје и во Белград, отворено интервју со Јана Мишо.

Јана, вашиот прв роман „Скоро парижанка или Како да ги преживееш своите доцни дваесетти во Париз“ ве вивна на домашната литературната сцена, како го преживеавте вашето првенче?

Пишувањето (и тоа непланирано) на првиот роман е една од најубавите работи што ми се случиле во животот. До тој степен, да сите околу мене ги терам да напишат роман. А преживување е вистинскиот збор, богами. Процесот е истовремено стресен и исполнувачки, луѓето околу тебе мораат да те трпат додека гледаш низ нив и смислуваш начин како да решиш некој заглавен дијалог додека ти прават муабет. Па, доаѓа на ред моментот кога треба да кажеш „еј, напишав книга“. Па, моментот кога треба да ја прочитаат луѓе што знаеш дека ќе бидат искрени ако е ужасна. И конечно, истите луѓе чиешто мислење ти е најбитно да ти речат „па ова е многу добро!“ Имав многу среќа.

Со него тргнавте необично. Вие сте првиот домашен автор кој објавил книга на „Киндл“, а изданието го поставивте и на „полиците“ на најголемата продавница „Амазон“. Зошто му определивте таков пат?

Затоа што воопшто немав намера да го пробивам на домашен пазар, ниту очекував дека ќе се пробивам на странски, а сепак ме интересираше фидбекот од луѓе што не ме познаваат. Плус, предизвик беше да се научи таа индустрија што нуди фантастични можности и истовремено те фрла во океан од независни автори од каде што е тешко да испливаш на површина. Но, добив одличен фидбек од луѓе што воопшто немаат никаква потреба да ми се додворуваат и ми беше многу интересно.

Јана, зошто пишувате на англиски јазик? Што му недостига или Ве ограничува на македонскиот за да можете да се впуштите во пишувачка авантура токму на англиски? Кому му го доверувате преводот на македонски?

Отсекогаш така. Веројатно полесно ми беше да се изразам. Хуморот што сакав да го пренесам поприродно звучеше така. Затоа и морав сама да преведам, за да можам да го адаптирам за мене да ми звучи добро и на македонски. А не ни планирав да пишувам на македонски. Ама, пак, имам важни луѓе околу себе што не читаат англиски.

„Скоро парижанка или Како да ги преживееш своите доцни дваесетти во Париз“ и „Анаис од Монмартр“ на Јана Мишо, подготвени за Саемот на книга во Франкфурт

Велите дека кога пишувавте не ни знаевте дека создававте романтична комедија…

Почнав без да знам во кој правец ќе се движи. Само знам дека беше долг период на неизвесност и стрес, па решив да пишувам нешто што ќе ме расположи. И би книга за со кафе.

Сте имале живот што ви го направиле Париз секојдневие. Колку биографски ве има вас во ликот на главната хероина и генерално во целиот роман?

Двете книги се напишани во прво лице, a сепак, по стоти пат (ова важи за тие што ме познаваат особено J), тоа не сум јас. Мене ме има низ двата романа, се разбира, во доживувањето на градот, во размислувањата за животните ситуации, во брендот на цигарите, во неколку анегдоти, ама сепак, се работи за измислени ликови. Единствен лик што е свесно базиран на вистинска личност е другарот. Можеби и мајката на Анаис. Малку.

Под чие влијание авторски се развивавте? Што читате? Што слушате? Што сакате да гледате?

Искрено, од сите книги што ги имам прочитано во животот, од ваков или сличен жанр имам прочитано најмалку, иако секогаш ме радуваат. Многу почесто се фаќам за хорор и за историска фикција, за епска фантастика како „Господар на прстените“ или „Игра на тронови“. Моментално уживам во Хемингвеј. Ама, најголемо влијание веројатно има Вуди Ален. И филм и книги. Тоа го сфатив откако завршив со романите. Музика слушам ретко, во кола можеби, тишина повеќе ми одговара. Ама кога има музика, тогаш има и Џони Кеш и „Еросмит“. Зависи што имам на телефон во моментот.

По Саемот на книгата во Франкфурт, на 19 октомври следува промоција и на „Анаис од Монмартр“, роман чија што македонска верзија е во печать

Имајќи на ум дека глобално ги продавате вашите книги, дали од литературата може да се живее денес?

Ако посветиш многу време на маркетинг-стратегии и ако имаш многу добра платформа, може да имаш некоја шанса. Интересно е што, и покрај новите трендови за рекламирање, сè уште најголема улога игра препораката од човек на човек. А сепак, за да дојдеш до повеќе луѓе, треба да те видат повеќе луѓе. Значи, се враќаме назад на маркетинг, што денес дури и стандардните олд-скул издавачи пак го потпираат најчесто на авторот… Така што треба време, посветеност и многу среќа. Ама може. Локално – потешко. Ние како нација сè уште учиме да читаме.

И на многуте храбри чекори што ја движат вашата кариера, се надоврзува уште еден, промоција на вашите книги „Скоро парижанка или Како да ги преживееш своите доцни дваесетти во Париз“ и „Анаис од Монмартр“ на „Саемот на книга во Франкфурт“. Како ја доживувате оваа промоција на книгата на националниот штанд?

Знаев дека саемот во Франкфурт е голем, ама скоро ми станаа јасни неговите епски пропорции. J Интересно е да се најде човек таму, меѓу сите големи издавачки куќи. Да бидам искрена, не знам што имало досега на националниот штанд. Ама јасно ми е дека не праќаме секоја година романтични комедии и многу ми е мило што моите одат таму. Имам среќа зад книгата да стои одлична екипа.

Што следно да очекуваме од вас?

Да се преживее промоцијата на „Анаис од Монмартр“ на 19 октомври, па Саемот на книга во Белград следната недела. А што се однесува до ново пишување, или ќе биде трет роман или новела што мора да ги отелотвори сите мои детски опсесии со бајки, само за возрасни. Каде што, „за возрасни“ не значи еротика, туку правење ќеф на себе и сите што пораснале со бајки и ќе ги препознаат мотивите, а ич нема да биде детско. Би пишувала и хорор, само што, што и да напишам, ќе мора прво да помине низ мојот филтер, а тој филтер го градам од петгодишна возраст. Така што, веројатно ќе почекаме.

Advertisements

2 thoughts on “Пишувањето роман е преживување

  1. Пингување: Франкфурт: Интернационална промоција на романите на Јана Мишо | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s