Читањето е како учење на животна лекција

Сликарството е асоцијација за неа, иако пред да ја дознаете таа информација, ѝ ја паметите насмевката. Литературата ѝ е поткрепа во реализирањето на нејзиниот уметнички порив, затоа со задоволство ја отвори нејзината библиотека, Микица Трујкановиќ.

Дали литературата те инспирира за сликање?

Секако, несомнено имаме некоја наша тајна врска. Творештвото, уметноста сепак се базира на исти основи без разлика дали се работи за литературата, сликарството, т.е. визуелните уметности, музиката, театaрот… Нагоните ни се исти, само формата ни е различна. Воопшто, уметноста е интерактивна, посебно литературата. Ненаметливо остава траги, ние, читателите се пронаоѓаме во туѓата, лична исповед. Навлегуваме во понудениот естетски и ментален универзум на писателот, барајќи го и потврдувајќи го својот, преку заедничките кодови, препознавања. Честопати, а тоа ми е најсимпатичното чувство, кога писателот ме инспирира со дрска, гола, магична игра на зборовите – што никогаш не можам да ги напишам со таква изворна интелектуална страст. Затоа сум собирач на зборови, мисли, пасуси, цели испишани страници од великаните на зборот. Поодамна, кога бев во можност, сè ова што го набројав, го запишував во тетратки, што и денес љубоморно и гордо ги чувам како сведоштво за една изворна убавина зачувана од моето слабо помнење.

Одредени литературни дела ми изгледале инспиративно во определено време. Така, си помнам дека Сто години самотија од Маркес со својата фантазија и магична напластеност во средношколските денови ни беше како заедничка библија. Или барањето на себе, во тие години со Демијан од Херман Хесе…

На дваесет и неколку години ја спознав писателката Веј Хиј со нејзините дела Венчавка со Буда и Шангај бејби. Веднаш, генерациски блиска, ми стана симпатична, ја читав во еден здив, градејќи релација со нејзиниот непосреден уверлив емотивен инстинктивен јазик, еротски набој, во самоспознавањето нејзино се пронаоѓав и себеси.

„Ако не се омажам никогаш, тоа ќе биде несомнено затоа што премногу размислувам. Ако моето тело е таинствена градина која кај мажите ја буди скриената страст, мојот ум, сличен на мрежа, ги брка далеку од мене. Тоа не е добро. Според кинеската традиционална медицина, премногу размислување може да влијае на квалитетот на косата.“

Или, пак, личната фаза на созревање, прочистување, што неминовно доаѓа со годините, ја пронајдов во книгата Снег на Максанс Фермин. Просветление. Ретка книга што неколкупати сум ја прочитала и подарувала на мили луѓе. Како што пишува и на корицата на книгата… Современа бајка за самопотрагата и тајните на уметничката креација… Толку чиста како снег и содржајна како совршено хаику.

 За кое литературно дело сакаш да направиш слика?

Никогаш не сум размислувала во таа насока. Пристапите ни се различни. Еден писател се држи, повеќе или помалку, до логиката, со систематичност ја прави нарацијата и ги врзува почетокот и крајот. Може да те пренесува во географски далечини, да ти го заслади вкусот, да ги разбуди мечтите и скриените страсти, да те збуни, соголи, воздигне. Постои факторот време. Еден ден, еден век, еден миг, еден живот во раскажувањето.

Додека во сликарството (моето лично) се напластени времиња со компресирани чувства и искуства. Миговна и брза игра што дозволува поголем простор за експериментирање.

Ме стави во мисла, не знам дали би успеала едно литературно дело да го пренесам во слика. Но, секогаш ќе продолжам со практиката – да позајмувам, „крадам“ совршени мисли и зборови од писателите кои ме дополнуваат и ми значат во одредено време. Ги вметнувам во моите слики како графички приказ, исцртани со читлива порака и содржина.

По кој критериум ја одбираш книгата што сакаш да ја прочиташ?

Важно е книгата да не те остави рамнодушен, на почетокот да се насети, да се вплетеш со сопствениот сензибилитет во неа. Читањето со мачење нема сласт, останува информација без вткаена емоција. Така што, еднаш го читав Оскар Вајлд по препорака на љубениот (сакајќи да го спознам повеќе). Свила од Алесандро Барико ми е дар и е најомилената книга на моја мила личност, како и многу други. Од библиотеката на моите родители ги спознав Десанка Максимовиќ, Кавафис, Превер, Есенин… Извори има многу, но особено ми е мил оној момент кога во книжарница по своја мера и интерес со некоја книга ќе го воспоставиш првичниот линк. Стартно, ја читам основната информација за делото, предговорот (ако го има) и авантурата почнува. Една од случајните средби е и со делото Бранови на фантастичната Вирџинија Вулф:

„Oчите ѝ се студени како стаклени џамлии… Неговата осаменост покажува знаци на напукнатост… Онаа жестина со која ноќната пеперуга налетува на тврдото стакло… Вечерва ќе се најдеме благодарение на Небото… Последните зборови на мојата реченица се влечеа како опашки…“

Исто така и со делото на Ричард Бах, Мост преку вечноста:

„Таа вечер гледавме филм што до крајот на животот ќе го гледаме вкупно единаесет пати… Тој може да биде најзгодниот маж на светот, рече таа, но станува обичен како пуканка кога нема што да каже… Како да се осмелиме да бараме интимност и радост кога најчесто среќаваме млаки љубовници и блага среќа?…“

Случајна средба, т.е. со неговото дело имав и со авторот од средната генерација Марк Мејсон и со неговиот прв роман Што мажите мислат за сексот.

„Краткиот чудесен живот на Оскар Вао“ од Џуно Диаз е изборот на книга на Микица Трујкановиќ

„Масажа на моето его… Исус плачеше… Не можев а да не си се почестам со уште една лажица восхитеност… Нашата врска со години удобно пропаѓаше… Оригиналност, со тотално промашување…“

Кој лик од книга во одреден период од животот влијаел на твоите ставови и начинот на размислување?

Нема да се задржам на лик од книга, туку ќе набројам дел од оние мои насочувачи, учители, филозофи, отворачите на очите и умот низ моето животно и професионално чекорење. Духовната материја и љубовта реализирани преку зборот, преку естетиката и етиката на омилениот Конфучиј, Артур Шопенхауер, Херман Хесе, Калил Џибран и уште ред други историчари, критичари, современици, умни глави кои ги истражуваат и ги објаснуваат животот и уметноста со целата нивна многуслојност. Сите тие ми влијаеле на некој начин во сознавањата и потврдувањата на личното битисување во ова наше време-невреме. Ќе ја искористам и оваа пригода да ја споделам книгата што ја добив за одличен успех и добро поведение, замислете, во четврто одделение, во 1988 година (не знам дали постои уште таа практика, но беше одлична). Напишана во 1975-та, мојата година на раѓање, издадена од „Мисла“ во 1977 година, од Ферид Мухиќ, Критички методи. Ја читав во времето на моите постдипломски студии, чисто откровение тогашно! Критички увид кон одредена литература – за мене лекција за барањата и одговорите на моето творештво. Ја препорачувам на сите создавачи – творци и уметнички души. Воедно, авторот вели: „Поетот е човек, но и уште повеќе од тоа. Тој е колективен човек, носител и претставник на активната несвесна душа на човештвото“.

 Од кои причини денес треба да читаме и што најмногу?

Сите ние со годините учиме, но прашање е што научивме? Станавме ли подобри луѓе, подобри родители, партнери, пријатели? НЕ. Во оваа општа културна ненахранетост, хронична економска депресија, отсуство на свест, модерниот живот со технологијата, парите и престижот, се загубивме сите… како ронки истресени од тераса сме. Реалната и вистинската слобода не постои кога живееш во систем со наметнати правила и вредности, и тоа лоши, и, секако, сите сме со многу последици во дејствувањата.

Затоа треба да се чита, како дете кога учи и повторува лекција… животна. Литературата, уметноста ја има таа моќ да ни удри шлаканица, да нè разбуди повторно и повторно да ни ја покаже вистинската насока на движењето. Во неа е дозволена изворната љубопитност, играта, индивидуалната слобода, леснотијата на постоењето каде што можеш да бидеш соучесник, сотворец или само набљудувач. Во неа можеш да мечтаеш, танцуваш, одиш на јаже (Снег), сонуваш…

Читајте за сè, но најмногу за љубовта… таа ни е потребна.

 Кој наслов одАрс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

Краткиот чудесен живот на Оскар Вао од Џуно Диаз.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s