Славење на преведувачката професија

30 септември „Меѓународен ден на преведувачите“

Ширум светот 30 септември се одбележува како „Меѓународен ден на преведувачите“ започнувајќи од 1991 година, кога Меѓународната федерација на преведувачите го прогласи овој ден за ден на преведувачи со цел ширење на свеста за важноста на оваа професија и искажување на солидарноста со колегите ширум светот.

Свети Еероним или Еероним (Еусебиус Сопхрониус Хиеронумус) е роден 347 година во Стридон, неидентификуван римски град на подрачје на денешна Хрватска или Словенија, а умрел 420 година во Витлеем. Ероним бил еден од најплодните ранохристијански писатели и преведувачи и со векови се смета за заштитник на преведувачите. Токму тоа е причината зошто Меѓународната федерација на преведувачи го одбра неговиот ден за славење на преведувачката професија.

Брзината на информацијата и потребата од нејзината размена ја направи преведувачката дејност неопходна како никогаш порано. Во овој глобализиран свет, прецизното пренесување на пораката останува одговорност на преведувачот. Иако многу нешта во начините на комуниција се изменија, алатките се збогатија, суштината на преведувачката професија остана иста, размена на идеи меѓу различни култури и јазици, на различни нивоа.

Од оваа година и Генералното собрание на Обединетите нации со резолуцијата 71/788, го прогласи 30 септември заМеѓународниот ден на преведувачите“, потврдуваjќи го значењето на преведувачката професија во поврзувањето на нациите, одржување на дијалогот, разбирањето и соработката, развивајќи го мирот и сигурноста.

Во продолжение неколку ставови на врвни домашни преведувачи, како честитка до сите кои ја чинат преведувачката индустрија кај нас (предведувачи, писатели и лектори).

Медијатор меѓу култури и јазици

Ксенија Чочкова – преведувач од германски јазик

Да се биде литературен преведувач е многу благородна работа, бидејќи преку преведувањето отвораме нови светови, откриваме нови култури, кои потоа на мајчиниот јазик се обидуваме да им ги пренесеме на читателите и да бидеме своевидни медијатори меѓу тие два јазика и култури. Неблагодарното во работата, ако воопшто може да се нарече така, е тоа што преведувачот најчесто целосно е во сенка на писателот и делото, кое го преведува. Меѓународниот ден на преведувачите е своевидно потсетување за значењето на луѓето што стојат зад преводите и јас лично го доживувам како мало прославување на трудот што го вложувам сите овие години. Бидејќи најчесто преведувам дела од автори од германското говорно подрачје, не би можела да кажам дека се чувствувам како амбасадор на малите народи, меѓутоа во ретките пригоди кога можам да преведам нешто од македонски на германски јазик, тогаш сум среќна што сум можела да ѝ понудам дел од мојата земја и култура на германската читателска публика.

 

Секој преведувач е втор автор на книжевното дело

Стево Божинов – преведувач од англиски јазик

Меѓународниот ден на преведувачите го доживувам како триумф на космополитизмот од причина што преведувачот е тој што го премостува јазот не само помеѓу различните јазици, туку и помеѓу различните култури и традиции. Преведувачот е тој што ги изнесува великаните на светската книжевност од нивната матична земја и ги пренесува, односно преведува, во земјата од која тој доаѓа. Меѓународното признавање на значењето на оваа професија е секако заслужено, бидејќи доколку не би имало преведувачи, тогаш говорителите на само еден јазик би биле осудени на изолација. Благодарение на преведувачите, глобализацијата го достигна нивото на кое што е и им овозможни на луѓето ширум светот да читаат секаква литература, да патуваат во културолошки далечни краишта и да запознаваат различни традиции, култури и навики и да учат од истите.

Професијата преведувач е благородна професија за која одличното познавање јазици е само предуслов за да може некој да проба да прави превод. Вистинскиот преведувач не е само одличен познавач на јазици, туку тој е и таканаречен втор автор на делото што го преведува. Тој треба да располага со создавачка моќ и да го пренесува, поточно преведува, значењето на оригиналниот текст, кое пак може мошне лесно да се слизне, односно изгуби, во безгазерните длабочини на јазикот.

Не знам колку може преведувачот да се нарече амбасадор на малите народи. Веројатно тој е дел од таквиот механизам, можеби и суштинскиот дел, но сепак, како што велеше мојот професор по превод (Драги Михајловски), „добриот преведувач мора секогаш да биде во сенка“, бидејќи природата на таквата работа е преводот да не може никогаш да го достигне оригиналот. Преведувачот може со натчовечки напори само да го донесе преводот колку што е можно поблиску од оригиналниот текст. Затоа, јас би рекол дека вистинските амбасадори се авторите, а преведувачите само го расчистуваат патот пред нив.

Преведувањето е инженерска професија

Јасна Шоптрајанова – преведувач од англиски јазик

Преведувањето е чудесна професија во која јас (дипломиран електроинженер) се најдов случајно, но навистина се најдов и таа ми даде можност да се остварам професионално, да научам многу, на многу разнородни теми, да учествувам во некои историски мигови за нашата земја, а и да посетам места и институции каде инаку никогаш не би отишла. Преведувањето е многу повеќе од познавање неколку јазици; во таа смисла, и тоа е инженерска професија што овозможува испратениот сигнал да стаса чист на одредиштето, незагаден од шум да се провре низ морето јазични, културни и социолошки препреки и да придонесе зборовите да се претворат во нешто повеќе.
Меѓународниот ден на преведувачите оддава признание не само на нашите вештини, туку и општо, на воспоставената култура на почитување на разновидноста.

 

И покрај големите трошоци и сложената логистика, секогаш се инсистира на меѓународните настани секој да може да се изрази на својот јазик, да се чујат сите јазици од големите семејства на народите – и мислам дека грешат нашите делегации секогаш кога сакаат да се покажат практични и кооперативни и велат дека не им треба превод на македонски, ќе слушаат од некој од соседните јазици – а притоа пропуштаат да искористат и на светот да го покажат еден од прерогативите на нашата државност.

Кога почесто би се слушал македонскиот јазик, помалку би имало и дискусии дали е тоа јазик, или дијалект, или вештачка творевина – едноставно, сите би можеле непосредно да го чујат и да се уверат.

Не сакам да помине денов, а да не се сетам на Огнен Чемерски, колегата со кој имаме биено многу битки за стандардизирање на административно-реформската терминологија (во отсуство на официјален систем за стандардизирање, што е вечно болно прашање). Книжевниот превод не е моја сфера, но и како колешка и како читател сум фасцинирана од работата на Огнен (за која мислевме дека ќе биде допрва вовед во еден голем опус) и би сакала уште еднаш да апелирам да се востанови преведувачка награда во негова чест, во чест на компасот што го даде и како професор, и како истражувач на (морепловечка) терминологија што мислевме дека воопшто ја немаме.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.