Поглаварот на Римокатоличката црква во книгата што му е посветена и треба да излезе во септември, зборува за односите кон жените, „комунистичката“ страна на христијаните и „авантурата“ во психоанализата, пренесува дневниот весник „Фигаро“.
Папата Франциско во книгата зборува за прашања што се чувствителни за Римокатоличката црква, како што е секуларност, отворање на границите за мигрантите, свештеници-педофили, хомосексуален брак и односот на општеството кон исламот.
Папата на необичен начин ги споменува и луѓето кои му значат во животот, меѓу кои има и жени.
„Му благодарам на Бога, бидејќи во животот ги запознав вистинските жени“, вели папата, наведувајќи ги својата баба, мајка и сестра.
„Имав и симпатии во младоста. Контактите со жените ме збогатија“, вели папата и додава дека знае за моќта на жените работите да ги гледаат поинаку и дека е неопходно да се слушне нивниот глас.
Папата Франциско (80) признава дека бил под влијание на комунистичката активистка Естер Балестино де Кареага, која е убиена за време на диктатурата во Аргентина (1976-1983), веднаш по основањето на движењето на мајки кои го осудиле исчезнувањето или убиствата на деца за време на тој режим.
Поглаварот на Римокатоличката црква исто така признава дека на 42 години, еднаш неделно во текот на шест месеци, посетувал една психоаналитичарка, Еврејка, која многу му помогнала.
Папата Франциско, кој потекнува од Аргентина, беше избран за папа во 2013 година, претходно беше надбискуп во Буенос Аирес. Тој е првиот неевропеец на оваа функција во последните 1200 години.
Извор: