Таа би филмувала расказ. Ја инспирира магичниот реализам во литературата. Сака, во иднина, со допир да се влегува во книгата, холограмски. И вака звучи неверојатно, филмски, но тоа е нејзиниот свет, режисерката Марија Џиџева.Марија, колку книги треба да се „изедат“ во животот за да се стигне до професијата режисерка, особено ако се има на ум дека ФДУ е ваш втор факултет, по завршувањето на македонска книжевност?
Многу книги, многу… Ама, не да се „изедат“, туку да се износат на раце. Торби и кутии со книги, многу, многу тешки, што ги носиш со себе низ безбројните селења. J Но, не за да се стигне до професијата режисерка, туку едноставно, да се стигне до себеси. Сепак, да не звучам многу филозофски. Најверојатно чувството за читање се добива уште од најрана училишна возраст и оттогаш или читаш или не читаш. Ако си од првите, читањето книги е составен дел од себе и тоа ти преставува и храна и гориво и енергија без која не можеш да одиш напред.
Која книга ти направи пресврт во животот, па литературата ја замени со режијата?
Немаше таква книга. Немав таков пресврт во животот. Имав само желба да студирам режија, така тогаш си го дефинирав тоа што сакам да го правам во животот – да откривам и да создавам нови светови. И кога се запишував на факултет таа година немаше приемен испит за режија, па се запишав на книжевност за да не правам пауза. Следната година, конкурирав на приемен на ФДУ, но не ме примија и во меѓувреме, додека чекав четири години да се отвори нова класа за режија, дипломирав книжевност.
Каква литературата те инспирира за екранизација, филм или, пак, повеќе ве провоцира суровиот живот? Или, дали има дело за кое сакаш да направиш филм?
Емоцијата ме инспирира. Кога ќе почнам да читам, ако почувствувам нешто или ако се препознам себеси или некој близок во нарацијата, тогаш почнувам да размислувам како тоа би се раскажало визуелно. И сè е дел од суровиот живот, секој карактер од книга, колку да припаѓа во различно време или да е раскажан во различен жанр, тој е многу реален. Но, кога би требала да одбирам, тогаш би се обидела со магичен реализам. Дипломскиот филм ни беше адаптација на кратка прозна творба и тогаш работев расказ од Марио Бенедети „Мис Амнезија“. И има еден расказ што многу ѝ се допадна на мајка ми „Пеперутка на зрно калинка“, и тој со задоволство би го направила во филм за неа.
Што читаш? Кога читаш?
Честопати си помислувам дека воопшто не читам. Барем не така како што си мислам дека треба да читам. А, читам сè и сешто. Читам книги за факултет, книги што ми требаат во работата, кога истражувам за нешто… но тоа не го доживувам како вистинско читање затоа што навистина не знам кај го изгубив тој момент кога можев да се опуштам и да прочитам цела книга во еден здив за еден ден.
По кој критериум ја одбираш книгата што сакаш да ја прочиташ?
Сакам сама да ја откријам книгата. Сакам да ја почувствувам, да ја отворам, да прочитам неколку реченици. Многу ми е убаво чувството на барање книга. Првата година, кога се запишав на факултет, имавме задача да ја прочитаме „Поетика“ од Аристотел. Отидов во Универзитетска библиотека и почнав да ја барам книгата. Имаше повеќе примероци од разни изданија. Но, моментот, кога најдов картонче на кое пишуваше „Поетика“, Аристотел, 1901 година, си го паметам цел живот. И тремата и возбудата кога ја држев книгата од 1901 година во рацете и радоста со која ја читав. И, иако ја имам дома истата книга, во ново издание, никогаш не сум ја почувствувала истата среќа кога сум ја препочитувала. Ете, тоа за мене е таа магичност на книгата што привлекува да ја прочиташ.
Како стигнуваш до книгите: книжарница, библиотека или е-книга?

,Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ од Билјана Црвенковска, е изборот на Марија Џиџева
Многу сакам библиотеки, но исто така ми се допаѓа што последните години, кај нас, има фестивали за литература, каде што можеш да си седнеш и да ги слушаш писателите како читаат делови од своите дела. Таа директна комуникација со авторите ми е најбрзиот пат до книгата. Веднаш можам да почувствувам која книга сакам да ја читам. И тогаш не ми е важно од каде ќе ја земам, сакам само да ја прочитам.Кој филм, според книга, ти има оставено најмногу впечаток?
Има многу филмови, но еве ако во моментов треба да напишам, тогаш тоа би биле филмовите со Хари Потер, барем првите дела, затоа што имав можност книгите да ги прочитам и на македонски и на англиски јазик и да ја почувствувам истата енергија и емоција и во филмовите.
Кој лик од книга е најдобро екранизиран?
Многу ликови. Но, еве прва асоцијација Антони Хопкинс како Ханибал Лектор, во ,,Кога јагнињата ќе стивнат“.
Од кои причини денес треба да читаме и што најмногу?
Читањето е најдобрата индивидуална работа. Нема причини – или сакаш да читаш или не сакаш. Изборот е многу голем, а најголемиот предизвик е како да се доближи до читателите, посебно до новите генерации кои многу добро функционираат на допир. Многу би било добро, да си купиш или позајмиш книга и да има нешто како екран и да го допреш и да ти се отвори цел еден холограмски свет и храбро влегуваш во приказната. J
Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?
,,Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ од Билјана Црвенковска, една прекрасна книга, што со радост си ја прочитав и сакам да им биде интересно патување ова лето на моите две внуки.