Извадок од „И така, ви велам…“ од Џон Клиз
Значи мојот социјален живот не содржеше многу настани: по некое кари, по некој филм, редовно одење на кафе со малку пријатели и одвреме-навреме, по некоја забава.
На една од нив првпат се опив. Мојот стар другар од Клифтон, Едријан Аптон, ме покани на неговата роденденска забава и ме дочека со предизвик – да испразнам „на екс“ една чаша југословенски ризлинг. И тоа и го сторив, мислејќи си дека сум многу кул. По петнаесетина минути, тој повторно ми го зададе истиот предизвик. За старото другарство! Набргу се чувствував беспричински среќно, а потоа малку ми се вртеше, но бев уште посреќен, зашто Едријан ги засилил пијалаците. Две третини од секоја чаша ризлинг била џин. И тогаш би кабаре. Синот на генералниот секретар на Обединетите нации почна да се кара со Едријан и почнаа да летаат и удари. Но, не до паѓање, зашто Едријан и тој стоеја на толкава оддалеченост еден од друг што можеа да се допрат само кога, во текот на нивното лудачко мавтање како ветерници еден накај друг, понекогаш ќе си ги поткачеа зглобовите на прстите. Беше прекрасно.
Глетката на таква лудачка агресија што произведува толку минорни резултати ме погоди како нешто епохално смешно. Ако кон ова се додаде фактот дека едниот од борците беше син на човекот кој, повеќе од сите други, се трудеше да го намали бројот на судири во светот, тогаш тепачката го добиваше целиот изглед на фарса напишана од божествена рака. Толку се смеев што сите почнаа да ме гледаат како некаков спектакл. Ова ги изнервира борците и брзината на мавтањето како ветерници стана уште полудачка – и посмешна. Во тој миг почна да ми се врти собата, да ми се лоши и ме совладаа паника и каење, па така бев принуден да се сосредоточам врз сопствениот опстанок.
Оттогаш никогаш веќе не сум се опил вистински.