„Бегалци во сопствената земја“ – инспирација за македонски уметници
Арс Ламина публикации преку проектот „Прошетка низ Европа„ и магазинот „Лице в лице“ ќе имаат заеднички настап на фестивалот за процесирање култура, „ДримОN“.
„Предизвиците со кои се соочуваат повратниците во земјава, при процесот на нивната интеграција, добија и свој лик, и тоа преку делата на 10 македонски уметници/дизајнери, кои искреираа визуелни решенија што ја третираат нивната положба, а кои за прв пат ќе бидат претставени утревечер (28 јули) на изложбата Бегалци во сопствената земја, во рамки на Фестивалот за процесирање култура, ДримОN. Поставката ќе следи по официјалната промоција на новиот број на Лице в лице, посветен на истата тема, на Летната сцена во Центарот за култура Браќа Миладиновци“, велат од Лице в Лице.
Тие додаваат дека Лице в лице, како Платформа која се бори за социјалните односно за човековите права, одлучиле посериозно да го третираат прашањето за повратниците кои што се маргинализирани на повеќе основи. „Во потрага по подобар живот многубројни семејства ги напуштаат своите домови. Но, што кога тие, сеедно од која причина, се принудени да се вратат во матичната земја? Низ подготвките на овој број, сфативме дека проблемот е многу комплексен. Згора на тоа раѓа и нови бездомници – и јавни и потенцијални, старо-нови маргинализирани лица со потежок багаж на грбот“, објаснува Климентина Илијевски, главна и одговорна уредничка на Лице в лице.
На промоцијата и на отворањето на изложбата, присутните ќе имаат и привилегија, со купен број на Лице в лице, да добијат и книга, издание на „Арс Ламина“, по цена од 100 денари. Оваа акција е дел од соработката на „Прошетка низ Европа“ и „Лице в лице“, во чии рамки издавачот Арс Ламина донираше 500 книги на Лице в лице, кои продавачите можат да ги продаваат, задржувајќи го целосно профитот за себе, а со цел да се овозможат дополнителни приходи на оваа ранлива категорија.