Top 10 книги за летово

Вообичаената пропорција со која се соочуваат страсните вљубеници во литературата вели „Многу добри книги, малку време“. Но, за среќа одморите го менуваат тој однос, па можеме да зборуваме за „тамам време за две-три книги“. Направивме избор од различни жанрови, книги за млади, чик-лит, биографии, детективски романи и современи романи, за да ја задоволите вашата потреба од добра книга. Ова е изборот на топ 10 книги за ова лето на „Арс Либрис“.

  1. „Светот на рамена“ – Џенифер Нивен

Сите мислат дека знаат сè за Либи Страут, но никој никогаш не се обидел да погледне подлабоко во неа и вистински да ја запознае. По ненадејната смрт на нејзината мајка, Либи се затвора дома, но сега таа е подготвена: за средното училиште, за новите пријатели, за љубовта и за СЕКОЈА МОЖНОСТ ШТО Ѝ ЈА НУДИ ЖИВОТОТ.

Сакам да бидам девојката која може да стори сè.

Исто така, сите мислат дека знаат сè за Џек Маселин. Да, тој е секси и фраер во секоја смисла на зборот. Но, зад неговата самодоверба, тој крие тајна што мора да ја чува во себе по секоја цена.
Биди шармантен. Биди проклето пресмешен. Не зближувај се со никого.

Тогаш Џек ја запознава Либи. И нивните светови се менуваат. Бидејќи понекогаш, кога ќе запознаете некого, целиот свет доаѓа во фокус.

Оваа книга за млади на Џенифер Нивен ни дава уште една потресна и возбудлива љубовна приказна за пронаоѓањето токму на онаа личност што ве гледа и ве сака такви какви што сте.

  1. „Отчукувања“ – Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес

Добрата страна?! Добра е и има нов мобилен, па конечно може да зборува со сите преку „Хартбитс“.

17:05

Лошата страна?! Не се сеќава на трите дена што ѝ претходат на несреќата. Што ли се случило за време на тие денови? Кој ли е тој Феникс, кој не престанува да ѝ пишува пораки? И зошто секогаш кога Елија ќе помисли на она што можела да го заборави… чувствува дека ѝ недостига воздух.

Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес направија невообичаен роман за млади кој преку апликацијата „Хартбитс“ го пренесува животот на младите и нивните соочувања со предизвиците на животот.

  1. „Биди со мене“ – Џенифер Л. Арментраут (Џеј Лин)

Дали Тереза и Џејс имаат шанса да бидат заедно или животот има друг план?

Тереза е вљубена во најдобриот другар на брат ѝ, но тој не зборува со неа откако се бакнаа – еден неверојатен бакнеж што ти го менува животот засекогаш. Потоа, таа излезе од една ужасна врска. А сега, повредата со која се здоби може да стави крај на нејзината кариера како танчарка. Време е за план Б: колеџ!

А можеби ќе има и шанса да го убеди Џејс дека тоа што постои меѓу нив е она вистинското.

Џејс крие огромна тајна што не ја кажува никому – особено не на Тереза. Иако тие се бакнаа – со најжешкиот бакнеж во неговиот живот – тој знае дека мора да им даде приоритет на други нешта. И нема време за врска. Но, постојано мисли само на бакнувањето со девојката која може да му уништи сè.

Сепак, Џејс и Тереза веќе не можат да ги негираат чувствата што ги имаат еден за друг. Но, опасноста демне и се случува трагедија. Додека кампусот закрепнува од страшната случка, судбоносно вљубениот пар мора да одлучи што се подготвени да ризикуваат за да бидат заедно и дали се подготвени да го изгубат тоа доколку врската не успее…

  1. „Бебето на Бриџит Џонс“ – Хелен Филдинг

Ова е четвртата книга од серијалот за „Бриџит Џонс“ на која ѝ претходеа: „Дневникот на Бриџит Џонс“, „Бриџит Џонс: На работ на разумот“ и „Бриџит Џонс: Луда по него“.

Бриџит Џонс, нашиот омилен лик и светски феномен, е повторно со нас, но овој пат како трудница во романот „Бебето на Бриџит Џонс“.

Бриџит Џонс се наоѓа пред нејзината најважна животна улога. Во години е кога сите отстрана и велат дека биолошкиот часовник отчукува и мора да роди дете.

По низа смешни ситуации својствени само на неа, таа останува бремена – но не баш како што си замислувала цел живот. Во текот на бременоста се соочува со безброј сплетки, неверојатни моменти и хаос при прегледите на ултразвук и вежбите за подготовка за породување, но никогаш не ја напушта желбата за печени компири со ренданo сирење. А сепак, клучното и најнепријатно прашање што станува белег целата бременост е – кој е таткото?

Бриџит не би била Бриџит ако не нè насмее до
солзи со сето она што ѝ се случува, сета романтика, радост и очај, каде што секогаш на крајот нештата завршуваат на убав начин што предизвикува пријатни и позитивни чувства.

„Суштината на ликот на Бриџит Џонс е во јазот помеѓу она што би требало да бидеме и она што навистина сме. Сега, во текот на бременоста полна со изненадувања, Бриџит ја открива разликата помеѓу тоа каков живот очекуваме и каков е животот во реалноста кога стануваме свесни дека ќе имаме бебе“, Хелен Филдинг.

  1. „Фајронт во Сараево“ – д-р Неле Карајлиќ

„Фајронт во Сараево“ раскажува приказна што почнува во една кафеана во Младеновац и, патувајќи кон Првото коронарно одделение на Ургентниот центар во Белград, суптилно се пренесува четириесетина години наназад, во предвоено Сараево, каде што границите на универзумот не ги надминуваат границите на Кошево, а носител на успехот и смислата на животот е фудбалскиот клуб „Жељо“.

Д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење“ и на „Топ-листа на надреалистите“, се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни. Тој патува во спомените испреплетени со сегашноста и пред читателите се открива како сонувач, жртва, визионер и вечен извор на идеи. Влијанието на „Забрането пушење“ во тогашниот југословенски и постјугословенски контекст е огромно и во оваа приказна добиваме една поинаква перспектива на историјата на рокенролот.

Пред нас се простира топла, емотивна и неодолива приказна за едно детско растење, созревање и стареење во земја натопена со крв, болка и нетрпеливост. На искрен, емотивен и духовит начин, оваа книга зборува за тоа како почна и како заврши сè.

„Фајронт во Сараево“ е најпродаваната книга на штандот на „Literatura.mk“ на годинешниот саем на книгата.

 

  1. „И така, ви велам…“ – Џон Клиз

Автобиографијата на Џон Клиз е сето она што се очекува од нејзиниот автор – луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја за тоа како едно високо, срамежливо момче од Вестон-супер-Мер стана своевидна легенда.

Во овој интензивен и реномиран мемоар, Клиз ги води читателите на голема турнеја низ неговиот подем во светот на шоу-бизнисот, поаѓајќи од скромните почетоци во сонливиот роден град и раните комични денови на Универзитетот Кембриџ (во друштво на идниот партнер во славните „Монти Пајтон“, Греам Чепмен) до основањето на прочуената комична група што ќе му донесе светска слава.

Низ изненадувачки приказни и смешни дигресии со кратки попатни поетички паузи за тоа што е смешно, според една своја издржана дефиниција, и зошто е така, Клиз ја раскажува личната метаморфоза од млад комичар во мајстор на изведбата.

  1. „Меси: приказна за момчето што стана легенда“ – Лука Кајоли

El Pibe de Oro. Златното момче. Сенката на Диего Марадона виси на аргентинскиот и светскиот фудбал.

Десетици фудбалски ѕвезди се именувани како негови наследници.

Во 2007 година, редот конечно доаѓа и до Лионел Меси.

Три години подоцна, Меси – El Pulga, Болвата – е веќе шампион на Европа и носител на златен олимписки медал, добитник на Златната топка на ФИФА со рекорден број гласови, херој на милиони ширум светот, можеби природно најталентираниот фудбалер што некогаш истрчал на зелените терени… Овој пат новинарите се во право: фудбалскиот свет има свој нов Марадона. Можеби и подобар од Диего.

Црпејќи информации од низа интервјуа и сведоштва (од родителите на Меси и неговиот брат, неговите блиски и далечни роднини, неговите први тренери и нивните големи наследници, како и, за крај, самиот Меси), во прецизно насловената „Приказна за момчето што стана легенда”, познатиот спортски биограф Лука Кајоли дава динамичен, лесно читлив и живописен преглед на една фасцинантна кариера што од болникаво момче со хормонални проблеми ќе создаде блескава инспирација и уште посјајна фудбалска ѕвезда – веќе овековечена на сите спортски неба.

  1. „Смртта на Бани Манро“ – Ник Кејв

Ова е втор роман на Ник Кејв, познатиот пејач и предводник на групата „Ник Кејв енд д Бед Сидс“, напишан цели дваесет години по неговиот прв роман, „И магарето го виде ангелот“.

Романот е приказ на последното патување, на „последната зделка“ на патувачкиот трговец Бани Манро, кој на крајот на неговиот животен пат се соочува со спогодбата за сопствената душа.

Бани Манро е средовечен и многу порочен развратник, кому по злоупотребата на многу жени и на многу алкохол, како казна му стигнува самоубиството на неговата сопруга и, воедно, мајка на неговиот син, Бани Помладиот, кој сега останува во негова грижа. Романот го опишува неговиот последен ден „на работа“ во Брајтон и околината, инаку местото каде што навистина живее и авторот на романот – самиот Ник Кејв.

„Смртта на Бани Манро“ е еден роман од кој неминовно избива карактеристичниот мрачен и саркастичен хумор на еден од најхаризматичните и најоригинални рок-икони на крајот на 20 и почетокот на 21 век, кој со овој бестселер се потврдува и како оригинален и автентичен романописец.

  1. „Презир“ – Алберто Моравија

Младиот Рикардо Молтени, кој на себе гледа како на писател-интелектуалец, има работа што ја презира за продуцент, кој исто така го презира. Неговиот ангажман е осмислен само од желбата да ги задоволи потребите на својата жена Емилија со цел да ја осигури нејзината љубов. Но, два инцидента ги гасат љубовните искри. Првиот: Емилија го фаќа Рикардо како се бакнува со неговата секретарка. Вториот: продуцентот Батиста го кани младиот брачен пар во својата куќа,
но во неговиот спортски двосед има место само за Емилија, па таа останува подолго време сама со Батиста. Емилија смета дека е вулгарно понудена на продуцентот,
за Рикардо да напредува во кариерата. Дали инцидентите го означуваат почетокот на процесот на дезинтеграција на бракот или тој треба да се бара многу порано:
во здодевноста и навиките, во егоизмот и нарцисоидноста, во трајното отсуство
на интерес да се разберат жртвите што ги бара љубовта?

Бескомпромисна анализа на очајот и самозалажувањето во емоционалниот вакуум на модерните консумерски општества, „Презир“ ги содржи сите квалитети што го прават стилот на Моравија препознатлив: студената прецизност на изразот, минуциозните портрети на психолошки комплексни личности и храбрите описи на сексуалноста. Во 1999 година, според анкета на францускиот весник „Ле Монд“, „Презир“ е прогласена за 48-та најдобра книга на дваесеттиот век.

  1. „Долината на стравот“ – Артур Конан Дојл

Шерлок Холмс е заинтригиран и вознемирен кога ќе прими една злокобна кодирана порака: господинот Даглас од дворецот во Бирлстоун е во смртна опасност. Но, пред Холмс да успее да стори нешто, пристигнуваат шокантни вести. Даглас е пронајден мртов. Главата му е разнесена со сачмарка. Скотланд Јард е збунет: дали се работи за самоубиство или за убиство?

Но, според Холмс, нема никакво сомнение дека случајот е убиство, затоа што кодираната порака е испратена од човекот под псевдоним Порлок, еден од агентите на вечниот непријател на Холмс, професорот Моријарти.

„Тоа е Долината на стравот, Долината на смртта. Неискажлив страв од самрак до зори е вгнезден во срцата на луѓето. Почекајте, момче, и самиот ќе се уверите.“

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s