Во Градскиот парк во Скопје, под отворено небо, денес, четврток од 21 часот ќе ечи музиката на една од највлијателните музички групи на сите времиња, „Пинк Флојд“Јубилејниот, десетти спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга!!!“, ни ги носи вечните теми на музичката четворка и тоа со симфониски оркестар. „Железниот репертоар“ на Пинк Флојд– класиците како: „Shine On You Crazy Diamond“, „Money“, „Us and Them“, „Another Brick in The Wall“, „Wish You Were Here“, „Speak To Me“, „Breathe“, „On The Run“, „Astronomy Domine“, не беа предизвик само за Лондонскиот симфониски оркестар пред дваесетина години, туку се предизвик и за Македонската филхармонија и Младинскиот Културен Центар.
Автор на оркестрациите и диригент е Џијан Емин, а солист на концертот е Ади Имери – вокал и гитара.
И годинава на подарок добивате добра книга – „За одењето по мраз“ од Вернер Херцог, а мелем за очи повторно ќе бидат ликовните перформанси, овојпат на уметниците Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо.