Таа е вљубеник во книжарници. Ретко подарува книги, бидејќи ги купува за себе, а потоа ги раздава, па во тој процес битно е книгата да патува од рака на рака за да си ја пренесе пораката. Како хероина од детска книга при секоја средба нè потсетува на неопходноста на слободниот детски дух во нас. Ова е библиотеката на актерката Соња Стамболџиоска.
Покрај портокаловата коса, кои други допирни точки ги имаат Пипи Долгиот Чорап и Соња Стамболџиоска?
Би рекла никакви, но веднаш се јавува едно гласче што постoјано се чуди – „E, зошто мора ова баш така да го направам, кога вака е поинтересно за сите“ и си ја наведнувам портокаловата глава и ја прифаќам судбината дека засекогаш за многу луѓе ќе бидам олицетворение на слободен детски дух.
Меѓу театарот и филмот, каде во твојот живот е сместена литературата?
Сè почнува од литература, барем за глумците. Паметејќи разни текстови, информациите од реалноста се нечие туѓо секојдневие, а ние си ги присвојуваме измислените зборови и ги правиме наше секојдневие.
Што читаш? Кога читаш?
Читам наутро со кафе или навечер пред спиење. Навечер гледам да е нешто полесно, а наутро знам да го предизвикам кафето да се трка со некоја тешка мисла што ќе ме разбуди побрзо.
Дали има ли некое дело или лик што сакаш да го одиграш?
Сакала-нејќела, сѐ што читам преживувам, професионална деформација. Ако нешто ми фати душа, гледам да го пронајдам во ликот што го подготвувам периодот. Ако не го најдам, оди на закачалка во гримиорна да си ја дочека пригодата.
По кој критериум ја одбираш книгата што сакаш да ја прочиташ?
Сакам да читам македонски преводи, така што издавачот ми е на прво место и се разбира авторот. Често знам да одберам книга поради земјата од која потекнува авторот, ако конкретната земја ми е недоволно позната.
Како стигнуваш до книгите: книжарница, библиотека или е-книга?
Книжарница forever!
Со кој лик од книга се идентификуваш и зошто?
Со сите и со никого.Дали подаруваш книги?
Многу повеќе купувам за себе и потоа ги раздавам по луѓе и не очекувам да ми ги вратат, само нека продолжат со раздавањето. На толку многу книги за препрочитување, нема време. А ако наменски подарувам книга, тогаш одбирам книга според жанрот, на кој човек каква книга му подарувам.
Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?
„Долината на стравот“ од Артур Конан Дојл, поради Артур Конан Дојл и поради Шерлок Холмс.