Вработена во украинската библиотека во Москва е условно осудена на четири години затвор поради „екстремизам“ и проневера, на „политички мотивираното“ судење, како што таа го оценува тоа
Судот во Москва во образложението наведува дека „успеал во целост да докаже вината“ на Наталија Шарина и ја осудил со четири години затвор условно, објавува „Франс прес“.
Шарина, која од 2015 година била во домашен притвор, е обвинета дека преку „екстремистичка литература“ во својата библиотека ширела етничка омраза и проневерила повеќе од два милиона рубљи, односно 34 илјади евра.
„Не ја разбирам пресудата, таа нема никаква поврзаност со реалноста“, вели Шарина, оценувајќи го судењето како „политички мотивирано“.
„Ниту една од книгите на кои се повика судот во процесот, не е дел од нашата читална, ниту, пак, од нашите магацини“, истакнува таа.
Нејзиниот адвокат Иван Павлов изјави дека книгите воопшто не го имаат жигот на нејзината библиотека и тврди дека некој „намернo“ ги оставил кај нea.
Невладината организација „Амнести интернешнал“ ова судење го нарекува „правосудна лакрдија“, истакнувајќи дека пресудата ги потврдува големите недостатоци на независното руско правосудство.
Како што наведува руското обвинителство, Наталија Шарина од 2011 година ги издавала книгите на Дмитриј Корчински, кои се оценети како „литература со екстремистичка содржина“ и затоа се забранети во Русија. Дмитриј Кочински е контроверзен украински политичар, кој учествувал во основањето на ултранационалистичката група УНА-УНСО, а потоа ја основал радикалната група „Братство“. Со своите поддржувачи учествувал на протестите во 2014 година на Мејдан во Киев, кои го забрзаа падот на прорускиот украински претседател Виктор Јанукович.
Извор:
http://rs.n1info.com/a273877/Svet/Svet/Bibliotekarka-u-Moskvi-osudjena-zbog-ekstremizma.html