Оскар Вајлд е мојот предизвик

Тој и театарот се познаваат многу долго. Се чувствуваат, како кадифе на дланка. Не кријат ништо еден од друг. Во литературата ја наоѓаат основата за нивната врска, но тој дневната доза инспирација за творење ја наоѓа во јапонската култура. Благој Мицевски, костимограф, режисер и директор на Битолскиот театар, ни ја отвори својата библиотека.

Литературата е основа на работата што ја работам – вели Благој Мицевски

Благој, Битолскиот театар одамна излезе од границите на Македонија. Какво чувство имаш сега, пред турнејата на театарот во Торонто, петтиот Шекспир фестивал, новата премиера за Охридско лето, „Сон на летната ноќ“… Дали татарот и неговиот ансамбл го допреа врвот?

Па, се чувствувам работно, возбудено и задоволно. Работно, затоа што годинава реализиравме шест нови премиери и работиме на уште еден голем проект, чијашто премиера ќе се случи на Охридско лето. Возбудено, затоа што секое ново патување и претставување на театарот во странство е нов предизвик и ново искуство, како за мене, така и за актерите. Задоволно, пак, затоа што мојата програма како уметнички директор на Битолскиот театар во последните шест години, што ја нареков „Нови хоризонти“, мислам дека во целост ги постигна своите цели и ги оправда очекувањата. Во таа смисла, театарот навистина излезе од своите рамки, соработувајќи со значајни режисерски имиња и претставувајќи се во светски театарски и културни центри. Во овој момент мислам дека театарот достигна ниво што е значајно и ќе се памети како такво, а иако можеби звучи нескромно мислам дека тешко ќе може да се надмине.

Независно што веќе подолг период извршуваш „административна“ функција, директор на Битолскиот театар, вешто балансираш работејќи го и својот занает како костимограф и режисер. Што повеќе те прави горд?

Работата како костимограф, а сега и како режисер, ме исполнува максимално и, иако ми е предизвик со секој нов проект, некако ја доживувам како рутинска. Особено сум горд на успехот што со целиот ансамбл го постигнавме реализирајќи толку многу проекти последните години, што од мене бараше поинаков ангажман. Сепак, најмногу ми значи континуитетот на овие проекти.

А какво влијание има литературата на твојата професионална патека?

Литературата е основа на работата што ја работам. Нејзиното влијание беше важно во моето оформување како уметник, но и во секојдневното работење во театарот, затоа што секоја претстава е врз основа на некое драмско дело. Иако најголем дел од литературата што ме интересира и ја поседувам е таканаречената стручна литература тесно поврзана со мојата професија, секако дека често читам и купувам и друг вид книги, што се дел од мојот моментален интерес или потрага по инспирација.

Кој лик од книга во одреден период од животот влијаел на твоите ставови и начин на размислување?

„Големиот Гетсби“ е лик и роман што имаше такво влијание врз мене. Периодот што го опфаќа романот, како и авторот, кој припаѓа на наречена „Изгубената генерација“, ја имаа моќта да влијаат на мојата имагинација и да ми го привлечат вниманието за еден вид, би рекол, фатална привлечност. Ова дело беше инспирација и за мојата дипломска работа како инспирација за костимографија за неговата театарска адаптација.

Покрај препрочитувањата пред одлуката за поставување на сцена, дали постои книга што си ја препрочитал повеќе од трипати, која и зошто или која книга ти ја грее душата?

Ако морам да изберам едно дело или автор кој многупати сум го препрочитувал, тоа е романот „Повест за Соњечка“ од Марина Цветаева. Ова дело беше и инспирација за мојата прва театарска претстава, што на некој начин ме определи како режисер во театарот. Тука, секако, мислам и на целата поезија на Цветаева, како и на големата писмена преписка помеѓу неа, Рилке и Пастернак, што мислам и понатаму да ја читам.

Кое книжевно дело сакаш да го поставиш на сцена како режисер или да го потпишеш како костимограф и во каква форма (балет, опера или театарска претстава)?

„Сликата на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд е мој предизвик и со сигурност би го поставил на сцена како комплетен автор. Тоа е дело и автор, што исто така извршиле големо влијание на мене и можам да го замислам како театарска адаптација. Во таа поставка би додал и дел од есејот „Де Профундус“ од истиот автор, кој, пак, лесно можам да го замислам како интеракција помеѓу еден актер и еден танчар, секој на свој начин би ја отсликале мојата почит и воодушевување на делото на Вајлд.

Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ докрај?

„Јужно од границата западно од сонцето“ како и повеќето дела на Мураками не ги испуштам од рака кога почнувам да ги читам. Јазикот на кој пишува авторот, ликовите во романите, ситуациите и темите што ги обработува се моја литературна опсесија последните години. Свет некаде помеѓу реалноста и фикцијата толку специфичен за еден уметник во кој лесно се снаоѓам и се препознавам.

 

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

Со оглед на тоа што една од моите трајни инспирации е јапонската култура, мода и уметност посебно се израдував дека е преведен расказот „Рашомон и други раскази“ на Рјуносуке Акутагва, кој по својата форма и содржина исто така долго време го замислувам како можна театарска претстава. Посебно се радувам и на изданието на „Јапонските Но драми“, што во најскоро време ќе се најдетално на полициите на мојата домашна библиотека.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.