Пред да стане ѕверка од ловец, пред да стане риболовец во длабоките мориња, Ернест Хемингвеј беше уметник кој стануваше многу рано наутро и пишуваше. Неговите најдобри приказни се ремек-дела на модерното време, а неговиот прозаичен стил е еден од највлијателните на 20 век.

Најдобрите пасуси во книгата „Ернест Хемингвеј за пишувањето“ ја откриваат вештината на неговата фантастична проза
Хемингвеј никогаш не напиша студија за уметноста на пишувањето проза. А сепак, зад себе остави многубројни пасуси во писма, статии и книги со мислења и совети за пишувањето. Во 1984 година, Лери В. Филип собра неколку од најдобрите такви пасуси во книгата Ернест Хемингвеј за пишувањето. Ние избравме седум од нашите омилени цитати од книгата и ги ставивме, заедно со нашите коментари, на оваа страница. Се надеваме дека на сите вам – и на читателите и на писателите – ќе ви бидат фасцинантни.
- За да почнете, напишете една вистинска реченица.
Хемингвеј имаше едноставен трик за надминување на писателската блокада. Во еден впечатлив пасус од „Подвижна гозба“, тој пишува:
„Понекогаш, кога почнував нова приказна и не ми тргнуваше работата, си седнував пред огнот и ја цедев кората од портокалите на крајот од пламените и ги гледав пукотите во сина боја што ги правеа тие. Застанував и гледав над покривите во Париз и помислував: ’Не се секирај. Порано секогаш си пишувал, па ќе пишуваш и сега. Само треба да напишеш една вистинска реченица и потоа продолжи оттаму‘. Тогаш беше лесно, бидејќи секогаш имаше една вистинска реченица што ја знаев или ја бев видел или ја бев слушнал како ја кажува некој. Ако почнев да пишувам во детали или како што некој пишува вовед или претставува нешто, секогаш тие описи или украси ги исфрлав и почнував со првата вистинска исказна реченица што ја бев напишал“.
- Престанете да пишувате за тој ден додека сè уште знаете што ќе се случи понатаму.
Има разлика помеѓу престанување и „заглибување“. За да овозможи стабилен напредок, исполнувањето на дневна квота од зборови, на Хемингвеј му беше помалку важно отколку тоа да биде сигурен дека никогаш нема да го испразни бунарот на својата имагинација. Во една статија од 1935 година за „Есквајр“ („Монолог на маестрото: Писмо од високите мориња“), Хемингвеј го нуди следниот совет за младиот писател:
„Најдобро е да престанете секогаш кога добро ќе ви тргне и кога знаете што ќе се случи следно. Ако го правите тоа секој ден кога пишувате роман, никогаш нема да заглавите. Тоа е највредното нешто што можам да ви го кажам, така што потрудете се да го запомнете тоа“.
- Никогаш не размислувајте за приказната кога не работите.
Надополнувајќи го претходниот совет, Хемингвеј вели никогаш да не размислувате за приказната на која работите пред да почнете повторно следниот ден. „Така вашата потсвест ќе работи на тоа цело време“, пишува тој во еден напис за „Есквајр“. „Но, ако свесно размислувате за тоа или се секирате за тоа, тогаш ќе го убиете истото и вашиот мозок ќе биде преморен пред да почнете“. Подетално го објаснува тоа во „Подвижна гозба“:
„Додека пишував ми беше важно да го препрочитувам она што го бев напишал. Ако постојано размислувате за тоа, тогаш ќе го изгубите она за кое пишувате уште пред да можете да продолжите со истото утредента. Беше неопходно да се прават вежби, да се измори телото и беше многу добро да се води љубов со љубената. Тоа беше подобро од што било друго. Но, подоцна, откако ќе се испразните, беше неопходно да читате со цел да не мислете и да не се секирате за вашето дело додека не успеете повторно да го сторите истото. Досега научив никогаш да не го испразнувам бунарот на моето пишување, туку секогаш да престанувам додека сè уште имаше нешто таму во длабокиот дел од бунарот и дозволував повторно да се наполни ноќта од потоците што го полнеа“.
- Пред повторно да почнете со работа, секогаш прво прочитајте што сте напишале досега
За да ја задржи постојаноста, Хемингвеј си створил навика да го препрочитува она што веќе го имал напишано пред да продолжи понатаму. Во статијата за „Есквајр“ од 1935 година, тој пишува:
„Најдобро е секој ден да читате сè што сте напишале од почетокот, коригирајќи како што напредувате понатаму, па продолжете оттаму каде што сте престанале вчера. Кога текстот ќе стане толку долг што ќе немате време да го правите ова секој ден, тогаш читајте две или три поглавја секој ден; тогаш секоја недела прочитајте го тоа од почетокот. Ете, така се составува сето тоа во еден дел“.
- Не опишувајте ги емоциите, создадете ги.
Блиското набљудување на животот е од суштинско значење за доброто пишување, вели Хемингвеј. Клучот е во тоа не само да гледате и одблиску да ги слушате надворешните настани, туку исто така и да ја забележите секоја емоција што настаните ја поттикнале во вас и прецизно да согледате што е тоа што ја предизвика таквата емоција. Ако можете да го идентификувате конкретното дејство и чувство што ја предизвика емоцијата и да го претставите прецизно и целосно вклопено во вашата приказна, тогаш вашите читатели би требало да ја почувствуваат истата емоција. Во „Смртта во попладнето“, Хемингвеј пишува за своите рани борби за да го усоврши следното:
„Тогаш се обидував да пишувам кога налетав на најголемата тешкотија, покрај тоа да го спознам вистински она што вие навистина го чувствувавте, а не она што требаше да го чувствувате или бевте научени да го чувствувате, а тоа беше да го запишам она што навистина се случуваше во дејството; кои беа оние работи што ја предизвикаа емоцијата што ја искусивте вие. При пишувањето за весник вие рековте што се случило и, со ваков или онаков трик, воспоставивте комуникација со емоцијата потпомогната од елементот навременост, што придава одредена емоција на што било што се случило тој ден; но, вистинското нешто, секвенцијата на движењето и фактот што ја создаде таквата емоција и која би била валидна и по една или по десет години или, со малку среќа и ако ја изразивте доволно чисто, секогаш, беа надвор од мојот дофат и јас работев многу напорно да ги доловам“.
Хемингвеј користеше машина за пишување кога пишуваше писма или статии за списанија, но за сериозните дела претпочиташе молив. Во статија за „Есквајр“ (на која се забележува дека била напишана на машина за пишување), тој вели:„Кога почнувате да пишувате, вие го добивате сиот порив, а читателите не добиваат ништо. Така што, можете да фатите да користите машина за пишување, бидејќи е полесно и повеќе ќе уживате. Откако ќе научите да пишувате, вашата цел ќе биде да покриете сè, секоја глетка, чувство, место и емоција за читателот. За да го постигнете ова, морате да го преработувате она што сте го напишале. Ако пишувате со молив, можете да добиете три различни глетки од истото за да видите дали писателот го добива она што го сакате вие. Првин, кога ќе го препрочитате; потоа, кога го пишувате на машина ќе добиете друга можност да го подобрите и уште еднаш во шпалтите. Ако првин го напишете со молив, ќе добиете уште третина поголеми шанси да го подобрите. Тоа е 0,333, што е добар просек за стрелец. Исто така, тоа подолго време го држи проточно и полесно можете да го подобрите“.
- Бидете кратки.
Хемингвеј беше презрив кон писателите кои, како што самиот велеше, „никогаш не научија како да ѝ кажат не на машината за пишување“. Во едно писмо од 1945 година до својот издавач, Максвел Перкинс, Хемингвеј пишува:
„Не случајно, aдресата Гетисберг е толку кратка. Законите на пишувањето проза се исто толку непроменливи колку и оние на летањето, на математиката, на физиката“.
Извор:
http://www.openculture.com/2013/02/seven_tips_from_ernest_hemingway_on_how_to_write_fiction.html