Извадок: „Фајронт во Сараево“ на д-р Неле Карајлиќ

Извадок од „Фајронт во Сараево“ на д-р Неле Карајлиќ  

ЗА СТАРО САРАЕВО

Главната институција, местото за собирање, беше Клупата. На дното од големиот парк, веднаш крај истоимената кафеана којашто нагалено ја викавме Паркуша, од необјаснива причина и надвор од сите урбанистички закони се собираше млада студентска раја секоја вечер околу седум. Како пингвините што секој ден во исто време излегуваат на островот Филип, јужно од Мелбурн, и ова беше некој вид природен феномен.

Бидејќи во близината беше поставена една долга крива клупа, така некој на овој чуден ритуал му го даде името хипи клупа. Всушност, тука и немаше вистински хипици, туку постарите, поконзервативни кругови, кои му го дадоа ова име на местото, ја нарекуваа целата градска младина хипици. Но, со текот на времето, разликата меѓу хипиците и „нормалната раја“ им стана видлива на сите, па и на традиционалистите, така што во називот на овој феномен остана само Клупата.

На Клупата доаѓаа сите. Илјадници млади знаеја да се соберат во петок за време на топлите летни вечери, да шеткаат наоколу, да зборуваат, да се караат, да вреват, да се смеат. Секој имаше своја приказна, интересирања, тука се склопуваа пријателства, љубови, договори за екскурзија, за на море, Јахорина. Тука секој го наоѓаше оној што му одговараше, со кого е на иста бранова должина, оној што не може да го види во текот на денот.

Метежот на Клупата го затвораше протокот на пешаците од едната и од другата страна на тротоарите, вревата од големиот број луѓе ја боеше сараевската ноќ. Важно беше појавувањето на Клупата, поздравувањето со сите оние што ти значат, игнорирањето на оние на кои си им лут. На Клупата можеше да видиш кој со кого се мува, кој кого не поднесува, кој со кого почнал да се дружи, поради кого таа повеќе не доаѓа на Клупата, зошто тој е со друга, а таа е сè уште сама. На Клупата можеше да видиш и кого го нема, па од тоа да заклучиш што му се случило. На Клупата убаво се гледаше кој е со кого, а кој раскинал, кој кого сака, а кој кого одбегнува, тука се создаваа групи од интерес, оние што го сакаат фудбалот и оние што ја сакаат музиката, оние што не сакаат ништо од ова. Тука се покажуваше што се купило ново, се носеа ретки плочи за курчење пред рајата, се покажуваа нови фризури, фустани, фармерки од Трст, пламнатата кожа после море или Јахорина. Клупата беше сток маркет на пријателствата, љубовта, другарството и среќата. Вол стрит на нашите емоции. Всушност, Клупата беше претходница на Фејсбук.

На Клупата се остануваше до околу девет и пол, потоа ние помладите, кокузите, се враќавме на Кошево опиени со впечатоци, замаени од среќа или од немир, а овие постарите и оние што имаа некоја паричка ја продолжуваа својата возбудлива сараевска ноќ заминувајќи во некои од кафулињата, посебните институции кои во тоа време, во средината на седумдесеттите, ги имаше единствено Сараево.

ЗА ИМЕТО НА ГРУПАТА

Преку своите врски, Муче успеа да нè протне на престижниот сараевски фестивал на млади групи, кој инвентивно се викаше „Нови сили, нови надежи“. Него го осмисли, го организираше и водеше Желимир Алтарац Чичак, ликот што го зазема круцијалното место во историјата на сараевскиот рок енд рол. Тој се занимаваше со музика со посветеност на монарх. Организираше концерти, држеше предавања, работеше на радио, телевизија, пишуваше песни, во сабота и недела ја водеше дискотеката Слога, единствено место каде што можеше да се слушне прогресива. Половина Сараево го прекрсти во приврзеници на рокот. Да имаше Ватикан ваков агитатор, Русија ќе беше католичка земја.

Муче го познаваше и заедно со својот Први чин нè доведе и нас, да отсвириме, малку, без некои поголеми претензии…

Нашиот репертоар се состоеше од неколку „пореметени песни со интелектуална содржина“, како што тоа Муче знаеше да го нарече, а го имавме и идниот голем хит Пензионери на море иду зими.

Десетина денови пред настапот, Муче дојде во Заборав целиот зашеметен, обземен со паника: „Мораме да ù дадеме име на групата! Чичак ноќеска ќе печати плакати, а ние не знаеме ни како се викаме!“

Почна општа дискусија заснована на демократски принципи во која секој даде по некоја идиотска идеја. Се сеќавам, мојата идеја беше групата да се вика Хусеинова свјетлост, според некоја христијанка којашто најмногу ја сакал калифот Хусеин, па ù го дал тоа величествено име. Светлина. Енергично бев одбиен. Живата дискусија провоцира нервоза и стрес, а стресот бара нешто за смирување. Тоа беше време во коешто владееше уверувањето дека најдобриот лек против стресот е цигарата. Не помина ни половина час од панел дискусијата, а Заборав се наполни со чад како турска бања. Тогаш во групата пушеа сите освен мене. Од непознати причини, во Заборав влезе мојата стара. Таа не го правеше тоа често, но изгледа сам Господ ја прати… еден ден пред Чичак да печати плакати.

Нејзиното лице се згрчи од болка кога го вдиша чистиот тутунски чад кој ја прекри просторијата. Жената почна да кашла.

„Овде мора да биде забрането пушењето!“, рече енергично, со глас полн авторитет. Ние се запрепастивме. Почувствувавме просветлување! Ете го името!!! Групата се вика Забрането пушење!!!

Колку беше совршено тоа име! Звучеше панкерски валкано, со многу букви, тврдо, грдо, далеку од секоја естетика, никој што држи до себе не би зел име со толку согласки. З, б, р, њ, н, п, ш, т! Ниеден странец на којшто сум налетал не бил во состојба да го изговори ова име ни приближно коректно.

Освен тоа, и семантиката на името беше повеќеслојна.

Да се пуши, во нашиот сленг, имаше повеќе значења, од сексуален чин, преку кривично дело, до полтронско – политичка активност.

И она што најмногу ја врзуваше историјата на групата со името беше нејзиниот атрибут „забрането“, кој го следеше бендот од самите почетоци. Со други зборови, ретко кога во рок музиката толку јасно се исцрта латинската пословица Nomen est omen (името е знак) како во случајот на групата Забрането пушење.

ЗА ХРКЉУШ

Под тој притисок, во октомври 1989 година, стартуваше втората серија на Надреалистите, пет години после првата. Тоа растојание можеше да биде само уште поголем хендикеп, бидејќи оние што беа залудени од првата серија веќе ја гледаа како дел од својата младост, а ништо не може да се спореди со младоста, дури и таа да е помината во концентрационен логор.

Првите две епизоди не донесоа никакво поместување. Тие беа изведени попрофесионално, ние бевме поувежбани, но не ја погодивме тајната точка, скриена во душата на публиката, после што таа бескрајно ти верува и ти станува лојална онака како што ни беше пет години порано. Сите сè уште нè гледаа со недоверба, како да очекуваа наш кикс, теснување од земја. И тоа е карактеристика на балканскиот менталитет. Радоста од насладувањето од туѓиот пад.

Ќиро вешто нè насочуваше да не излеземе од колосек, за некои скечови дури имавме и сценарио. Но, во текот на снимањето, коешто обично почнуваше два месеци пред емитувањето за да се натрупа материјал, веќе дојде до кошкања меѓу Ќиро и нас. Ќиро имаше свој поглед на хуморот. Не го чувствуваше она заумното што го даваат Надреалистите и што никој не знаеше зошто тоа е смешно, па ниту ние самите. Снимавме еден идиотски скеч на некоја ливада кај Мокро, село во близината на Сараево. Сценариото за тој скеч едно сончево утро ми го донесе Зена, онака поспан и ми рече дека има нешто многу смешно и интересно, па ќе ми го прочита. И ми го прочита сценариото, што имаше две реченици:

Луѓе си подаваат со топка и изговоруваат зборови. Кога еден од нив ќе ја фати топката и ќе изговори „хркљуш“, тој е победникот, а другите со жалење се удираат со тупаници во главата.

Тоа беше целото сценарио!

Кога го прочита тој текст, почна да се смее со онаа своја заразна смеа од длабочината на бронхиите, смеа што те омамува, те фрла во транс и ти повеќе не знаеш дали му се смееш на текстот или на неговото смеење.

Главно, од нашата смеа се тресеше куќата на Зена со сè Бјелаве, а хркљуш веднаш беше ставен на дневниот ред.

Е, тука Ќиро прсна! А имаше целосно право. Тој рече дека не сфаќа што е тука смешно. Не сфаќам ни јас, ама смешно е. За некои работи не знаеш зошто луѓето ги „крадат“, зошто ги прифаќа рајата и зошто ги губат своите автори и стануваат општонародна сопственост.

Сето она што се случуваше со хркљуш по неговото емитување, е директен доказ за тоа. Не е доволно што ние таа имбецилна игра ја одигравме смешно, отсликувајќи го менталитетот на среднобосанскиот селанец, затоа што и тоа можеше да се направи подобро, не е доволно што Надреалистите во таа седма и последна епизода од другиот серијал веќе стекнаа авторитет над публиката, па така, што и да снимиме, внимателно ќе се следи и ќе се анализира, не е доволно ни тоа што, по интервенцијата на Ќиро, а тоа беше еден вид компромис што нè извлече од пат позиција, целиот скеч е врзан со Минка и Реуф, кои со својот комшија Тихо го гледаат Хркљуш во живо на телевизија, не е доволно ни тоа што таа епизода имаше безброј репризи, а штом се појави на Јутјуб, Хркљуш во истата секунда надмина еден милион гледачи во своите разни поставки. Ништо од тоа не е доволно да објасни зошто тој идиотизам беше така примен кај народот, зошто се изгледаа толку генерации на него и зошто ние, на крајот на краиштата, добивавме писма од цела Југа, во коишто нè известуваа дека е организиран нов Хркљуш клуб, на Корчула, во Смедеревска Паланка, Птуј, Орашац, Зеница, Титов Велес…

Постои нешто што никој не може да го контролира, кога е во прашање шоу – бизнисот или уметноста воопшто. Како и зошто нешто се одметнува во народот, како и зошто публиката ги засака Битлси, а не некоја друга група што свири можеби и подобро од нив, како и зошто некоја песна станува хит (што значи удар, нешто што погодува) иако околу неа има уште илјадници такви, како и зошто некоја слика постигнува милионска цена, а некоја лежи неоткриена во некое депо, како и зошто одлучуваме да одиме по еден, а не по друг пат. А и не треба да се знае! Тоа знаење е непотребно! Само ќе те оптовари и уметничкиот акт повеќе нема да биде резултат на срцето, туку резултат на мозокот.

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.