Најдобрите книги за готвење

Книгите за готвење се најбараната литература што по невообичаени патишта се сместува на полиците на домашната библиотека, па некои изданија се пренесуваат како „чеиз“ од колено на колено.

Пребарувајќи ја глобалната кулинарска сцена, каде што имињата на готвачите со мишлен-ѕвезди и култните ресторани со децениски стаж се орбита по која се движат пребирливите гости, стигнавме до листата на „хит гастро-литературата“. Оваа листа е неизменета со децении, затоа што изданијата се во категорија на класици, што, за жал, сè уште немаат превод на македонски јазик.

„Сребрената лажица“

„Сребрената лажица“ (The Silver Spoon) е првото меѓународно издание на италијанскиот кувар „Il cucchiaio d’argento“. Издаден во 1950 година, претставува класика меѓу готвачите, има осум изданија и милион продадени примероци. „Сребрената лажица“ првобитно е објавен од „Домус“, познатиот италијански магазин за дизајн и архитектура, што избра група автори кои ги собраа традиционалните италијански рецепти и му ги понудија на современиот читател, приспособени со денешните состојки и техники. Готвачот содржи повеќе од 2.000 рецепти, а книгата е пример за одличен дизајн и содржина, во издание на „Фаидон“.

„1080 рецепти“

Она што за Италија е „Сребрената лажица“, тоа за Шпанија е „1080 рецепти“. Објавена пред 35 години, „1080 рецепти“ на Симон Ортеге веднаш стекна култен статус и продажба на тираж во милионски примероци. Готвачот е поделен во 17 поглавја, вклучувајќи и готвачки трикови, совети и предлози за целосно мени. Англиското издание е објавено од „Фаидон“.

„Индија“

„Индија“, дело на врвниот познавач на индиската гастрономија Пушпеш Пант, е готвач објавен во 2010 година, што содржи повеќе од 1.000 рецепти. Ова издание ве води низ индиската кулинарска историја, приближувајќи ни ги спецификите на индиската техника на готвење и религиозните разлики. Вредноста на ова издание се рецептите што можете да ги направите дома, бидејќи се приспособени на „западната“ кујна. Книгата е одлично дизајнирана и дури ако никогаш не се зготви ништо од неа, вреди да се има.

„Неопходниот готвач на ’Њујорк тајмс“

„Неопходниот готвач на ’Њујорк тајмс“ (The Essential New York Times Cookbook), или легендарниот кувар на „Њујорк тајмс“, е објавен во 1961 година, под авторство на Крејг Клејборн. Педесет години подоцна, колумнистката Аманда Хесер одбрала 1.000 рецепти од куварот или од рецептите што биле објавени на страниците на „Њујорк тајмс“ во последните децении и ги приспособила со современите состојки. Нејзиниот препознатлив духовит стил на пишување, овие рецепти ги прави особено вредни четива. Книгата е ризница на класичните јадења, од цезар-салата од четириесеттите години, преку популарната чоколадна торта без брашно од шеесеттите години на минатиот век, до рецепти што неодамна биле објавени во „Њујорк тајмс“.

„Кујната на новото време“

 

„Кујната на новото време“ (Modernist Cuisine) е дело на тројца автори: Нејтан Милворд, Крис Јанг и Максим Билета и претставува енциклопедија и водич низ науката и техниката на молекуларната гастрономија.

Објавена е во 2010 година и е прогласена за најзначајната книга во првата деценија на 21 век, што во шест тома ги покрива апсолутно сите теми поврзани со молекуларната гастрономија. Ако знаете дека еден од авторите, Нејтан Милворд, по образование е шеф-готвач, кој ја работел својата постдокторска теза од областа на астрофизиката заедно со Стивен Хокинг на Универзитетот „Кембриџ“, тогаш очекувајте неверојатно патување низ кулинарската научна фантастика.

„Уметноста на француската кујна“

„Уметноста на француската кујна“ (Mastering the Art of French Cooking). Авторката Џулија Чајлд создаде дело што ќе се вброи меѓу класиците во 20 век, бидејќи го промени начинот на кој Америка размислува за храната и готвењето. Првиот том е објавен во 1961 година, а продолжението следуваше девет години подоцна. Ако некогаш сте се обиделе да готвите според неа, тогаш јасно ви е дека секој од 524-те рецепти е прецизен и разбирлив, со логични, мали приспособувања на локалните состојки. Преку деталните објаснувања на традиционалните француски кулинарски техники, можете да најдете повеќе од сто дијаграми и сугестии за спарување со вино.

„Изобилство“

Иако постојат и попознати готвачи од него, Јотама Отоленгија е специфична појава, особено поради начинот на којшто го користи своето медитеранско потекло, креирајќи специфични вегетаријански јадења. Секој што од вегетаријанската софра прави спектакл заслужува да се најде на оваа листа. „Изобилство“ (Plenty) – е токму тоа, нуди голем број рецепти, некои од нив се веќе објавени во колумната во „Гардијан“, а другите се покомплексни рецепти, прецизни и квалитетни. Фотографиите што ги следат рецептите се апсолутно предизвикувачки.

„French Laundry“

Томас Келер е волшебник, човек опседнат со деталите, сопственик на ресторанот „French Laundry“, за кого Рут Рејчел напиша дека е „највозбудливото место за јадење во Америка“. Исто толку возбудлив е и истоимениот готвач во кој ќе најдете 150 беспрекорни рецепти и восхитувачки фотографии, ќе научите милион мали трикови, на пример како „пошираното“ јајце да добие совршен облик, потоа со киселина да го поткренете вкусот на некое јадење или како да направите бистро пилешко пелте.

„Момофуку“

 

 

„Момофуку“ (Momofuku) истовремено е кулинарски мемоар и готвач. Дејвид Ченг, со помош на Питер Михан, отворено зборува за неочекуваното искачување кон ѕвездите, што, и покрај незгодите, се случи со брзина на светлината и патем направи револуција во гастрономијата. Иако рецептите не се наменети на почетници и за ова наше поднебје, треба да се потрудите за да ги најдете потребните состојки за готвачката авантура. Задоволството со кое ќе бидете наградени е екстаза со секое залче.

 

 

 

Паула Велферт е авторка на осум готвачи за медитеранска и мароканска кујна. Писателка со исклучително богат речник, талентирана готвачка со совршено непце и добродушна учителка, Паула Велферт и нејзините книги освојуваат со автентичните, прецизните и проверените рецепти на кои не им треба нагодување. Така како што пишува, така и се прави.Книгата „Кускус и другата добра храна на Мароко“ (Cous Cous and other Good Food of Morocco) е објавена во 1973 година и има неброено многу реизданија. Во секое поглавје, покрај рецептите со многубројните варијации на кускус, слатки, салати, дава и историја на одредени рецепти или продукти, со детално опишани регионални разлики.

„Кускус и другата добра храна на Мароко“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.