Нова едиција „Басни од Македонија“ – волшебни народни приказни во модерно издание

По големиот успех на едицијата „Бајки од Македонија“, Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ „Браво сине“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ издадоа нова едиција „Басни од Македонија“. Едицијата е составена од басните „Кучето и зајакот­“, „Лакомата мечка“, „Војската на лавот“ и „Жабата и глушецот“, басни од усното народно творештво, собрани од Марко Цепенков.

Креативните илустрации за басните од Македонија ги изработи Катерина Николовска, која работеше и на илустрациите за едицијата „Бајки од Македонија“, а нејзините илустрации беа избрани на јавен конкурс. Билјана Црвенковска ги изработи адаптациите на басните со што го приближи стилот на современите вкусови на најмладите читатели.

„Како издавачка куќа, ние сме сериозно посветени на литература за најмладата генерација и се обидуваме на пазарот да пласираме содржини согласно најновите трендови што ќе го привлечат интересот, особено на денешните млади генерации, кои се навикнати на специфичен визуелен пристап. Искуството со едицијата ’Бајки од Македонија‘ покажа дека современата илустрација е соодветна и ја поттикнува фантазијата и желбата за читање на младата генерација, но и на сите љубители на пишаниот збор. ’Басни од Македонија‘ е повторно нова, свежа содржина што природно се надополнува во нашите цели и се надеваме дека младите ќе уживаат и во овие кратки приказни“, истакна Билјана Црвенковска, уредник во „Арс Ламина“.

Еден од главните приоритети на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ „Браво сине“ е традиционалните вредности да ги преточи во модерен производ со автентичен печат. Истовремено, еден од главните стремежи е во текот на нивната изработка да им даде шанса на млади талентирани луѓе од Македонија. Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ „Браво сине“ обезбедува и парична награда за авторот или за групата автори на креативните концепти, кои се избираат на јавен конкурс.

„Проектот беше одлично прифатен и покажа дека читателската публика, а особено најмладите, сакаат квалитетно четиво, што истовремено е и модерно и ги поврзува со културолошкиот код што го носиме сите ние како наследено од претходните генерации. Токму затоа решивме годинава да продолжиме во истата насока и годинешниов проект да ѝ го посветиме на најмладата публика, која е и најстрог критичар. Истовремено, продолжуваме со креирање можности за младите талентирани креативци кои на овој начин добиваат шанса да ги реализираат своите идеи“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето.

„Како дел од проектот ’Бајки од Македонија’, без отпечатени повеќе изданија: серијал на бајки на македонски јазик, потоа на англиски јазик и на албански јазик, а во подготовка е и преводот на француски јазик. Бајките потоа беа издадено како луксузно издание во тврд повез (на македонски и на англиски јазик), а исто така и на Браево писмо. За нив, потпишавме и договор со агенти кои ги нудат бајките на азискиот и европскиот пазар. Проектот ’Бајки од Македонија’ освои и две награди од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) во рамки на Саемот на книга 2017 година – признание за најдобро детско издание, како и за најдобро печатено издание“, изјави Бранка Бугариска, директор на издаваштво во Арс Ламина.

Арс Ламина и движењето „Браво Сине“продолжуваат дополнително да ги развиваат едициите „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, отворајќи им дополнителна можност за нов креативен и мултимедијален пристап на младите креативци и ќе ги развива сè додека не станат препознатлив национален бренд.

„Басните од Македонија“ се достапни во книжарниците Литература.мк, на ул. Македонија и во ТЦ Рамстор во Скопје, а од следната недела веќе ќе бидат достапни и во сите поголеми книжарници и маркети во земјата.

 

Advertisements