Со текот на времето се станува голем писател

Необичниот роман за млади „Отчукувања“, структуриран како преписка на социјална мрежа со фокус на вечната тема љубовта. Алгоритамот на апликацијата „Хартбитс“ е слободен простор, каде што се отвораат темите и дилемите, се споделуваат ставовите, стравовите и размислите на главните протагонисти Елија, Феникс-Маркос, Су, Томи, Марион… И меѓу многуте специфики на оваа хит-читанка, го издвојуваме авторството на двајцата популарни шпански писатели Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес, со кои направивме интервју и низ него ве запознаваме со новото издание на „Арс Ламина“.

Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес во книжарницата Литература.мк

Двајцата сте со интересни, но мошне блиски биографии и интереси, новинарство, уредништво, креативно пишување, па како дојдовте до оваа структура на романот?

Хавиер: Ние сакавме да експериментираме со нешто радикално различно, а тоа беше да ги преземеме начините на комуникација меѓу младите во денешно време со цел да направиме роман, да направиме книжевност. И „Отчукувања“ е токму тоа.

Франсеск: Сега, во Шпанија ја користиме оваа книга во разни училишта и тоа е начин на пренесување и согледување како комуницираме во денешно време, но тоа не е единствениот начин, ги имате обичните книги, со параграфи и сè друго, но тоа нам ни беше предизвик, ни беше начин да направиме нешто различно што досега не било направено.

Како се одвиваше процесот на пишување на книгата, бидејќи Хавиер, вие живеете во Мадрид, а Франсеск во Барселона? Вие создадовте книга што, според формата, ги надминува границите на Шпанија и станува глобално интересна?

Хавиер: Секој од нас пишуваше по еден ден од приказната, така што едниот ја пишуваше, па ја испраќаше на другиот, а тој ја коригираше и ја враќаше назад, потоа другиот го пишуваше второто поглавје, односно вториот ден и сè така до крајот. Така што, пишувавме цело време зашто моравме да бидеме сигурни дека постојано размислуваме исто. Можеби ликовите во мојот ум не се исти со ликовите во неговиот ум, но само однадвор. Бидејќи во начинот на кој се чувствуваат, на кој сакаат, на кој мразат, на кој мечтаат, тие се исти. Тоа е важно, тоа е битен дел од нашите ликови, какви се тие внатре.

Франсеск: Приказната е универзална, единствено имињата можете географски да ги поврзете со некој дел од светот. Но, она што се случува, ситуацијата, еволуцијата на чувствата, сето тоа е универзално и би било сфатено овде во Македонија на ист начин како во која било друга шпанска или португалска држава. Всушност, книгата е издадена во многу држави и секој читател во зависност од сопствениот живот би се поврзал со приказната. Сметам дека се обидовме да направиме нешто навистина меѓународно.

Зошто воведот во приказните или во новите дневни препишувања го правите со мислите на Буда?

Хавиер: Во сите наши книги се обидуваме да ѝ дадеме нешто повеќе на приказната и на ликовите. Обично ставаме наслови на книги или филмови или песни што се поврзани со нас и сакаме да ги споделиме со читателите, така што Буда се појавува на почетокот од секој ден на апликацијата „Хартбитс“, тоа е начин да се поврземе со читателите за да им покажеме нови начини, реченици, за кои можеби не слушнале, а се важни во нашиот живот, на пример од историјата. Ние ги користиме тие реченици за да навестиме што ќе се случи во текот на тој ден. Тоа беше наш начин да ја направиме оваа апликација поинаква од обичниот „Ватс ап“. И токму поради Франсеск, кој ги обожава речениците на Буда, ние сакавме да ги употребиме во книгата.

Постои ли формула како да се биде популарен писател? Дали мислите на популарноста додека пишувате?

Франсеск: Не, не постои начин да се знае тоа. Ние не знаевме дека книгата ќе биде издадена овде, ниту, пак, знаевме дека ќе постигне толкав успех во Шпанија додека ја пишувавме. Се надевавме, но не знаевме и замислата е да се најде нов предизвик откако ќе завршиме со овој.

Предизвикот со оваа за мене не е да се биде популарен, туку да се успее во животот, да го правите она што сакате и да имате чувство дека не работите, туку дека секогаш правите нешто што длабоко го сакате.

„Во сите наши книги се обидуваме да ѝ дадеме нешто повеќе на приказната и на ликовите“ велат Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес

Ве загрижува ли тоа како книгата ќе прозвучи на македонски јазик, дали преведувачот е добар или лош или дали приказната ќе изгуби дел од својата душа?

Хавиер: Ѝ веруваме на нашата преведувачка. Ја запознавме на Саемот на книгата и сите што ја имаа книгата ни рекоа дека е мошне прекрасно преведена. Во Италија секогаш велат традуторе ест традиторе (н.з. преведувачите се предавници), но сигурен сум дека преведувачката го пронашла најдобриот начин да ги изрази истите чувства, истата приказна, во македонскиот контекст.

Хавиер, вие сте популарен јутјубер блогер во шпанските говорни подрачја, а на својот канал зборувате за книги.

Хавиер: Многу ми е пријатно што на мојот канал зборувам за книгите, така што навистина е возбудливо да имате околу 200.000 луѓе кои зборуваат за книги во коментарите на моите видеа. Јас сум и издавач, писател и, секако, читател и ми се допаѓа што создадов заедница на луѓе кои сакаат да читаат и можеби тие во своите маала не среќаваат такви луѓе и треба да ги пронајдат, можеби, во Латинска Америка или на некое друго место, а јас им овозможувам место каде што ќе разговараат за книгите. Во моментов, ја обожавам таа моја активност.

Што мислите, дали е полесно или потешко да се биде писател во минатото или денес?

Франсеск: Пред педесет години, ако сакавте да бидете писател, ќе моравме да имате издавач, ќе моравте да најдете добра печатница, ќе поминувавте низ многу тешкотии додека да стигнете до крајот. Во денешно време, има блогови, има „Фејсбук“, има „Киндл“, има разни начини за вашето дело да… Можеби вашето дело е за само педесет луѓе во целиот свет. Можете да го покажете зашто располагате со такви алатки. Тоа значи дека има голема циркулација, милиони книги кружат и мислам дека сега не можеме да знаеме дали има големи имиња, бидејќи историјата ќе го каже тоа. Можеби за четириесет години ќе се навратиме на некој што сега го сметаме за ужасен, а не го знаеме каков е навистина. Голем писател се станува со текот на времето.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s