Музиката е нејзиниот канал, a низ него нè запознава со нејзиниот активистички порив да не се прифаќаат нештата такви какви што се, туку да им се влијае и да се менуваат. Вели дека литературата многу ѝ влијаела во тоа. Ова е библиотеката на Кристина Арнаудова.
Кристина, според приоритети, ако ја исклучиме музиката, како ќе ги подредиш филмот, литературата и спортот?
Мојот редослед е литература, спорт, а потоа филм. Литературата го храни мозокот и интелектот, спортот го храни телото и духот, а филмот ја храни имагинацијата.
Која е твојата прва прочитана книга што ја паметиш, а да не е лектира?
„Бојата на пурпурот“ е првата посериозна книга за „возрасни“ што ја прочитав во трето одделение и не ја разбрав баш. Во тој период, покрај лектирите, многу читав и мислам дека ја правев вистинската работа за себе.
Има ли некое парче поезија што сакаш да го претвориш во песна?
Поезијата на Жак Превер е идеална за пеење, а и поезијата на Есенин. Сакам љубовна поезија, но најчесто таа е тажна.
По кој критериум ја одбираш книгата што сакаш да ја прочиташ?
Книгите ги избирам по инстинкт. Сакам различна литература, но најмногу мистерии и криминалистика.
До книгите стигнуваш преку: книжарница, библиотека или е-книга?
Јас сум сосема „старомодна“, купувам книги во книжарница.
Дали има ли книга што си ja препрочиталa повеќе од трипати?
Има две прекрасни книги што топло ги препорачувам: „Мулен руж“ на Пјер ла Мир и „Дамата со камелии“ на Александар Дима синот.
Со кој лик од книга се идентификуваш и зошто?
Никогаш не се идентификувам со ликови од книги. Јас сум лик за книга, сама по себе. 🙂
Какви се игрите со своите деца, со пеење или со читање книги?
На децата им пеам и им читам книги. Сметам дека љубовта и кон музиката и кон книгите ја создаваат родителите.
Дали пишуваш посвети на книги и дали паметиш некоја посвета на книга што си ја добилa?
Посветата што ја напиша мојот сопруг во „Захир“ од Паоло Куелјо ќе ја паметам доживотно. Јас и сопругата на Паоло Куелјо имаме исто име, Кристина, а токму оваа книга Куелјо ѝ ја има посветено нејзе. Тој факт напишан во книгата беше подвлечен и, се разбира, дополнет со видување од мојот сопруг и така добив книга со незаборавна посвета. Без лажна скромност, мојот сопруг пишува прекрасни посвети.
Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?
Ја избрав „Тато, имаме приказна“ затоа што е прекрасен чекор од игра на татко и ќерка да се создадат раскази што се интересни за младата читачка публика. Сакам оваа книга да ја читаме со Максим и заедно да откриваме нови нешта.