Секое дете може да биде суперхерој

Длабоко нурнување во светот на децата, без да им се додворувате, да ве засакаат и да бараат уште, тоа од рака и појде на писателката Билјана С. Црвенковска, која по првиот роман, „Што сонуваше Дедо Мраз“, го издаде и вториот „Приказни од Зеленпарк Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“. Романот беше промовиран на неодамнешниот Саем на книга, на кој првиот тираж е распродаден.

Што ни носат приказните од Зеленпарк?

Приказните од Зеленпарк се замислени како серија романи, во кои секој роман ќе биде една приказна, една авантура на четири главни ликови: едно девојче (Елена), едно маче (Лу), едно момче (Павел) и едно куче (Гандалф, крстено така по еден голем волшебник и мој омилен лик). Овие авантури ќе бидат необични, волшебни и сосема неверојатни.

„Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ е прв роман од овој серијал, а вториот роман, „Мистеријата на стариот часовник“ би требало да излезе во втората половина на 2018 година.

Зеленпарк е еден вид идилично место, во него езерце, опколен со патека, сврталиште за сите, меѓу кои и бизнисмените имаат посебен дел, алејата на розите; централното место е плоштадот „Магнолија“, има столетен чинар и споменик на поетот Јован Синоцветски? Дали ова е антагонистички опис со нашата реалност или желба за будење на поинакви размисли кај младите?

Па, не размислував конкретно за овие нешта кога го креирав Зеленпарк. Едноставно, знаев дека целото дејство треба да се врзе со еден имагинарен простор и сакав тој простор да биде парк. Прво, затоа што е инспириран од моето Водно, каде што сум израсната и ден-денес не можам без него. А второ, тој е инспириран од два други, сосема различни паркови: нашиот Градски парк во Скопје и Голдерс Грин, еден прекрасен парк во Лондон, што му беше омилен на татко ми, а и на сите нас од семејството. Всушност, сите лондонски паркови се по малку вметнати во овој имагинарен парк. Можат да се препознаат и Хајд парк, Риџентс парк, а куќичката на градинарите е конкретно инспирирана од една куќичка во Сент Џејмс парк, во срцето на Лондон.

Но, од друга страна, во „Приказните од Зеленпарк“, помалку или повеќе, ќе бидат инкорпорирани многу од реалните проблеми со кои се соочуваме денес, ние и нашите деца. Не можам да избегам од нив и не можам да не им дадам значајно место. Градењето на еколошка свест и чувањето на природата е еден од приоритетите во ова современо општество, а особено во нашава земја тоа е огромен проблем. Воздухот е загаден, сечеме дрвја, градиме на сметка на зелените површини… Немаме никаква свест што си правиме себеси и на нашите деца. Втор проблем е оној со третманот на животните. Дали ги учиме нашите деца да развиваат љубов кон животните? Дали го правиме тоа секојдневно и доволно? Знаеме ли колку значи за емотивниот развој на детето доколку расте со животно дома? И сознанието колку среќа внесуваш во животот на едно преслатко, кутро бездомно суштество ако му дадеш дом, љубов и топлина.

Стереотипите за вештерките ни креираат поинаков читателски однос кон тие ликови, но оваа твоја супервештерка Елена не е меѓу таквите?

Искрено, мислам дека тие стереотипи се од некое друго време. Веројатно од она кога сите што биле посебни и волшебни на некој начин биле палени на клада. 🙂 Секогаш е најлесно она што не го разбираш да сакаш да го уништиш. Пред сè, вештерките се дел и од нашата фолклорна традиција. Точно, најчесто се лоши и грди, но не секогаш. На пример, Баба Јага или Баба Рога, која е дел од словенскиот фолклор, најчесто е претставена грда и лоша, но на многу места се споменува и поинаку, како стара мудрица која со своите совети и волшебни моќи им помага на луѓето.

Од друга страна, добрите вештерки се среќаваат на многу места. Ги има уште и во делата на Лајман Френк Баум, на пример Глинда, добрата вештерка од југ во „Волшебникот од Оз“, а оваа книга е напишана во 1900 година. Хермиона и другите женски во „Хари Потер“ се вештерки – witches. Такви се и вештерките во „Kiki’s delivery service“ на Хајао Мијазаки. И уште многу други примери во модерната книжевност за деца. Во западниот фолклор, а и во поновата книжевност за деца се прави разлика помеѓу „црни“ (лоши) и „бели“ (добри) вештерки, при што белите вештерки користат, секако, бела магија – ја користат магијата за добри нешта, а црните – црна магија. И се разбира, вештерките не се самовили (волшебни суштества), туку се луѓе со волшебни моќи. А во нашава приказна, Елена е и навидум сосема обично девојче како сите девојчиња на нејзина возраст што ги гледаме околу нас. Но, иако е навидум обична, таа знае магии и има некакви супермоќи. 🙂

Всушност, твојата книга е и прирачник како да се стане суперхерој, желба на секое дете, обичната Елена станува супервештерка и нејзините дневни реквизити стануваат средства за волшепства… Обичната бела мачка, прстенот, скејтбордот…

Тоа е пораката што сакам да ја пренесам во „Приказните од Зеленпарк“, но и во еден нов серијал книгички за деца што ги работиме со Здравко Гиров, човекот кои ги нацрта и ги оживеа ликовите во оваа книга. Дека сите имаме некаква магија, некаква супермоќ што е скриена длабоко во себе и само треба да ја пронајдеме и да ја разбудиме. Секое дете може да биде суперхерој. И не само секое дете, секој од нас може навистина да биде суперхерој, само треба да го сака тоа и да почне да го прави.

Кои се Елена и Павел, Лу и Гандалф? Каде ги најде?

Некаде длабоко во мене. Тие беа тука, а јас ги пронајдов и ги разбудив од длабок сон. 🙂

Павел е дете на разведени родители, неговиот лик е еден од многуте кои ги сретнуваме денес. Значи, приказните не се идилични, не важи фантастичното Абракадабра, магичното стапче е „олдфешн“, тие се реални, пренесени од секојдневието?

Сметам дека вистинската, квалитетна книжевност за деца, а тоа можеме да го видиме и од делата што се признаени и наградувани во светот, не треба да биде само весела и смешна. Да, таа треба да биде забавна и смешна, тоа е многу важно, но мора нужно да ги буди и другите емоции: тага, страв, лутина, возбуда… На тој начин само може да го трогне детето и да разбуди емпатија. Ако немаш реални ситуации и реални ликови, детето нема да се идентификува и нема да се замисли. Ако немаш подлабока порака, која е поентата? Само да биде забавно?

Книгата е напишана во реално време, на едноставен јазик, со описи што лесно можеш да ги создадеш во глава, поткрепени со илустрации или визуелни игра со фонт, пишуванка, цртанка, боенка… Ова ли е начинот како да се допре до новите генерации?

Вака се надоврзуваме на претходното прашање, а тоа е моментот ЗАБАВА. Значи, секако, треба да е забавно. Треба да привлече внимание. Треба да е интерактивно за да стои рамо до рамо со сите други медиуми преку кои децата се забавуваат, комуницираат и се изразуваат, како телевизијата, интернетот, апликациите на мобилните телефони, компјутерските игри итн. Модерната книжевност за деца станува сè поинтерактивна, и тоа е добро. Сметам дека нема друг начин. А зошто да биде еднонасочна?

Што се однесува до јазикот и описите, не би рекла дека е едноставен. Дури имав и забелешки од уредничката, дали некои зборови да ги замениме со поедноставни синоними дека можеби децата не ги разбираат? А дали да објасниме кој е капетан Немо и Наутилус, што е Волшебникот од Оз (сигурно не ја читале) итн. Но, не попуштив, затоа што мислам дека нема потреба да се објаснува сè. Ако не знаат, нека прашаат или нека просурфаат и нека дознаат. Ако не прочитале, време е да прочитаат. Не треба да им даваме сè преџвакано, бидејќи не ни било дадено ни нам. Да ги оставиме малку да се потрудат, да се помачат, да истражат и да откријат. Ги направивме премногу меки, ги чуваме во стаклено ѕвоно, ги штитиме од сè и сешто… Нашите родители не правеле ништо од тоа, па израснавме во прекрасни луѓе. 🙂

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s