Книга за секого, за нас не е празно ветување

Успешно завршениот Саем на книгата 2017 за издавачката куќа „Арс Ламина“, со многу нови изданија, рекордно продадени книги и освоени награди е повод за кусо интервју со Бранка Бугариска – директор на издаваштво на „Арс Ламина“, за новите тенденции што ги носат тие.

Бранка Бугариска – директор на издаваштво на „Арс Ламина“

Годинешниот саем „Арс Ламина“ го завршува со четири освоени награди, од кои „Бајките од Македонија“ освоија две. Очигледно, литературата за деца е она што ве издвојува како издавачка куќа?

Литературата за деца е она во што последниве години особено вложуваме и му посветуваме внимание, паралелно со континуираното инвестирање во развивање на забавно-едукативните содржини. За жал, кај нас има многу малку (или речиси и да нема) домашни писатели за деца од помладата генерација. Долго време немаше нешто ново на овој план. И денес во книжарниците можете да ги најдете истите оние автори што ние сме ги читале како деца и, евентуално, по некоја нова сликовница или стихозбирка. Старите автори не се веќе привлечни за новите генерации, а младите автори тешко се охрабруваат да пишуваат за деца. Слична е ситуацијата и со илустраторите. Во нашата работа ние постојано се обидуваме да откриеме, поттикнеме и промовираме млади автори кои пишуваат за деца, а почнавме со илустраторите. Катерина Николовска, автор на илустрациите на серијалот „Бајки од Македонија“, ја избравме на ланскиот конкурс на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине“ со која продолжуваме да работиме и на нови изданија. Како резултат на овој конкурс почнавме да соработуваме и со други илустратори, со кои работиме на други проекти. Сè на сè, се обидуваме да ги следиме светските трендови и стилови, а не да се споредуваме само во локални рамки.

Ликовно-графичкото решение на едицијата „Современите класици“ ви донесе награда. Чие е тоа дело? Сите зборуваме за наслови на книги, но никој за илустрациите?

Голем дел од ликовно-графичките решенија на нашите изданија се подготвуваат во „Pointer Creative Agency“ и тие се најзаслужни за убавите корици на нашите книги. Решенијата за кориците од наградената едиција „Современи класици“, во која се објавени дела на Маркес, Еко итн., се изработени од Катерина Пренда, дизајнер, под „креативната палка“ на Хари Дудески, креативен директор во „Pointer Creative Agency“.

Последната награда е за општествена одговорност, односно издавање учебници и книги за деца со оштетен вид. Што е мотивацијата?

Пристапот до квалитетно образование е универзално човеково право и навистина не сакаме мотото „книга за секого“ да биде само празно ветување. До 2014 година, помалку од 1% од македонските деца со оштетен вид можеа да читаат Браева азбука. Со вклучувањето во проектот на УСАИД и ЛЦИФ за деца со пречки во видот, помагаме и овие лица да имаат пристап до книги и до квалитетно образование. Досега отпечативме 21 наслов на Браево писмо, меѓу кои: учебници по математика, природни науки и хемија, на македонски и на албански јазик, детски класици и „Бајки од Македонија“. Ова е само дел, се подготвуваат и другите изданија на Браево писмо. Веќе во следната фаза, планираме да издадеме уште најмалку 50 наслови на Браево писмо – учебници, романи и книги за деца, лектирни изданија, класици, сликовници, дидактички игри и дополнителни дидактички помагала итн., а дел од нив ќе бидат изработени и издадени и во вид на аудиокниги. Планираме и отворање на посебно катче во книжарницата „Литература.мк“ во кое ќе можат да се најдат дел од изданијата на Браево писмо. „Арс Ламина“ ја продолжува соработката во рамките на овој проект, а ќе продолжи и понатаму да обезбедува помош и поддршка во образованието секаде каде што е потребно, во рамките на своите можности. За децата со оштетен вид, кои се веќе вклучени во редовниот образовен процес, „Арс Ламина“ и претходно ја даваше својата поддршка преку печатење учебници и помагала во специјални, зголемени формати, што потоа ги донираше до училиштата во кои овие деца ја посетуваат наставата.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s