Кога раскажување приказни ќе се претвори во игра и ќе се развие во нов процес, од репродуцирање во создавањето, тогаш настанува книга, и тоа не каква било, туку книга од 14 татковско-ќеркински приказни за читање и смеење на глас. Александар и Гала Таковски се татко и ќерка, кои станаа коавтори на книгата за деца „Тато, имаме приказна!“, во издание на „Арс Ламина“. Ова е интервју со целото семејство, таткото, мајката и ќерката или Александар Таковски, Бранка Бугариска и Гала Таковска.

Семејство – тим за создавање на „Тато, имаме приказна“: Александар Таковски, Гала Таковска и Бранка Бугариска
Како почна процесот на заедничко пишување приказни?
Александар Таковски – таткото: Сето ова го почнавме заради презаситеност од прераскажување на едни исти приказни по 200-300 пати. Се вели дека повторувањето е мајка на знаењето, но во нашиот случај е мајка на раскажувањето. Гала имаше потреба од создавање нови приказни. Таа ќе избереше лик, настан, ситуација или проблем. На пример, ќе изберевме мечка и еден нејзин проблем – дали да ја боли глава (или не ја боли, но тоа не е интересно) или ја боли грло, а треба следниот ден да настапува на годишното собрание на мечките итн., и така си ја теравме приказната. Имаше и мотиви што чекаа на мојот компјутер по неколку месеци, па потоа ги дополнувавме, менувавме… Приказните се градеа и се развиваа во секоја наша дружба. Може да се рече дека ова е повеќе еден вид на фолклорно дело. Затоа и ни требаше толку време (дури три години) за да се завршат и да се пренесат на хартија сите приказни.
Каде ја баравте инспирација за приказните или што сè можеше да се претвори во приказна?
Александар Таковски – таткото: Колку и да звучи како клише – сепак, да, имавме инспирација од животот, настани, искуства, идеи и емоции. Но, тука се и ликови, пријатели со кои го поминуваме времето, тука се и разни мотиви што останале во нашата глава и чекале подоцна да бидат раскажани.
Имаш ли омилена приказна и дали некоја од нив ја паметиш како посебно искуство со Гала?
Александар Таковски – таткото: Се разбира, имам. За мене, тоа е „Финскиот сон на лулашките“, што има подлабока генеза… Во таа приказна вистинското искуство е префрлено во приказната. Во тој еден мал пасус има многу повеќе сеќавања отколку што тоа може да се пренесе на читателот, меѓутоа тоа ни беше целта.
Она што е специфика на оваа книга се илустрациите, бидејќи тие се комплетно дело на Гала. Како настануваа тие?
Александар Таковски – таткото: Тие се цртани во период од околу два месеца, и тоа во период кога се бараше од неа да чита и лектири, така што Гала навистина беше под сериозен работен притисок. Но, се покажа многу одговорна, поодговорна од мене. Веројатно, тоа е оној дел од генетиката наследен од мајка ѝ.
Бранка, вие во случајот имате двојна улога, мајка на Гала и сопруга на Тако, но и издавач на „Тато, имаме приказна!“ (н.з. Бранка Бугариска е директор на издаваштвото во „Арс Ламина“). Како го следевте процесот на создавање на книгата и дали учествувавте некако во него?
Бранка Бугариска – мајката: Прво, јас сум мајка, а дури потоа издавач. Знаев дека двајцата создаваат приказни и дека запишуваат дел од нив, но од приказните имав чуено само една или две, другите не ги знаев. Но, тоа ми беше сосема доволно да предложам објавување на приказните во форма на книга, зашто верував дека од нив ќе произлезе збирка необични и смешни приказни, што ќе бидат интересни за сите, и за малите и за големите. И од тој момент почнав да притискам да се заврши запишувањето на приказните и да досадувам како што може само мајка!
Гала, какво е чувството да имаш своја книга на само осум години?
Гала Таковска – ќерката: Не знам, кул е малце.
Девојчињата најчесто посакуваат да станат балерини, лекарки, професорки… Дали некогаш си посакувала да станеш позната писателка?
Гала Таковска – ќерката: Па, сакам да имаме ресторан со другарка ми и да свирам во бенд. За писателка уште не сум размислувала.
За што ти е најинтересно да разговараш и да пишуваш? Дали се тоа животните и децата и нивните секојдневни случки или можеби принцези, самовили?
Гала Таковска – ќерката: Јас уште не можам сама толку да пишувам, второ одделение сум. Приказните ги смислувавме заедно со татко ми и тој ги запишуваше. Во приказните има животни, деца, нема самовили. Сите приказни се измислени.
Која ти е омилена од приказните во книгата? Или која илустрација?
Китчето што јаде сладолед, некако и тој цртеж ми е најубав.
Честитки од дедо Јован Таковски, иако се уште не сум ги прочитал приказните