Тато, имаме приказна!

14 татковско-ќеркински приказни за читање и смеење на глас

Сте чуле ли за кит што јаде сладолед? Или, пак, за змија што сака пуканки? Какви магии прави волшебниот делфин, што сонуваат лулашките, зошто плаче една санка и како крапот ја научи Мила да сурфа – ова се само дел од приказните од оваа книга, кои, верувале или не – ги смислија еден татко и едно шестгодишно девојче.

Тато, имаме приказна! на Александар и Гала Таковски е збирка приказни која е настаната во периодот од јануари 2014, кога малечката Гала немала ни пет години, до крајот на 2015. Приказните, како што објаснува таткото Александар во предговорот, се настанати во процес на заедничка креација: измислување на главните ликови, креирање на заплетот, поставување на проблеми и решенија – за на крајот тие креативни игри да бидат преточени во 14 необични и духовити приказни.

Како го спроведовме рецептот – тоа беше само прашање на секоја згодна пригода за дружење во која заедно „навигиравме“ во нашиот фиктивен простор. Ќе почневме од иницијативата „Ајде да смислиме приказна“, ќе пропатувавме низ неколку прашања, расказни раскрсници, на пример: Кој да биде главен лик? Еж? Зајак? Санка? Џин? Што да биде неговиот проблем? Не може да лета, не знае да зборува шпански? Да пее високо це? Каде оди? Што прави? Како, на крајот, успева да го реши проблемот? Ова беше креативниот „ролеркостер“ низ кој се возевме јас и Гала, еден до друг, истовремено, рамноправно и, морам да кажам, генијално! – вели Таковски во предговорот.

Но, тука не завршува креативниот процес. По пишувањето на приказните, доаѓа и оживувањето на ликовите од приказните, преку веселите, шарени, прекрасни цртежи нацртани од Гала.

Оваа весела книга, на 160 шарени страници во боја, полна со многу смеа и детска креативност, ќе го развесели и овој саем на книгата и ќе внесе нов, модерен дух во домашната книжевност за деца.

 

Advertisements