Седум нови наслови од добитниците на наградата Ханс Кристијан Андерсен

Наградата Ханс Кристијан Андерсен е највисокото меѓународно признание кое се доделува од страна на Меѓународниот одбор за книги за млади (International Board on Books for Young People – IBBY) на еден жив автор и еден жив илустратор на детски книги, за нивниот континуиран придонес кон детската книжевност. Андерсеновата награда, наречена уште и Нобелова награда за детска книжевност, е воспоставена во 1956 година – за автори на детски книги, а во 1966 година е воведена и наградата за илустратори. Во пресрет на саемот на книгата, ви претставуваме седум нови наслови од добитници на наградата Ханс Кристијан Андерсен. Седум од најубавите детски книги на сите времиња, од седум големи имиња на детската книжевност.

„Јип и Јанеке“, креирани од холандската авторка Ани М. Г. Шмит се најпознатите и најомилените холандски детски ликови, кои дури си го најдоа местото и на листата на „пет типично холандски феномени“. Приказните за овие две деца од претшколска возраст кои повеќе од педесет години ги освојуваат срцата на младата читателска публика ширум светот, се крајно духовити, пишувани со едноставен јазик и карактеристична смисла за хумор. Надополнети со оригиналните црно-бели илустрации на Фип Вестендорп, книгите за Јип и Јанеке влегуваат на листата на најдобрите детски книги на сите времиња.Јип и Јанеке се најдобри другари. Тие играат заедно, се смеат, често се караат, прават палавштини и запаѓаат во неволи, чуваат кучиња и мачиња и, како и сите други деца, јадат многу слатки. Со нивните безвременски авантури, придружувани со многу смеа и солзи, децата од предучилишна возраст и ден-денес лесно можат да се идентификуваат.

„Патешествијата на Сибрен од улицата Пеперминт“ на Мајндерт Де Јонг, американски писател со холандско потекло, е топла приказна сместена во Холандија на почетокот на XX век, што на многу прониклив и срдечен начин ги опишува моментите на зачуденост, радост, храброст и страв кај малиот Сибрен, кој тргнува на ноќно патување кај тетка си заедно со дедо си. На Сибрен не му се веруваа дека оди со деда си накај својата тетка Хинка – и тоа во темница! И нешто чудно или страшно или ново се случува секоја минута. Кога тој и дедо му доаѓаат до мочуриштето, тоа целото буи од живот – илјадници светулки непрестајно прелетуваат во ноќта и крекаат жаби. Но, дедо му му вели дека мочуриштето е опасно – дека не смеат да скршнат од патот – и одеднаш дедо му паѓа во мочуриштето! За среќа, тетка му Хинка пристига точно навреме за да ги спаси со чамчето!

„Кога светот беше млад“ е збирка на крајно оригинални бајковито-филозофски приказни на швајцарскиот психотерапевт и автор на книги за деца Јирг Шубигер, кој покрај Андерсеновата награда е добитник и на Германската награда за литература за млади (Deutscher Jugendliteraturpreis). Во овие приказни, што со својата слоевитост и духовитост ги анимираат и децата и возрасните, секојдневните предмети, растенијата и животните се здобиваат со сосема нови значења, надминувајќи ја границата во светот на фантастичното и менувајќи го нашиот светоглед. Полни со непостојни нешта и невозможни заплети, духовитите приказни на Шубигер постојано го изненадуваат и го замислуваат читателот. Бидејќи, кога светот беше млад, градовите патуваа, камилите зборуваа, ѕвездите се вљубуваа во луѓето и се спуштаа од небото долу на земјата… Се случуваше и самиот ѓавол да седне во училишна клупа, а кога смртта ќе дојдеше по некого, умееше и да му прости.

„Главниот куклар“ е роман на една од најпознатите американски писателки за деца и млади, Кетрин Патерсон. Патерсон е добитничка на наградата Ханс Кристијан Андерсен, на меморијалната награда Астрид Линдгрен, како и двојна добитничка на наградата Њубери, најзначајната американска награда за книжевност за деца и млади.„Главниот куклар“ е роман историски сместен во Осака, Јапонија, во 18 век, во периодот кога владее голема глад. Покрај тоа, е фасцинантен приказ на комплексната уметност на Бунраку– јапонскиот куклен театар: начинот на кој операторите управуваат со куклите, главните ликови, темите и структурата на традиционалните јапонски драми Бунраку. Но, иако романот има своја историска основа во јапонската историја и традиција, главен двигател на приказната е робинхудовската нишка што ја дава таинствениот лик Сабуро – бандитот кој ги ограбува богатите за да им помогне на гладните и сиромашни жители на Осака. Но, кој е човекот познат како Сабуро? И која е неговата врска со Јошида, грубиот и темпераментен господар на најпознатиот куклен театар во феудална Јапонија? Младиот Џиро, чирак кај Јошида, е решен да дознае дури и по цена на сопствениот живот.

„Морибито: чувар на духот“ на Нахоко Уехаши, јапонска авторка на романи од жанрот фантастика, е првиот роман од серијата Морибито, што е подоцна адаптирана и за радио, за ТВ како јапонска аниме-серија и во манга-стрип. Во светот што е поделен на две рамнини, две царства – Сагу, видливиот свет на луѓето, и Најугу – невидливиот свет на духовите, се сретнуваме со Балса, вешта копјаничка и телохранител. Откако случајно ќе го спаси принцот Чагум од сигурна смрт, нејзината судбина ќе се промени. Таткото на Чагум, микадото (божествениот владетел на земјата Ново Јого), е оној што ја нарачал неговата смрт, па Балса станува телохранител на Чагум и поаѓа со него на едно тешко и погубно патување. Додека патуваат низ земјата Јого, тие ја откриваат мистериозната поврзаност на Чагум со еден легендарен воден дух…

„Летај, мајско бумбарче!“ на австриската писателка Кристине Нестлингер е приказна за последните денови од Втората светска војна во Австрија, што има основа во автобиографските искуства од детството на авторката. Откако станот во Виена им е бомбардиран, малата Кристел Гет и нејзиното семејство ќе изгубат се. Семејството се засолнува во една вила во предградието, бегајќи од неподносливиот живот во Виена под руска окупација. Таму, малата Кристел прерано израснува и станува цврста и снаодлива: ограбува напуштени подруми во потрага по храна, се соочува со руските војници, се спријателува со воениот готвач Кон, но запаѓа и во мошне опасни ситуации.

„Човекот од другата страна“ на Ури Орлев е приказна за Марек, дете од католичко семејство, кој има задача да му помага на својот очув при шверцувањето храна и оружје за Евреите во варшавското гето – за пари. Одгледан како католик, Марек расте во антисемитско опкружување, се додека еден ден, откако ќе им се придружи на другарите во ограбувањето на едно младо еврејско момче, не дознае од мајка си за своето еврејско потекло. Од тој миг Марек се наоѓа пред нови искушенија, а со тоа и се соочува со голема опасност.

 

 

 

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s