Интервју со Џон Клиз – „Имам јасна идеја како да стигнам до осумдесет“

Џон Клиз стана комедиска икона во седумдесеттите години на минатиот век благодарение на неговиот придонес во „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ и „Фолти Тауерс“. Подоцна, иако продолжи со глумење, сепак се впушти и во полето на колективната професионална надградба, создавајќи видеа во кои беше измешана мудроста на управувањето со сувопарната британска остроумност. Тој сега пишува мемоари, работи на стандардни шоу емисии, за да ја плаќа алиментација и се подготвува за мошне очекуваното повторно обединување на „Пајтон“.

Како беше раководен тимот на „Пајтон“? Кој ги донесуваше конечните одлуки?

„Пајтон“ отсекогаш беше демократски раководена банда. Немаше постари луѓе, немаше право на предност, немаше хиерархија. Отсекогаш сè се сведуваше на гласно читање и ако тоа ги засмеваше луѓето, тогаш тоа беше вметнувано во шоуто. Ако луѓето не се смееја, тогаш речиси сигурно тоа немаше да се вметне. Тоа беше одлучувачкиот тест. Ако ние се обидувавме да прикажеме некаква филозофија или нешто слично, ќе имаше многу повеќе расправии. Кога го снимивме „Животот на Брајан“, за кој сметам дека е дефинитивно нашето најдобро дело, едноставно се случи сите мошне лесно да се согласиме околу тоа што религијата не е. Ако се обидувавме да се согласиме околу тоа каква треба да биде религијата, постојано ќе се расправавме и немаше да дојдеме до заедничко гледиште. Кога си имате работа со хумор, многу е едноставно: или е смешно или не е?

Еднаш споменавте дека ако не беа „Монти Пајтон“, вие ќе станевте сметководител или адвокат, ќе се средевте и ќе се застрелавте. Тоа укажува на мошне мрачна реалност за нас другите. Имате ли некој совет?

Претерував заради комични причини. Но, точно е дека мене ми е релативно тешко да работам ептен рутинска работа.

 Во вашата кариера, сте имале периоди на блиска соработка со други креативци и периоди на многу сосредоточен индивидуален израз. Дали подобро работите сами или со партнери?

Зависи од темата. Моментално работам на мојата автобиографија и мислам дека нема смисла да го работам тоа со некој друг. Но, писателите на комедијата традиционално работат во парови и тоа ми се допаѓа. Навистина верувам дека кога соработувате со некој друг на нешто креативно, стигнувате до места до кои никогаш не би пристигнале доколку сте сами. Начинот на кој се создава идејата додека се ниша де наваму де натаму помеѓу добри писатели е многу непредвидлив. Понекогаш зависи од недоразбирањата помеѓу луѓето и затоа сметам дека не постојат грешки во креативниот процес. Никогаш не знаете каде ќе ве поведе тоа.

Според вашето мислење, кое е трајното влијание на „Пајтон“?

Немам претстава. Мислам дека ќе морате да ги прашате луѓето што го гледаат тоа. Сè што знам е дека, од причини што не ги разбира никој од нас, тоа изгледа како да трае и трае и трае. Особено во Америка, секоја нова млада генерација изгледа дека одново го открива, што за нас е мистерија. Мислам дека тоа се должи на фактот дека ставот на „Пајтон“ кон животот укажува на тоа колку сè е апсурдно и мислам дека сето тоа е малку налудничаво. Хуморот, во суштината, е смисла за перспектива и како што стареам, така се враќам на ставот што го имав кога бев 15 или 16 години, кога мислев дека најголемиот дел од тоа што се случуваше е ептен смешно. Сега на оваа возраст повторно дојдов до тој став.

„Во целиот мој живот сум пронашол само два романи кои ме натерале да се смеам на глас во тек на целото читање, до мера да те здоболи. Првиот беше Тројца мажи во чамец, омилениот на татко ми и на капетанот Ланкастер. Кај главниот јунак на Среќниот Џим, пропаднатиот академик Џим Диксон, пронајдов лик кој можев да го сакам и да сочувствувам со него зашто на луѓето и на настаните околу себе реагираше по малку како и мене, но многу посвесно и појасно, а и посмело отколку што јас некогаш би се осмелил.“ – вели Џон Клиз во „И така, ви велам“

Да се биде смешен, според мене, бара субверзивно гледиште. Дали е тешко да се одржи тоа кога ќе станете успешен и поголем чинител во општеството?

Мислам дека не е така. Мислам дека луѓето, како што стареат, така стануваат помалку продуктивни, бидејќи стануваат свесни дека работата е само дел од животот, но не и целиот живот. Кога сте во вашите триесетти години и се пробивате, вашата кариера ви е претерано важна, но во одредена точка кревате раце од замислата да оставите впечаток врз светот, да создадете углед и да го надуете вашето его и почнувате да уживате во други работи. Тоа веројатно значи дека станувате помалку продуктивен, но не значи дека станувате помалку смешен. Најдобрата дефиниција за хумор што некогаш сум ја сретнал беше од филозофот Хенри Бергсон, кој вели дека „хуморот е социјална санкција против нефлексибилното однесување“. Луѓето се стремат да се смеат заедно на нешто со кое не се согласуваат и тоа е многу посубјективно одошто се свесни повеќето луѓе. Она што ќе насмее некоја публика не значи дека ќе насмее и друга, а тоа може да биде разликата помеѓу среда вечер и четврток вечер во истиот град. Бергсон сака да каже дека ако се однесувате соодветно кон она што се случува околу вас, тогаш не сте навистина смешен. Ако постои некаква психолошка нефлексибилност што ве присилува да се однесувате на одреден начин и вие се однесувате апсурдно, ете тоа ќе биде смешно.

 Дали бизнисот треба да биде смешен?

Отсекогаш сум се залагал за хумор во маркетингот. Луѓето што го создаваат производот мислат дека тоа е нивниот живот, нивната хипотека, образованието на нивните деца. Но, муштериите не гледаат така на тоа, така што треба да создадете топла и хумористична атмосфера околу производот за да го направите да биде привлечен. Сепак, така е културно. Директната тврда продажба е поприфатлива во Америка отколку во Англија или во најголемиот дел од Европа.

 Каков е вашиот пристап кон канцеларискиот хумор? Да бидете смешни и да ризикувате да навредите некој колега или да си го гризнете јазикот?

Мислам дека нема некои строго утврдени правила. Искрено мислам дека политичката коректност може да доведе до точка во која луѓето не ќе можат да бидат спонтани. Обичното човеково однесување станува многу тешко, бидејќи луѓето се самосвесни и во таква атмосфера се губи огромен дел. Но, јас мислам дека сè се должи на вообичаеното: ако имате пристојни луѓе околу вас, тогаш навистина не ви требаат правила. Колку понесовесни и посебични стануваат луѓето, толку повеќе ви требаат правила. Така што, видете сами дали живеете во здраво или во нездраво општество?

Вработените честопати се чувствуваат обврзани да се смеат на шегите на нивните шефови. Затоа, како водачите можат да откријат дали тие навистина се смешни?

Колку што знам, во големите организации луѓето го држат едното око вперено кон шефот за да видат дали тој ќе се насмевне пред да се насмевнат тие самите. Некој некогаш кажа дека токму поради тоа публиката во Отава не само што беше потивка туку и побавна во реагирањето, бидејќи беше составена од политичари кои проверуваа како реагираа луѓето пред да реагираат самите тие.

Сигурен сум дека постојано ви го поставуваат ова прашање, но што е разликата помеѓу британската и американската комична чувствителност?

Мислам дека има многу поголема разлика помеѓу хуморот во Канзас или Арканзас и хуморот во Њујорк и Сан Франциско, отколку што има помеѓу Лондон и Њујорк. Моето мислење гласи дека вистинската дихотомија во САД е помеѓу Средниот Запад, каде што луѓето се стремат да бидат прозаични, и луѓето на крајбрежјата и во или околу Чикаго и Големите Езера, кои имаат многу поиронична смисла за хумор.

Како комичар што пишува сценарија, што мислите за подемот на импровизацијата?

Благодатите на импровизацијата отсекогаш ми бегале. Не знам зошто тоа се смета за главна уметничка форма. Не велам дека тоа не е интересно или вешто. Но, со текот на годините, сите комичари што сум ги почитувал – би можел исто така да кажам за сите писатели на комедија – се луѓе што ставаат зборови на хартија и продолжуваат да работат на нив додека не почувствуваат дека не можат веќе да ги подобрат. Тоа мене ми се чини за најважен и најинтересен дел од комедијата. Другиот е своевиден општествен трик, што го почитувам, но ми се чини дека не треба да се става на исто ниво. Добив номинација за „Оскар“ за сценариото на „Рибата наречена Ванда“, што помина низ 13 нацрти и на крајот навистина се чувствував дека успеав да скоцкам сè. Такво чувство не добивам со импровизацијата. Тие не успеваат да дојдат до некој граматички климакс или комичен климакс.

 Дали се гледате себеси како перфекционист?

Можете да бидете перфекционист на два начина. Едниот е кога навистина ќе се потрудите да го направите делото колку што е можно подобро, а токму тоа го правам секоја вечер кога излегувам на сцена. Знам дека изведбата нема да биде совршена. Знам дека во одреден момент ќе утнам нешто, ќе завлечам некоја реплика, ќе пропуштам некое смеење. Но, од тоа го извлекувам најдоброто што можам и потоа набрзина го прегледувам тоа во главата и размислувам што да сменам за следната вечер, па дури потоа одам на пијачка. Другиот вид на перфекционизам е да продолжите да агонизирате, велејќи, „леле, не требаше да згрешам“. Убаво е да се обидувате да достигнете совршенство, но не е убаво да си ја удирате главата околу тоа. Се разбира, ако ги погледнете големите уметници, морате да се согласите, тие во суштината се опсесивни со тоа што го работат. Животот им е речиси на второ место. Пикасо не правел пауза во 15 часот за да игра тенис.

 Сигурно честопати ви приоѓаат странци и ги изведуваат омилените скечови од „Пајтон“ или од „Животот на Брајан“. Претпоставувам дека тоа ви е најнепријатното искуство што може да ви се случи.

Ако се случува двапати дневно, сосем е прифатливо. Само кимнувате и се насмевнувате. Понекогаш, едноставно си заминуваат; а понекогаш кажуваат нешто интересно како „зошто го сторивте тоа?“ или „која беше целта на тоа?“ и ве вовлекуваат во голема дискусија.

Има ли некои шеги што сте ги направиле, а подоцна сте зажалиле?

Да, една или две во „Пајтон“. Дејвид Хемингс е многу пристојно момче, но се сеќавам дека помисливме оти неговата глума е малку дрвена и на крајот од сцената наведовме дека „Дејвид Хемингс се појавува со дозвола од Националната комисија за шумарство“.

Џон Клиз – комедиска икона во седумдесеттите години на минатиот век благодарение на „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ и „Фолти Тауерс“

Во „Пајтон“ и, секако, во „Фолти Тауерс“, вие тврдевте дека Германија и Втората светска војна се фер игра. Дали тоа беше ризично?

Луѓето погрешно го разбираа она што беше смешно. Јас отсекогаш сум сметал дека Англичаните се осврнуваат на Втората светска војна, бидејќи тогаш за последен пат ние бевме навистина важни. Една од моите најсаркастични шеги е онаа кога реков дека Американците наеднаш сфатија колку ужасна и зла личност е Хитлер, речиси веднаш по Перл Харбор. Знаете, ние му се спротивставувавме на Хитлер – или барем не му се поклонувавме – кога остатокот од Европа беше или нацистичка или неутрална. Но, Британците се стремеа да се вратат таму, да продолжат со правењето воени филмови зашто тоа беше последниот пат кога ние навистина бевме длабоко значајни. Сè се вртеше околу фактот дека Фолти се шеткаше наоколу и го имитираше Хитлер, бидејќи тој сè уште беше заглавен во историјата и беше за срамота што тој го правеше тоа пред Германците, кои се однесуваа со голема воздржаност и учтивост. Луѓето отсекогаш гледаа на тоа како ние да им враќавме на Германците. Јас му враќав на Базил.

 Во текот на годините, вие се исмевавте со смртта, но во вистинскиот живот зар тоа не ви смета?

Јас секако не сакам да умрам наскоро, бидејќи сметам дека мојот живот на многу начини станува посреќен од тоа што беше. Јас сум навистина многу среќен во мојот четврти брак и тоа го сметам за благослов со оглед на катастрофата што ми беше на глава во последните 40-50 години. Има толку многу работи што сакам да ги откријам и подобро да ги разберам, така што не сакам да си заминам во скоро време. Мислам дека имам јасна идеја како да стигнам до осумдесет години, а штом стигнам се надевам дека ќе се чувствувам како да сум сторил доволно и нема да ми пречи да си заминам.

 Како сакате да ви гласи епитафот?

„Пријателите ме сметаа за разумно љубезен“, се надевам.

Ништо за вашиот придонес кон светот на хуморот?

Не, тоа го сметам за ништо друго, освен за забавен начин на тепање време. Ми се допаѓа тоа што ги насмевнував луѓето, но на крајот важен е, барем јас верувам така, релативно малиот број на навистина блиски пријателства.

Извор:

https://hbr.org/2014/03/john-cleese

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s