Неле Карајлиќ, Жан Бак, Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес – гости на „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2017

Многу гости, странски автори, специјални настани и промоции, нови и атрактивни наслови, едукативни изданија и дидактички помагала, креативни работилници за деца, турнири во дидактички игри и многу други изненадувања

Издавачката куќа „Арс Ламина“, како и досега, ќе се претстави со низа нови наслови, но и со многу промоции и специјални гости, како домашни, така и странски.

Специјален гостин на овој саем е екс-ју легендата д-р Неле Карајлиќ. Тој ќе гостува во среда, на 5 април, во Промотивниот центар, со почеток од 18 часот, по повод промоција на неговата автобиографија „Фајронт во Сараево“ на македонски јазик. Во својата автобиографија „Фајронт во Сараево“ д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење“ и на „Топ-листа на надреалистите“, се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни.
Тој патува во спомените испреплетени со сегашноста и пред читателите се открива како сонувач, жртва, визионер и вечен извор на идеи. Влијанието на „Забрането пушење“ во тогашниот југословенски и постјугословенски контекст е огромно и во оваа приказна добиваме една поинаква перспектива на историјата на рокенролот. Искрено, топло и емотивно, со неодоливата доза на хумор по која тој е толку познат, д-р Неле Карајлиќ, зборува за тоа како почна и како заврши сè.

Во четврток, на 6 април, со почеток од 18 часот, во Промотивниот центар на саемот ќе се одржи промоцијата на книгата „Отчукувања“ на авторите Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес (Шпанија). Преку дијалозите пренесени во посебен и необичен формат („чет“-апликација), ова интересно четиво пренесува една приказна за вторите шанси во животот. Но, не само формата туку и спојот на овие два автора го прави овој проект навистина интересен – Руескас (Мадрид, 1987) е новинар, автор на книги за млади и воедно популарен блогер и „јутјубер“, a Миралјес (Барселона, 1968) искусен автор на повеќе романи, добитник на неколку книжевни награди, новинар, музичар – и вљубеник во Балканот.
Гостин на саемот оваа година ќе биде и Жан Бак (Луксембург), автор на романот „Аматер“, дел од едицијата „Прошетка низ Европа“. Жан Бак е добитник на Европската награда за литература, за романот „Аматер“. Промоцијата на „Аматер“ ќе се одржи во четврток, на 7 април во 13 часот.
Од новите наслови што ќе бидат промовирани во рамките на саемските денови, ја издвојуваме и автобиографијата на мајсторот на хуморот – неповторливиот Џон Клиз. Автобиографијата на Џон Клиз, „И така, ви велам…“, е сè она што може да се очекува од нејзиниот автор: луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја на ѕвездата на Монти Пајтон.
Ќе биде промовирано и продолжението на серијалот Бриџит Џонс на Хелен Филдинг, со романот „Бебето на Бриџит Џонс“, смешен и забавен дневник на една урнебесна бременост, како и романот за млади од авторката на бестселери Џенифер Нивен – „Светот на рамена“.
Од литературата за деца издвојуваме две специјални промоции: промоцијата на романот за деца „Супервештерката, мачката и трите волшебни колачиња“ на авторката Билјана С. Црвенковска (7.4. во 18 часот), како и промоцијата на книгата „Тато, имаме приказна!“, 14 татковко-ќеркински приказни за читање и смеење на глас, од Александар и Гала Таковски (8.4. во 13 часот).
Едукативните изданија на „Арс Ламина“ и посебните проекти ќе бидат исто така претставени преку неколку настани: работилница „Едукативни изданија и дидактички помагала: Практична примена во наставата“ (вторник, 4 април во 13 часот), промоција на изданијата на „Арс Ламина“ на Браево писмо и претставување на проектот за поддршка на деца со оштетен вид (вторник, 4 април во 17 часот), потоа посебна промоција на новите изданија од едицијата „Бајки од Македонија“, во соработка со здружението „Браво Сине“ (петок, 7 април, во 12 часот), како и претставување на програмата „Lego® Education“ (во четврток, на 6 април, во 13 часот), за која „Арс Ламина“ е застапник за Македонија.
Во среда, на 5 април, во 13 часот ќе се одржи промоција на нови списанија за ученици – „ЛИБИ“ и „Мини ЛИБИ“.

Покрај сите овие настани, програмата со активности ќе биде збогатена и со низа креативно-едукативни работилници за деца и турнири во дидактички игри, работилници за најмалите со пчеличката Маја, работилници „Lego® Education“, хемиски демонстрации и работилници со хемиски експерименти (наменети за учениците од 8 и 9 одделение) итн.

Во текот на саемските денови, паралелно ќе се одвиваат и настаните во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“, како дел од проектот „Астрорум“. Ќе учествуваат д-р Неле Карајлиќ, Жан Бак, Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес.

Во продолжение e целосната агенда со сите наши настани и активности во рамките на саемот.
* Преземете целосна агенда во PDF

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s