Мирисот на хартијата на книгата е незаменлив

Неговите идентитети патуваат од бајка во бајка, оживувајќи ги хероите со кои растат децата. Впечатливата појава со долгата коса е белег на секој лик од книга донесен на сцената на Театарот за деца и младинци. Мартин Јордановски алијас Могли, Максимилијан, Хармс, Капетан Кук или наскоро Мачката во „Мачорот во чизми“… ни ја отвори својата библиотека.

„Сите светли точки“ од Џенифер Нивен е изборот на Мартин

Мартин, што засака прво – театар, па книга или обратно?

Мојата прва претстава ја гледав во Градскиот лунапарк. Мислам дека имав шест години. Не паметам која беше претставата и дали се играше во киното или на монтажна сцена, но многу добро паметам дека седев најгоре, во последниот ред. Татко ми седеше на првото, а јас на второто столче. Во моментот кога се појави вештерката на сцена, преплашен изрипав и почнав да бегам по единствениот пат што водеше надолу по скалите. На половина од скалите сфатив дека всушност бегам кон вештерката. Се вратив со трчање назад и рипнав кај татко ми во раце. Мислам и дека викав и дека се стопираше претставата додека да ми објаснат дека не е тоа вистинска вештерка. Потоа театар немав гледано долго време. J Книги почнав да читам кога имав три години. Тогаш научив и да пишувам. Детските сликовници како „Трите прасиња“ и некои боенки беа првите „книги“. Така што, добро е што вештерката сум ја сретнал на шест, наместо на три години.

А денес, како актер од ансамблот на Театарот за деца и младинци, што мислиш што е позначајно за идните генерации?

Сигурен сум дека се позначајни книгите. Кога читаш книга, ти сам си ја правиш приказната во главата. Тука работи твојата фантазија, а не идејата или замислата на режисерот. Со читање се развива речникот и се збогатува фондот на зборови. Не велам дека сето тоа не се постигнува со гледање на театарска претстава, филм, посетување изложба итн. Напротив, сите се различен медиум и сите допираат кај човекот на ваков или онаков начин, но важно е да побудат нешто внатре кај тебе, да те поттикнат да размислуваш и да ги отвориш погледите.

Во доба на паметни телефони, социјални медиуми и брзината на информацијата, дали литературата сè уште е предизвик за истражување?

Апсолутно мислам дека е предизвик. Брзината на развојот на технологијата денес има свои предности и маани. Мирисот на хартијата на книгата е незаменлив. Чувството кога држиш книга во раката со прекрасни корици е незаменливо. Тежината на книгата… и физичката и духовната. Кога читаш како да сочувствуваш со авторот.

Каква книга претпочиташ, тврд повез или е-книга на „Киндл“?

За мене тврдиот повез носи мистификација за содржината што е внатре. Исто така, тврдиот повез ми кажува дека некој максимално се потрудил делото да биде забележано, да биде убаво за окото. Не сум сигурен дали е навика или не, но мене ми пречи ако долго време читам на компјутер, телефон. Претпочитам тврда копија, нешто што физички можеш да го допреш… а во нашава професија и да шкрташ, бришеш, пишуваш, допишуваш. Сепак, ако ти треба нешто веднаш, тука и сега, интернетот е секогаш опција.

Која книга во одреден период од животот влијаела на твоите ставови и начин на размислување, односно ти направила „пресврт“ во животот?

Нема книга за која можам да кажам дека ми направила „пресврт“ во животот. Можеби ако сум се сретнел порано со некои книги, случувањата ќе имале друг тек. Конкретно мислам на тоа дека кога бев дете не можеше да се најде книга за магионичарство кај нас… или, пак, јас не можев да најдам. Книги што ги паметам и ми оставиле впечаток како дете се „Срце“ од Едмондо де Амичис и „Приказни по телефон“ мислам дека беше од Џани Родари. Има една фантастична книга, голема, со тврд повез, се вика „Бајке народа света“ и таму има фантастични приказни што ми ги читаше дедо ми. Од тие за „возрасни“ расказите на Буковски и, нормално, генијалниот и за жал прерано починат, Данил Јувачов Хармс, кој притоа го играм на младинската сцена на ТДМ во претставата „Заспаниот разум раѓа чудовишта или денес не напишав ни збор“ во режија на Владимир Милчин.

Лик од книга кој што ти бил кошмарен?

Дракула. Дефинитивно. Покрај приказните и книгите, кога го видов првпат на црно-бел филм на ТВ, како излегува од ковчегот, се пикнав под кревет. Баба ми проба да ме убеди да излезам, но јас безбедно си ги чекав моите под креветот уште два часа, додека се вратат од работа.

Има ли книга што си ја препрочитал повеќе од трипати?

Има една мала џебна книгичка, со приближно стотина руски здравици, така и се вика „Руски здравици“. Одлична книга, може да ти се најде во секојдневниот живот. Мала, практична. Здравици за секоја пригода, многу блиски до нашето поднебје. Инаку вчера, читав извадоци од романот „Таи“ на Горан Гоциќ, што имаше промоција во „Салон 19:19“. Импресиите ми се тазе и се одлични. Топло ја препорачувам. Ова е прв превод на дело на авторот на македонски јазик. Романот длабоко нурнува во барскиот живот во Бангкок, каде што најголем дел од финансиите во градската каса се од борделите. Говори за основното нешто на кое забораваме, љубовта.

Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ докрај?

Хм…во последно време, нема таква. Можам да се сетам на три книги. Две се од Димко Тасевски-Дитас и се викаат „Децата на ѓаволот“ и „Крив правец“. Третата книга беше книга што ја сретнав случајно додека бев во приватно сместување во Охрид. Не паметам како се викаше, но се состоеше од приказни, сведоштва на Македонци кои биле носени на стрелање од страна на Бугарите, но за среќа преживеале. Тоа беа страшни и потресни сведоштва.

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

„Сите светли точки“ – Џенифер Нивен.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s