Големите издавачи ја изгубија храброста

Германија убедливо е земја што најмногу преведува литература од други јазици и која најмногу се интересира за тие што размислуваат поинаку. Швајцарскиот писател е автор чие творештво е крунисано со најпрестижната награда за детска литература „Ханс Кристијан Андресен“, позната и како мала Нобелова награда. Шубигер (1936-2014) во текот на шеесеттите години на минатиот век стана познат со збирката раскази „Кога светот беше млад“. Автор е на многу успешни книги за деца и млади, како „Приказна за Вилхелм Тел“, „Црната мечка и белата мечка“, „Мама, тато, таа и јас“, „Чудните авантури на Дон Кихот“, „Каде е морето“ и други. Делата на Шубигер се истовремено за деца и возрасни; тоа се кратки, шеговити, понекогаш и бизарни приказни, кои се поетични и поттикнуваат на размислување. Живее и работи во Цирих како независен автор и психотерапевт.

Јирг Шубигер, писател, добитник на малата Нобелова награда

Каде е местото на детската литература во светот? Дали е книжевност од втор ранг како што ја сметаат многумина?

Да, можеби детската литература е книжевност од втор ранг, но таа е втората најважна литература во светот. Постои една голема куќа и една мала куќа сместена во таа голема куќа (се смее). Во училиштата детската книжевност се смета за помалку важна, како помалата возраст да е изедначува со помал квалитет.

Какви мотиви и какви приказни би можеле да ги натераат децата да читаат, па и да пишуваат?

Многу е важно родителите да читаат. Родителите треба да им читаат на своите деца уште од најмала возраст и мислам дека тоа е првиот чекор за да се заинтересираат. Мојот татко многу читаше и нам во семејството ни го пренесе тоа. Уште не знаевме да читаме и пишуваме, а тој ни читаше буквално секоја вечер и тоа точно половина час. Тоа за мене беше едно од најзначајните искуства во животот и мислам дека доколку го немав тоа искуство денес немаше да бидам писател.

Колку е тешко за една национална книжевност што е непозната да се пробие во светот?

Тешко е навистина. Германија убедливо е земја што најмногу преведува литература од други јазици и која најмногу се интересира за тие што размислуваат поинаку. Не гледам што повеќе би можело да се направи во Германија. Можеби писателките имаат поголема шанса (смеа). Уште подобро ако се млади. Да бидеме сериозни, последните години беа навистина тешки во издаваштвото насекаде. Големите издавачи веќе не се заинтересирани за приказни како моите, иако добро се продаваат, но тие повеќе се свртеа кон рецептот на САД – бестселери, што е навистина тажно. Немаат храброст да објавуваат некомерцијални дела.

Како пишувате?

Како и секој писател, од она што ме опкружува и од интеракцијата со луѓето. Но, некогаш многу зависи и од тоа што бараат издавачите. Кога почнав да се занимавам со пишување, еден издавач ме праша дали можам да напишам книга за Вилхелм Тел, лик од швајцарскиот фолклор. Јас не бев заинтересиран воопшто. Тој лик можеби бил интересен за мојот татко, но за мене беше старомоден. Подоцна сфатив дека и на таквите приказни треба да им дадеш поинаков дух. И се решив да напишам книга за Вилхелм Тел, најмногу поради мојот татко кој го сметаше овој лик за свој херој.

Кој е Вашиот омилен фикционален карактер?

Том Соер дефинитивно. Го имам препрочитано многупати. И сега со мојата сопруга читаме на глас заедно и сè уште ни е интересен. Од „возрасната литература“ во последните неколку години читам повеќе француски автори бидејќи мојата мајка доаѓа од француското говорно подрачје и се обидувам да ја исполнам нејзината желба да научам француски.

Колку Ви беше важно тоа што ја добивте наградата „Андерсен“? Беше ли престиж да се најдете на листата на добитници заедно со автори како што се Астрид Линдгрен и Џани Родари?

Ми беше многу мило и чудно во исто време. Дотогаш не бев навистина познат во многу земји од Европа, но се зачудив што моите книги се преведени на Далечниот Исток и во Источна Европа. Тоа беше голема церемонија, беше присутна и данската кралица, која ми ја врачи наградата. Како сон.

Автор: Елена Димитровска

Текстот е изворно објавен во дневниот весник „Време“, понеделник, 28. 06. 2010

Интервјуто е правено по повод гостувањето на Јирг Шубигер во Скопје, Прилеп и Охрид, во организација на Гете-институтот и претставување на книгата „Среќни и несреќни случки“

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s