Впечатливи фотографии на читатели ширум светот

Во една нова книга се сочинети сите фотографии на читатели од Стив Меккари, што се собрани од 30 држави. Од челичарниците во Србија, до училниците во Кашмир, тие ја откриваат моќта на пишаниот збор.

„Читателите ретко кога се осамени или им е ’збоктисано‘, бидејќи читањето е прибежиште и просветлување“, напиша Пол Теро во предговорот за новата книга на „Фајдон“, Стив Меккари – „За читањето“. „Ваквата мудрост е понекогаш видлива. Мене ми се чини дека секогаш има нешто светлосно во лицето на човека додека тој чита.“

Мјанмар, 1994 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Таквата светлост се појавува низ целата книга, дали во наведнатата глава на жена во некој музеј во Италија или во сосредоточениот израз на некој уличен продавач во Кабул. Во текот на следните 40 години, овој фотограф на „Магнум“ собра збирка од фотографии на кои се прикажани луѓе што се обземени со печатениот збор.

Рим, Италија, 1984 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Некои се пононшалантни, како човекот пред пламнатата печка, што го стиска весникот во едната рака, а цигарата во другата; други изгледаат задлабочено, навидум несвесни дури и ако пар џиновски скелетни нозе или некој слон се потпре на нив. Сите тие се привремено пренесени на друго место.

Чјанг Маи, Тајланд, 2010 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Меккари беше инспириран од еден голем унгарски пионер. „Го запознав легендарниот фотограф Андре Кертеш наскоро откако се преселив во Њујорк, кога одвај бев наполнил триесет години“, вели Стив Меккари во воведот на книгата. „Некои од неговите најфасцинантни фотографии беа оние со луѓе како читаат. Тие беа правени за време од 50 години и беа собрани во неговата книга ’За читањето‘, објавена во 1971 година“. Новата книга на Меккари е, тврди тој, „мој начин на оддавање почит кон талентот, влијанието и генијалноста на Кертеш“.

Мумбај, Индија, 1996 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Во книгата од 1973 година, „Гледање во фотографиите“, кустосот во Музејот на современа уметност, Џон Зарковски, напиша дека „Кертеш никогаш не бил многу заинтересиран за смислен, аналитички опис; тој уште кога почна да фотографира во 1912 година, се стремеше кон револуцијата на елиптичното гледиште, неочекуваните детали, минливиот момент – не кон епската, туку кон лирската вистина“.

Умбрија, Италија, 2012 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Фотографиите на Меккари се составени од оние моменти, мигови на луѓе апсорбирани во пишаниот свет, од кои многумина не се свесни дека ги фотографира некој. Швајцарскиот поет, романсиер и сликар, Херман Хесе, прикажа прониклив опис за она што може да се нарече сеопфатно искуство во својот есеј од 1920 година „За читањето книги“. „Во моментот кога нашата имагинација и нашата способност да поврзуваме сè на својот врв, ние навистина веќе не го читаме она што е испечатено на хартијата, туку пливаме во поток од импулси и инспирации што достигнуваат до нас од тоа што го читаме.“

Кувајт, 1991 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Фотографиите од „За читањето“ откриваат нешто што ем нè носи надвор од овој свет, ем ни помага да научиме повеќе за него. На својот блог „Brain Pickling“, Марија Попова ги опишува различните улоги на читањето. „За Кафка, книгите беа ’секирата за замрзнатото море под нас‘; за Карл Саган, ’доказ дека луѓето се способни за правење магија‘; за Џејмс Болдвин, начин како да си ја промениме судбината; за Нил Гајман, возилото кон најдлабоките човекови вистини; за полскиот нобеловец-лауреат, Вислава Шимборска, нашата крајна граница кон слободата“. Галилео, тврди таа, „гледал на читањето како на располагање со натчовечки моќи“.

Кашмир, 1998 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Во својот предговор за „За читањето“, Теро објаснува како читањето на делата од Болдвин, како и на оние на Лангстон Хјуз и Зора Нил Хурстон, го променија неговото гледиште кон светот. „Начинот на кој читателот е внесен во внатрешниот живот на фиктивниот лик мене ми значеше сè, ја оформи мојата чувствителност и ми даде одредено разбирање на расните конфликти во американскиот живот.“

Шри Ланка, 1995 (Стив Меккари/Магнум фотос)

На оваа слика, Меккари има доловено една жена како му чита на својот внук пред еден храм. Теро открива кога тој првпат станал читател. „Најголемиот дел од читателите можат да пронајдат дека изворот на нивната љубов е во слушањето приказни. Татко ми ни го читаше мене и на моите браќа ’Островот со богатството‘ пред спиење; мајка ми ни ги читаше ’Петте кинески браќа‘, серијалот ’Снип, Снап, Снур‘, ’Синчето слон‘ и многу книги од д-р Суз… Мојата заинтересираност за поширокиот свет беше стимулирана уште од рана возраст.“

Племето Сури, Тулгет, долината Омо, Етиопија, 2013 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Хесе ја овековечи трансформативната природа на читањето во неговиот есеј од 1930 година „Магијата на книгата“: „Меѓу многуте светови што човекот не ги прими како дар од природата, туку ги создаде од сопствениот ум, светот на книгите е највеличествениот… Без зборот, без пишувањето книги, нема историја, нема концепт за човештвото. И ако некој сака да се обиде да затвори на мал простор, во само една куќа или во само една соба, историјата на човековиот дух и начинот како да го направи свој, тој може да го постигне тоа единствено во формата на колекција од книги“.

Реал Габинет Португес де Лејтура, Рио де Жанеиро, Бразил, 2014 (Стив Меккари/Магнум фотос)

„Кај сите народи, зборот и пишувањето се свети и магични“, напиша Хесе. „Именувањето и пишувањето оригинално беа магични операции, магични освојувања на природата преку духот и насекаде се сметаше дека дарбата на пишувањето е од божествено потекло. Кај најголемиот дел од народите, пишувањето и читањето беа тајни и свети занаети, резервирани исклучително за свештенството.“

Кабул, Авганистан, 2002 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Теро ја опишува природата на таквата магија во својот предговор. „Голем дел од привлечноста да се чита фикција лежи во откритието дека читателот знае многу повеќе за внатрешниот живот на ликот во книгата, отколку за членовите на своето семејство или за пријателите. Интензитетот на читачкото искуство, невозможно да се претстави пред некој нечитател, лежи во тоа зошто фиктивните ликови изгледаат реални, примерни, трагични, комични и пристапни… Големите книги фрлаат магија, го внесуваат читателот во свет што понекогаш е за пример, на пример полинезискиот рај во ’Тупе‘ од Мелвил или во англиската дистопија на Орвел, ’1984‘.“

Челичарница МКС, Србија, Југославија, 1989 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Фотографиите на Меккари, тврди Теро, „се визуелен доказ за голем дел од тоа што го напишав јас: прибраноста на читателот, светлосниот поглед, замислата за осаменост, опуштениот став, исклучителноста на напорот, чувството на откривање и навестувањето радост“.

Њујорк, САД, 2015 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Исто така, тие се потсетник дека многу луѓе ширум светот сè уште го одбираат печатениот збор, наместо смартфонот. Во 1930 година, Хесе тврдеше дека „ние не треба да се плашиме од елиминирањето на книгите во иднина“. Напротив, колку повеќе одредени потреби за забава и образование се задоволуваат преку други изуми, толку повеќе книгата ќе си ги врати достоинството и авторитетот. Зашто, дури и најдетската опијанетост од напредокот наскоро ќе биде присилена да признае дека пишувањето и книгите имаат функција што е вечна.

Кувајт, 1991 (Стив Меккари/Магнум фотос)

Хесе заклучува: „Ќе стане очигледно дека формулацијата во зборовите и справувањето со овие формулации преку пишување не само што се важни помагала туку всушност тие се единствениот начин на кој човештвото може да има историја и непрекината свесност за себеси“.

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s