Тaa успеа да побегне на семејната сенка. Светлината на сцената денес е вперена кон неа и кон нејзиниот инструмент, харфата. Еднакво лирична и топла како звукот на инструментот, нè внесе во нејзиниот свет на литературата. Ова е библиотеката на Мерсиха Шукри.
Мерсиха, семејството ти ја пренело љубовта, но и генетиката за музика, ама дали литературата успеа да се избори за место во твојот живот?
Како и музиката, така и книгата секогаш е присутна во мојот живот. Покрај големата музичка литература во мојот дом, и библиотеката со книжевна дела од различни категории има свое место. Блиску до мојот дом има библиотека што, како дете, често ја посетував. Кога правам пауза во вежбањето харфа или пред спиење, сакам да прочитам по некоја страница. Музичкото дело е како слика што треба да се наслика, а книгата ја има најголемата моќ за создавање на тие слики. Нема ништо поубаво кога ќе навлезеш во една приказна, без разлика на жанрот. Замислуваш слики, дејства што ти се инспирација за размислување и дејствување во секојдневниот живот.
Кoe книжевното дело е инспиративно да се преточи во мелодија за харфа?
Не би можела да издвојам одредено книжевно дело, но може како тематика да ја издвојам моќта на љубовта. Љубовта да се нурне длабоко во себеси, да се разбуди срцето со сета своја внатрешна раскошност и бујност, затоа што универзумот го слуша само јазикот на срцето.
По кој критериум ја одбираш книгата што сакаш да ја прочиташ?
Имам многу пријатели кои работат во издавачки куќи и книжарници, кои секогаш знаат да изненадат со убави предлози за книга. Љубител сум на мистиката, духовноста, истокот воопшто и затоа најчесто читам книги со таква содржина. Секако, отворена сум и за која било друга опција.
До книгите стигнуваш преку: книжарница, библиотека или е-книга?
Интересно е што книгите најчесто ги добивам како подарок од пријателите. Тука се и многубројните пријатели кои пишуваат и се автори на книги. Сигурно, познавајќи ме, знаат дека книгата ми претставува еден од најубавите подароци, што секогаш ја задржува својата вредност и останува за следни генерации.
Дали има книга што си ja препрочитала повеќе од трипати?
Целосно да се вратам и да прочитам, не. Но, има одредени книги што се базираат на кратки приказни или медитации, на кои се навраќам често. Тоа се обично тие книги што нè враќаат на базата на животот. Од нив би ги издвоила: „52 чекори до успехот“ – Наполеон Хил; „Моќта на љубовта“ – Шри Шри Рави Шанкар; Зен приказните…
Со кој лик од книга се идентификуваш?
Обично не се идентификувам со лик, но знам да се ставам на негово место. Ако се огледам на мојот досегашен живот, кој изобилува со непредвидливи речиси и апсурдни животни ситуации, би бил еден голем микс. J
Која сцена, ситуација или опис од книга те оставила без здив?
Би го издвоила Шри Шри Рави Шанкар, кој во својата книга „Моќта на љубовта“ ја опишува духовноста. Имено, религиите ги споредува со кората од банана, а духовноста со нејзината срцевина. Едноставен и сликовит пример што ми се врежал и ми оставил впечаток. Духовноста ја смета за знаење што ги обединува мудроста и љубовта, убавината, вистината и сочувствувањето.
Дали пишуваш посвети на книги и дали паметиш некоја посвета на книга што си ја добил?
Да, секогаш пишувам посвета кога подарувам книга. Во подарените книги имам многу посвети што најчесто биле инспирација од насловот или со порака до мене. Во најсвежо паметење ми е „Реализирај ја твојата мудрост од длабочината на песокот“.
Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?
„Оди, постави стражар“ од Харпер Ли, американска писателка која е добитник на Пулицеровата награда. Ме заинтригира насловот и читајќи го краткиот опис на книгата, мислам дека е во доменот на моите литературни интереси.