Култниот роман на Стивен Кинг „Тоа“ (IT) оваа година ќе оживее повторно на големото платно. Иако сè уште нема детали околу него, откриено е дека авторот на ликот, легендарниот писател, веќе видел што направиле продуцентот и режисерот од неговото хорор-дело.
Како што пренесува „Мувивеб“ (Movieweb), филмот што ќе ја има назнаката „Р“ (и веројатно продолжението „Тоа 2“) не го разочарал Стивен Кинг.
„Стив ме замоли да ја пренесам пораката дека денеска го гледаше филмот и дека сака сите да знаат оти не треба да се грижат околу Тоа, бидејќи продуцентите завршиле одлична работа на овој проект“, е официјалната порака објавена на сајтот на писателот.
Продуцентот Сет Греам-Смит ја сподели оваа порака на „Инстаграм“ со забелешката „сега можам и да умрам“.
За проектот-продолжение на „Тоа“ многу се зборуваше во минатите години, но снимањето на филмот е завршено дури во септември.
Фановите на книгата и на ТВ-адаптацијата имаа големи очекувања кога беше објавено дека зад камерата ќе биде Кари Фукунага, човекот кој ја потпиша режијата на првата сезона на „True detective“.
Сепак, Фукунага се откажа од проектот, иако продуцентите задржаа дел од сценаријата на кои работеа тој и Чејс Палмер. Така што, режисер на „Тоа“ е Аргентинецот Андрес Мускиети, кој зад себе го има само хоророт „Мама“.