Книжевноста е витамин Ц

Неговата боја на глас ни ги носи дома дневните новости. Многумина го доживуваат како телевизиски лик, иако тој целосно ѝ припаѓа на литературата. Од љубов, оживува поезија на книжевни беседи. Ова е библиотеката на Васко Маглешев.
img_9515
Васко, работеше во ТВ, сакаш филм. Дали литературата е утеха или основа за сè?

Книжевноста е единствената општествено-прифатлива форма на „шизофренија“, каде што е дозволено да бидете илузионист и авантурист во таа смисла, а да не ви забележат за „лудилото“, бидејќи тоа е на хартија и се прифаќа како уметнички занес. Toa e секојдневниот витамин Ц. И вицот е книжевна форма, иако не го промислуваме како уметност во мигот на кажување. Слично е со дневните метафори, изборот на зборови… Филмот, пак, е дел од себе што го сознавам како дете кое првпат застанува пред огледало, тоа е мојата втора гранка за кислород.

Презентерство v.s. новинарство v.s. личните афинитети и рејтинзите?

 Медиумите во Македонија станаа кванташки пазар, каде што на големо се распродаваат висококалорични лаги. Новинарството беше интелектуална професија. Денес, можете да влезете во медиум без апсолутно никаква интелектуална оска и интегритет и веќе следниот ден да ви се чуе гласот во етерот. Тоа е професија со слаби и пропустливи мембрани. Во врска со јазикот во медиумите… Велат, ѓаволот е во деталите. Од „петта“ до „пета“ има само еден разлика од консонант и цела планина.

Мојот афинитет никогаш не биле медиумите, иако за десет години искуство поминав буквално низ сите позиции. Животниот профил во работна смисла го пронаоѓам само и исклучиво во академската средина. Сè друго е одработување. Во врска со рејтинзите… Тие се образ на нашиот избор. Процентите на гледаност ја проголтаа професијата. Медиумот не прави програма, туку публика. Со години ѝ дозиравме на публиката нискобуџетни и евтини содржини. По децениска контаминација, за очекување е гледачите да го бараат тоа. „Рецептот“ е јасен: Ако сакате рејтинг, пуштете порнографија!

Која книга во одреден период од животот влијаела на твоите ставови и начин на размислување, односно ти направила „пресврт“ во животот?

 Влијаеле многу. Навистина многу. На пример, тоа е речиси целиот опус на, како што го нарекуваат францускиот филозофски „артилерец“, Мишел Фуко. Од „Раѓање на биополитиката“, „Надзор и казна“, „Археологија на знаењето“… Овој проминентен филозоф пишуваше дека животот е објект на моќта. Најдлабок ми е концептот за уживањето и сексуалноста и општествената дисциплина. Колку е поголемо уживањето, дискурсот на моќта е посилен. Фуко го именуваше ова како „економија на телото и уживањето“. Брилијантен ум. Ми отвори навистина многу нови хоризонти.

Лик од книга кој ти бил кошмарен?

Ги сакам „ноќните мори“. J Таму лежат одговорите за дневните дилеми. Авторите тешко ги „клесаат“ овие карактери како наративни идентитети. Лик кој во таа смисла ми бил тежок за проследување, без сомнение, е Улрих од „Човек без својства“ на Роберт Музил – тоа е книжевен лик лишен од секакво етичко одредување, но кој е, во таа смисла, најблиску до вистината. Лик-енциклопедија, кој влегува и излегува од математички, историски, филозофски дискурси. Имате впечаток како да се чува со канџи за да не му ја допрете книжевната егзистенција. Ѓаволски тешка работа е да се чита и да се анализира перото на Музил. Тоа е лик како Леополд Блум од „Улис“ на Џемс Џојс или Марсел од „Во потрага по загубеното време“ на Пруст.

Има ли книга што си ја препрочитал повеќе од трипати?

 Штета што морам да изберам една. J „Златниот павилјон“ од Јукио Мишима. Сижето е за зен-будистички свештеник, кој е опседнат со убавината на древен храм. Поради недостижноста на таа убавина, тој го пали Златниот павилјон, со тоа уништувајќи го до темел еден од најголемите споменици на јапонската цивилизација. Oваа чудна „естетска пироманија“ е книжевна бајадера за избрусени сладокусци. Инаку, на списокот се Томас Ман, Вирџинија Вулф, Херман Брох, Маргарет Јурсенар…

img_9509Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ докрај?

 „Срамота“ од Џон Куци. Тоа е префинет романсиер кој раскажува тивко, но продорно. Ова четиво е за приватниот и за јавниот срам низ карактерот на еден професор.

Која песна или кој расказ сакаш да го исчиташ јавно со твојот тенорски глас?

 „Среќа“ од аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес. Веројатно затоа што забораваме дека има лик под многуте маски за пред другите.

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

 „Оди, постави стражар“ од американската писателка Харпер Ли. Интригантен ми е насловот. Знам дека aвторката е добитничка на Пулицерова награда.

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s