Книгата на Џорџ Орвел „1984“ стигна до првото место на листа на бестселери на „Амазон“ по изјавата на советничката на Доналд Трамп за „алтернативните факти“ во врска со бројот на присутни на инагурацијата на новиот американски претседател, пренесува порталот „Б92“.
Забележан е пораст на продажбата на овој дистописки роман за општеството во кое фактите се искривени и задушени со „новоговорот“, по последното тврдење на новата американска администрација дека на свеченото преземање должност на Трамп имало повеќе луѓе отколку што известувале медиумите, иако на фотографиите се гледа поинаква состојба.
Новиот портпарол на Белата куќа, Шон Спајсер, на прес-конференција изјави дека свеченото преземање должност на Трамп е најпосетено досега.
Советничка на Трамп, Келиен Конвеј, на прашање на новинари на Ен-би-си за овие тврдења, рече дека тоа се „алтернативни факти“, со што предизвика реакција на социјалните мрежи, споредувајќи ја со романот на Орвел.
Голема продажба имаа и книгите на Синклер Луис за изборот на авторитарен претседател, „Тоа овде е невозможно“, како и книгата на Олдас Хаксли „Многу нов свет“, но и анализата на Хана Арент за „Потеклото на тоталитаризмот“.