Маратонци, привлечна група на луѓе: интервју со Хал Хигдон

Тој е автор е на 36 книги, вклучувајќи го и бестселерот „Маратон: Врвен водич за тренинг“, сега во своето четврто издание. Трчаше осум пати на олимписките квалификации, а четири пати беше светски шампион. На годишниот состанок на Американското друштво на новинари и автори во 2003 година, Друштвото му ја додели наградата за кариерно остварување, највисоката почест за сите негови членови писатели. За Хал Хигдон и за неговите програми во интервјуто во продолжение.

hal-desk-%d1%98pg

Кои се најубавите трки на кои сте присуствувале?

„Индијана дунс стејт парк“ останува на врвот од мојата листа. Има од сè по малку: од рамно и брзо до стрмно и живописно, под јасните денови на небото над Чикаго. На второ место, можеби, е Редвуд форест во Ротарија, Нов Зеланд. Но, Бермуда веројатно го има најживописниот маратон од сите 111 на кои сум трчал.

Што мислите, кои се најбудалестите трендови во трчањето, од аспект на тренирање и опрема?

Не сум сигурен дали постојат будалести трендови во трчањето. Барем не сум доволно арогантен да ги брендирам таканаречените трендови како „будалести“. Сè додека сте тркач и го сакате спортот колку што го сакам јас, немам проблем со ниедна будалштина што ја носите во спортскиот ранец.

Што правите (или правевте, со оглед на тоа што не трчате толку многу како порано) кога трката е само „ринтање“? Имаше ли физички или ментален начин што правеше трката да се одвива побрзо или едноставно ја апсорбиравте (или едноставно се откажувавте)?

Трката да биде ринтање? Дали воопшто некогаш се случува тоа? Можеби за обичните смртници. Ако има физичка причина зошто една трка да биде ринтање, тогаш треба да кренете раце и да се надевате дека не се наоѓате на повеќе од петнаесетина километри од вашиот паркиран автомобил.

Имате објавено толку многу различни видови текстови. Кој е оној стил што никогаш не сте го испробале, а сте сакале (или за кој посакувавте да сте повешти)?

Да ми го поставевте тоа прашање пред три или четири години, би ви одговорил дека би сакал да напишам роман. Но, оттогаш ја исполнив таа желба да напишам дело од областа на фикцијата. Едноставно насловено како „Маратон“, во делото се објаснети 72-та часа што му претходат на некој голем маратон што силно потсетува на Чикаго.

haldisney

„Целите во трчањето беа лесни“ – Хал Хигдон

Каква беше вашата реакција кога Њујоршкиот маратон беше откажан веднаш по ураганот Сенди?

Не сакам да ја осудувам Мери Витенберг, директорката на Њујоршкиот маратон, ниту, пак, градоначалникот, кои во своите најрани изјави на средината од неделата веднаш по ураганот сакаа маратонот да се одржи како што беше планирано. Тогаш сметав дека тоа е лоша одлука, но тие се поправија и ја откажаа трката. Тоа беше правилна одлука, иако дојде во последен момент. За мене немаше смисла тркачите да скокаат по улиците додека луѓето страдаат, домовите им се уништени, немаат струја. Меѓутоа, многу тркачи одлучија да трчаат во Централ парк, без да се грижат за времето и за растојанието. Други отидоа близу почетната линија на Статен Ајленд за да помогнат во расчистувањето. На сите им ракоплескам. Исто така, им ракоплескам на сите оние што им рекоа на организаторите на маратонот, не, не сакаме ова да ни се случува во заднината во овие тешки времиња за Њујорк.

Трчањето е толку „основно“, а сепак продолжува да биде тема на голема контроверзија и публикација. Зошто таква едноставна активност предизвикува толку голема дискусија, рефлексија и совети?

Тоа е самопомагачка тема, се разбира. Кога првпат навлегов во трчањето, никому не му беше многу гајле за тој спорт, освен можеби на олимписко ниво и, во случај на маратонот, еднаш годишно во Бостон. Но, сега имаме маратони што привлекуваат десетици илјади тркачи. Ние сме привлечна група, така што нашите маани привлекуваат големо внимание.

Поврзано со тоа, трчањето е неверојатно застрашувачка активност за многу луѓе. Зошто мислите дека тоа за луѓето е пообесхрабрувачко, да речеме, од возењето велосипед?

Обесхрабрувачко? Во последно време веројатно минувам поголема километража со велосипедот отколку со трчањето и дали зборот „обесхрабрување“ треба да се поврзува со трчањето, не знам. Исто така, мразам кога зборот „исцрпување“ се прикачува за нашите настани на издржливост. Ќе споменам дека возењето велосипед е многу поопасна активност отколку трчањето, особено во области каде што ги делиме патиштата со машини на четири тркала или со животни на четири нозе. Автомобилите не можат да ве удрат и кучињата не можат да ве бркаат кога трчате крос-контри.

За што обично размислувате додека трчате?

За што било и за сешто. Едно од поголемите задоволства на трчањето е тоа што го пуштате мозокот на пасење додека трчате. Сешто може да ми го привлече вниманието, од морски галеб што се прпела на плажата за време на зајдисонцето до привлечен женски тркач кој вели „здраво“ додека се разминуваме, макар што нема да се видиме веќе никогаш.

Лани ручав со некои пријатели кои беа дојдени во градот за да го истрчаат Чикашкиот маратон и реков дека тренирањето за маратон мене не ми се чини многу забавно. „Не е забавно“, потврдија тие. Се согласувате?

Не, но навистина не ми е гајле дали некој – особено некој што не е тркач – го смета тоа што ние го правиме за „забавно“. Само, ве молам, тргнете ни се од патот, а убаво би било и да си го држите кучето на ременче и да не чепкате по телефонот додека возите покрај нас во вашите преценети автомобили. Но, ех, нели фокусот на интервјуто досега беше помалку негативен. Повеќе би се фокусирал на трчањето од позитивна, а не од негативна страна. Ако трчањето беше толку тешко, немаше во денешно време да среќавате толку многу луѓе што трчаат.

Во вашиот живот имате постигнато толку многу како писател и како тркач. Во последните неколку децении кои цели беа потешки да се остварат, оние за трчањето или оние за пишувањето?

Целите во трчањето беа лесни. На почетокот од годината едноставно се прашувате, што сакам да постигнам во текот на следните 12 месеци? За мене, тоа можеби би било успешното учество на олимписките квалификации. Можеби би било борбата да се стане светски првак. Или можеби би било едноставно да се помине годината во добро здравје и без повреди. Целите во пишувањето? Не сум сигурен дека имам некакви цели во пишувањето. Секоја задача за статија, секој договор за книга, претставуваше своевидна цел. Целта беше да се заврши задачата, да се добие исплата, па да се продолжи на следната задача.

Споменавте во други интервјуа дека сте неверојатно организиран писател. Кои се вашите методи за таквата организираност?

Зарем јас сум го употребил зборот „неверојатно“? Тоа ми се чини како малку претерано. Ако Хемингвеј воопшто некогаш го употребил зборот „неверојатно“ во некоја од своите први верзии, тоа би бил првиот збор што би го пречкртал во втората верзија. Организација? Тоа е дел од личниот ментален состав. Тоа е да не се плашите да го правите она за што ве бидува. Отсекогаш сум можел да станувам наутро, да одам на трчање (или сега почесто на возење велосипед), да појадувам, па да седнам на машината за пишување (или сега почесто на компјутерот) и да почнам со работата за тој ден. Никогаш не сум претрпел писателска блокада. Не знам што е тоа. Со почнувањето на секоја задача обично ми беше јасен патот како да ја завршам работата. Од причина што бев добар истражувач и интервјуист, обично го знаев крајот пред да го дознам почетокот. Една издавачка еднаш ми кажа дека ѝ се допаѓале моите статии зашто имале почеток, средина и крај. Многу ѝ ја олеснувале работата. Така можела да се посвети на запирките, а не на параграфите. Се задржував колку што беше потребно за да создадам колку што е можно посовршен продукт. Колумна од 600 зборови можеше да ми однесе еден час работа. Книга од 100.000 зборови можеше да ми однесе една година. Никогаш не сум се чувствувал како да имам „метод“ за пишување. Ништо од тоа што би се појавило на насловните страници од списанијата не е насочено кон писателите-почетници. Јас едноставно пишував. Организираноста ми овозможи да пишувам брзо, бидејќи никогаш не морав да паузирам за да подразмислам што да кажам следно.

hal2

„Никогаш не сум се чувствувал како да имам „метод“ за пишување.Организираноста ми овозможи да пишувам брзо, бидејќи никогаш не морав да паузирам за да подразмислам што да кажам следно.“ – Хал Хигдон

Вие првично почнавте како амбициозен писател на стрипови. Дали сè уште уживате во стриповите? Што читате?

Всушност, мојата амбиција не беше да станам писател на стрипови; повеќе ми беше да станам цртач на стрипови. Но, при создавањето на уметноста, ги создавав и зборовите што ја придружуваа уметноста. Мојата цел како средношколец беше еден ден да создадам стрип со приближен квалитет како „Тери и пиратите“, од најистакнатиот писател/уметник од тоа време, додека бев средношколец или можеби на сите времиња. Милтон Каниф, а него го сметаа за Рембрант на стриповите. Цртав стрипови како средношколец, но исто така и ги пишував. На крајот, сфатив дека многу повеќе ме бидува за пишување отколку за трчање и затоа ја променив кариерата. Потоа, ретко кога читав стрипови. Чинат премногу во однос на десетте центи што ги давав како дете. Исто така, премногу ја развлекуваат приказната. Премногу тепање, а премалку размислување. Син ми е претплатен на „Неверојатниот Спајдермен“, така што одвреме-навреме му ги џапам стриповите и читам осум наеднаш. Почесто ги читам стриповите што излегуваат со весниците. За жал, стиснати се на толку тесен простор што понекогаш имам проблем да ги прочитам облачињата. За Дунсбери ви треба лупа. Со намалениот простор, исчезнаа сите добро познати авантуристички стрипови. Веќе не се среќава нешто толку добро нацртано или толку добро напишано како „Принц Валијант“, „Тарзан“ или „Флеш Гордон“. Наместо тоа, заглавивме со секојдневните шегички. Од тој жанр ми се допаѓа Фраз, бидејќи тој е тркач и тробоец и „За добро или за лошо“, бидејќи приказната се одвива со одредена продолженост. Би сакал да додадам дека собирам оригинална стриповна уметност и голем дел од неа ми е обесен по ѕидовите во канцеларијата. Моментално зјапам во една страница од „Делија“, од Џон Ромита помладиот.

Рековте дека како млад, трчањето не била прифатлива активност за деца постари од 17 години. Зошто мислите дека е така и што, генерално, мислите дека беше пресвртницата кај трчањето што стана пораширено хоби?

Немаше натпреварувачки можности. Ни атлетски митинзи, ни трки по патиштата или, во најмала рака, малку можности за спортистите што се надвор од училиште. Кога првпат го истрчав Бостонскиот маратон во 1959 година, имаше само стотина учесници. Малку тркачи на патеки или крос-контри тркачи продолжија по средното училиште и по факултетот и најголемиот дел од нив беа мошне подготвени, способни да истрчаат маратонска трка за помалку од три часа. Но, фокусот почна да се преместува кон спортот заснован врз физичката подготвеност, забрзано со книгите-бестселери на Бил Боверман (Џогирање) и на д-р Кен Копер (Аеробика), но исто така со една статија за Бостонскиот маратон насловена како „Во трк од кучиња и луѓе“, што ја напишав за „Спортс илустрејтед“ во 1963 година. До крајот на шеесеттите години, илјадници тркачи влегоа во Бостон и трчањето беше на пат да стане најпопуларниот спорт, благодарение на златниот медал на Френк Шортер од олимпискиот маратон во 1972 година.

Што ви се допаѓа најмногу во користењето на социјалните медиуми како алатка за тренирање?

Можам да ги користам од дома.

Какво е чувството да бидете 339-тото лице што дало интервју за „Залки“ (Zulkey.com)?

Зависи од тоа кого ќе изберете за 340-ти.

Извор:

https://www.wbez.org/shows/wbez-blogs/the-hal-higdon-interview/723b3471-41cc-468e-a486-eacd40004d93

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s