Расказите се идеалниот медиум за пишување

Кристијан Крусат е еден од најзначајните шпански автори на денешницата. Добитник е на Европската награда за литература во 2013 година за „Кратка теорија за патувањето и пустината“, раскази преку кои можеме да ги доживееме различни вкусови на животот, и горчина и слаткост и лутина…Господине Крусат, како би ја опишале вашата книга „Кратка теорија за патувањето и пустината“?

Кога би морал да ја опишам мојата книга, би рекол дека тоа е книга што комбинира различни стилови, различни структури и форми. Има шест приказни; во некои од нив пустината е физички пејзаж, а во други е емоционален пејзаж. Но, во сите нив има потрага, патување и многу силно чувство на осаменост и напуштање.

Што ви значи добивањето на Европската награда за литература во 2013 година?

Влијанието и последиците што може да ги има наградава врз моето пишување, во основата, се мотивациски. Тоа ме охрабрува и ме мотивира да продолжам да пишувам. Јас така гледам на тоа.

Зошто пишувате раскази? Дали има конкретна причина зошто тие се вашиот избор?

Пишувањето кратки раскази, наместо романи или поезија, не е случајно, туку избор. На пример, според мене, секој книжевен текст се појавува како имитација или отфрлање на други книжевни текстови. Во мојот случај, првите книжевни текстови што се обидов да ги имитирам или што се обидов да ги поткопам, беа кратките раскази. Затоа, тоа беше формата што ја прифатив за да го изразам мојот книжевен дискурс. Освен тоа, многу сум заинтересиран за кратките раскази, зашто тие имаат многу врски со две или повеќе книжевни форми што особено ме интересираат: фолклорните приказни и митовите. Кратките раскази наследуваат две околности од другите форми: етиолошка природа од една страна, зашто се обидуваат да објаснат феномени, настани, а од друга страна аксиолошка природа, зашто им даваат приоритет на едни моменти во однос на други. Ги нагласуваат, им даваат значење и ги критикуваат. Затоа сметам дека кратките раскази се идеален медиум за кратко и концизно пишување, за критикување на одредени вредности на нашата цивилизација, а и затоа што книгата со кратки раскази овозможува да се претстават многубројни регистри, тонови, стилови, ликови, структури и форми.

А ликовите во вашите раскази, тие постојано нешто чекаат?

 Точно е дека се чини оти моите ликови чекаат нешто што нема да се случи или што обично не се случува. Ова е поврзано со ситуацијата кога чекате нешто што не се материјализира на крајот, но поврзано е и со идејата дека некогаш не чекаме нешто што не се случува на крајот, туку во реалноста не знаеме што сакаме, не знаеме што чекаме и затоа тоа што го чекаме не се исполнува никогаш. Идејата е дека не знаеме што сакаме и чекаме, па некогаш повеќе сакаме да не знаеме, зашто така можеме да избегнеме можен неуспех.

Со тоа што не поставуваме прецизни цели, конкретни цели, избегнуваме конкретни неуспеси и разочарувања. Можеби додека го чекаме тоа што нема да се случи, ние не ни сакаме да се случи тоа.

Какво е значењето на пустината во книгата? Како да е некаква метафора…

Пустината е дел од приказните во книгата, ја има во насловот, а и во насловот на главната приказна, што е наслов и на компилацијата од кратки раскази. И, навистина, пустината е некогаш физичка пустина. Пустината Аризона, пустината Алмерија, но има и емоционални и сентиментални пустини. И, навистина, еден период кога почнав да ја пишувам оваа книга или расказите што се дел од оваа компилација, бев многу заинтересиран за длабинската психологија, за авторите како Јунг и, особено, Хилман, кој многу размислувал за пустината. И се согласувам со неговите визии за пустината како место што ја отсликува нашата состојба. Тој вели оти нашата состојба е пасивна, неугледна и дека таа човекова состојба е многу влошена.

Во таа смисла, тоа е пејзаж што ги отсликува нашите емоции и нашата состојба. А се чини дека тоа е и соодветна метафора за нашето време, исто како други метафори што понекогаш го злоупотребуваат совршеното: пустината, морето и завршуваат вклопени во описот на модерниот свет. Барем што се однесува до мене и до ликовите кои ги барам и кои треба да ги идентификувам во моите раскази.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s