Заштитете се со убава мисла

Таа е како лекар за душа, а лекот е нејзината поезија. Прогласена е за најкорисна твитерџика, а и ретко добра готвачка. Првата издадена книга ја именуваше „Љубов на улица“, а втората се крчка. Поетесата Ана Голејшка е како букет полско цвеќе во оваа урбана џунгла, а ова е нејзината библиотека.

image1Ана, твојата поезија е како прецизен цртеж со зборови, лесно можеш да ја визуализираш, да ја чуеш, па дури и да ја помирисаш. За да ја допреме, како би ја спакувала?

Како кошница за на пикник. Во неа ќебе, векна леб, ноже, путер, џем и шише вино. По некоја бубалка, скриено маче, парче сирење. Обетки и виолински клучеви. Хартија за пишување и купче пенкала. Куфер со задоволства што патуваат низ животот, на велосипед или пеш. Сосе сите свои значења, лепливост и движења.

За настинка, превентивно, лекарите советуваат витамини, а за духовен грип, што советуваат поетите?

Книжевни витамини. Читајте, секој ден по малку. Mакар по неколку песни, раскази, одломки од текстови. Вежбајте си го говорот, јазикот, мислата. Поезија за душа, раскази за топлење, препотување и вадење отрови. Долги книги за разговор со себеси. Неверојатно е колку лесно човек може да се разболи од глупости низ етерот што се продаваат како книжевност. Затоа – заштитете се со убава мисла. Со убав оброк за духот, музика за умот што не мора да биде на „Фејсбук“! Кога можете – одете на концерти или дојдете ни на „Астални проекции“. Слушајте нова, млада книжевност. Влезете во библиотека или книжарница и одберете си лек. Пренатрупани сме со кич, информации и сензационализам, а во оваа дигитална ера кога секој клик нè збудалува, смирувањето и лекувањето лежи во добрата книга и вие, читателот. Време за себе.

Која книга во одреден период од животот влијаела на твоите ставови и начин на размислување, односно ти направила „пресврт“ во животот?

„Случаи“ – од Данил Хармс. Сфатив дека овој свет е таков апсурд, што мора и треба да се воспева трагикомично и од него да се прават смешки. Имав 16 години и ми ја подарија како награда на еден слем-натпревар. По таа книга, ништо не беше исто. Во тие куси раскази најдов љубов кон човештвото и воедно остар оживувачки хумор со кој и ден-денес се крепам. Хармс ми стана другар од друга димензија. Книжевен ослободител! Посакав уште повеќе да пишувам, се запишав на општа и компаративна книжевност две години потоа, сакав да читам до бескрај, да ме фаќаат несоници за човечките приказни, да ги замислувам најсмешните, најгрдите и воедно најубавите ликови од светската книжевност кои секако некаде и некогаш биле или се вистинита реалност.

Лик од книга кој ти бил кошмарен?

Ниеден лик досега не ми бил кошмарен. Повеќе се појавуваат денски, оние реалните ликови како кошмари, а со нив мора справување. 😀 Во книгите, ликовите ги сакам или не ги сакам толку многу. Ме нервирале типови на дискурс, кога сум морала да се борам со одредени ликови за да ја сфатам книгата, а всушност само сум немала доволно капацитет да разберам. Има книги што едноставно треба да ги прочиташ подоцна во животот. Или никогаш повторно. J

Има ли книга што си ја препрочитала повеќе од трипати?

Има неколку што ги препрочитувам и по пет, шест пати. Последна што ја прочитав и сфатив дека веќе ја знам напамет е „Добро тело“ од Ив Енслер. Ја читав додека се чудев како складирам нервоза и храна во себе поради одредени надворешни фрустрации и ми кликна дека нашето тело е како храм – во кој ако не се молиме и прочистуваме, може многу лесно да стане депонија. Депонија од стрес, пренатрупаност, лоши информации, комплекси. Паралелно со таа книга ја читав „Недофатни тела“ од Елизабет Грос, за полесно да ги надминам тие телесни илузии и да поработам на основната форма во која се појавувам. „Природен роман“ и „Физика на тагата“ од Георги Господинов се моите најчесто читани книги, затоа што се совршени во сета своја несовршеност. Раскажани за да не заборавиме колку сме мигновни, краткотрајни овде. И дека мигот е цела вечност и дека јас – сме.

Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ докрај?

„Резервен живот“ од Лидија Димковска. Се најдов на толку многу нејзини места, на толку автентични точки во тој роман, како да ја знам отсекогаш. Ме здрма добро и ми отвори некои прашања за кои претходно немав размислувано. Драго ми е што ја запознав Лидија и лично, за да можам да ѝ кажам дека ме расплакала и ме развеселила во ист момент со нејзиниот роман.

image3

Ниеден лик од книга досега не ми бил кошмарен вели Ана Голејшка

Секојдневието е предизвик за пишување. Каде сакаш да живееш или што да ти е секојдневие за да ја напишеш ненапишаната песна?

Сакам да живеам тука и сега, за да ја видам иднината. Инаку, би живеела во Париз или крај море. Желбата како помлада ми беше да имам своја кантина во која ќе готвам морски плодови, ќе садам домати и лимони и ќе пишувам меѓу две морски бури додека стивнува денот. Но, и во фантазијата може да се оствари тоа, додека се бориш со снегот по скопските улици или, едноставно, дремеш на клупа покрај кејот. Нормално, без море и романтика, песните стануваат посиви, почелични, ама тоа е личен процес на растење. Светот е моето секојдневие и оттаму ја вадам секоја нова песна. А како созревам, ме привлекуваат и поинакви места за инспирација. Родилишта или средба со бебе, помени, болници. Секаде кај што животот и смртта имаат преплет за кој не сме свесни. Пишувам насекаде. Сакам секојдневието да ми е динамично за да можам да го истиснам здивот низ песна. Немирот е мојот мир.

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

„Црвена кралица“. Не знам за каква книга станува збор, а би сакала да откријам. Црвена, па и кралица? Сигурно мора да е нешто добро.

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s