Животот е премногу краток за да бидете отсечени од можностите: Интервју со Џенифер Нивен

Авторката на „Сите светли точки“, oмилениот бестселер на „Њујорк тајмс“, што „Ентертејнмент викли“ го опиша како „блескав роман што ќе ви влезе под кожа“, во интервју зборува за нејзиното свртување кон фикцијата за адолесценти, биполарното растројство и страста за патување.

3_large

Како одлучивте да скокнете во книгите за младите возрасни?

Додека работев на другите мои книги, читав романи за адолесценти чисто од забава. Таквата мисла постојано ми се вртеше вo глава: еден ден ќе напишам книга за млади возрасни. Ја напишав „Сите светли точки“ во летото 2013 година, веднаш по смртта на мојот книжевен агент, со кого соработувавме 15 години. Последниот пат кога го видов, се приближував до крајот на серијата книги што ги бев почнала во 2008 година и се чувствував исцрпено и подготвено, во креативна смисла, за нешто ново и поинакво. Тој ми рече: „Дете, за што и да пишуваш следно, напиши го од срце. Напиши го небаре не можеш ни да замислиш да пишуваш за ништо друго“.

Пред неколку години, познавав и љубев едно момче. Таквото искуство ми го промени животот. Отсекогаш сум сакала да пишувам за тоа – само што не бев убедена дека ќе можам некогаш. Но, тоа лето во 2013 година, повторно помислив на ова момче и на тоа искуство и во срцето знаев дека тоа е приказната за која сакав да пишувам и дека сакам да ја напишам како роман за адолесценти. Би сакала да додадам дека сега, кога официјално пишувам за адолесценти, јас сум креативно најсреќна од кога било. Сега работам на мојот втор роман за адолесценти!

Како ви дојде идејата да талкате низ Индијана и дали сите места што ги опишавте во книгата се вистински?

Додека размислував како да ја врамам приказната, знаев дека сакам Финч и Вајолет повторно да завршат заедно, по биењето на камбаните, и знаев дека сакам тие некако да научат да го гледаат своето опкружување на начин на кој порано не го гледале. На почетокот во текстот, уште пред да знам нешто повеќе за Вајолет, знаев дека таа ја мрази Индијана и одвај чека да излезе од неа, така што сакав Финч да ѝ покаже дека Индијана има повеќе да понуди, отколку само она што го гледа окото. Се сеќавам, наскоро откако самата се преселив во Индијана, како ѝ велам на мајка ми, „местово е многу грдо“. А таа рече, „само имај на ум дека она што е грдо за тебе, за некој друг е прекрасно. Треба да помине време да го запознаеш пред да пресудиш“. Истото важи и за луѓето. Што се однесува до местата низ кои Финч и Вајолет „талкаат“, сите се вистински освен, паркот Книгомобил. Но, тоа треба да постои! Сериозно ви велам, колку прекрасно би било тоа?

Има многу пораки во вашата книга. Што мислите, која е најважната?

Една од читателките ми пиша за да ми соопшти дека веднаш штом ја прочитала книгата, отишла и си ја прегрнала мајка си. Се надевам дека книгата инспирира повеќе од тоа. Исто така, се надевам дека нè инспирира да гледаме подлабоко во луѓето и во местата околу нас. И се надевам дека инспирира дискусии за менталното здравје на тинејџерите. Нам ни треба да им овозможиме на луѓето да се почувствуваат доволно безбедно за да истапат и да кажат: „Имам проблем. Ми треба помош“. Ако не зборуваме за самоубиство или за депресија или за ментална болест, како можеме да очекуваме некој да посегне по помош кога му треба најмногу? Сакам читателите да знаат дека помошта е таму, дека станува подобро, дека средното училиште не трае вечно и дека животот е долг, простран и полн со можности.

Jennifer Niven

Џенифер Нивен: Додека работев на другите мои книги, читав романи за адолесценти лица чисто од забава.

Брилијантно доловивте како биполарноста може да влијае врз ставот на човекот за само неколку секунди. Дали тоа дојде од личното искуство или го истражувавте?

Главно ми дојде од лично искуство. Како што споменав, пред неколку години, познавав и љубев едно момче, а тоа момче беше биполарно. Одблизу бев сведок на растежот и падовите, на јавето и сонот и ја гледав неговата секојдневна борба со светот и со себеси.

Вие пишувате од гледиштата на два сосем спротивни лика. Тешко ли беше да се задржи разликата додека ја пишувавте книгата?

Од почетокот, гласот на Финч постојано беше многу јасен и истакнат во мојата глава, така што никогаш немав проблем да го запишувам. Вајолет беше помудра и бидејќи Финч навистина го отвораше патот и беше доминантниот глас, можно е да бев попретпазлива со неа. Подзастанував за размислам како нејзиниот глас може да се разликува од неговиот и почнав да си играм со фактот дека таа беше писателка по природа, но по смртта на Еленор, нејзините зборови секнаа. Така, експериментирав со поотворена, подиректна говорна шема што постепено би се отворила и би станала подинамична како што таа повторно би заживеала. Откако се сосредоточив на тоа, беше лесно да ги одржам разликите меѓу нив двајцата.

Порано, главно, пишувавте за приказни во минатото, што ве натера да одлучите да се свртите кон пишување за современите проблеми?

Првпат не морав да истражувам време, опкружување и настани со кои не бев лично запознаена. Го поставив „Сите светли точки“ во Индијана, каде што пораснав и тоа е место што го познавам добро. Исто така, се разбира, приказната беше лична и инспирирана од нешто што се имаше случено во мојот живот.

„Фејсбук“ е голем дел во врската помеѓу Финч и Вајолет. Што мислите, како социјалните медиуми влијаат врз врските што ги имаме?

Главно, ми се допаѓа како социјалните медиуми нè поврзуваат на огромно растојание, преку континенти. Но, тоа може да има и спротивен ефект. Премногу е лесно да се загубите во тој екран и да не се поврзете со луѓето и со нештата што се случуваат околу вас.

Ова се однесува на сите амбициозни писатели на интернет-страницата за детски книги на „Гардијан“. Која беше причината што воопшто станавте писателка?

Станав писателка зашто пишувањето отсекогаш ми било, сиот мој живот, она што најмногу сум сакала да го правам. Пишувам зашто не можам да не пишувам. Пишувам книги што сакам да ги читам. Имав среќа што пораснав со мајка-писателка, која ме научи дека можам да бидам или да правам сè што сакам да бидам или да правам. Јас сум дете-единец и како девојче си игравме на „пишување“. Од неа научив да ја наоѓам приказната во сè и научив никогаш да не се ограничувам ниту себеси, ниту својата фантазија. Исто така, од прва рака видов колку стресна, тешка и непредвидлива е таа работа. И ја видов посветеноста што ја бараше. Благодарна сум за тоа зашто мислам дека толку многу луѓе се впуштаат во работата со пишувањето со нереални очекувања – без да сфатат дека тоа всушност е работа и мора да сте подготвени и желни да ја работите и покрај сè друго.

Со оглед на тоа што сте новопечена писателка на романи за адолесценти, доколку се најдете на пуст остров, кои три предмети би сакале да сте ги понесле со вас и зошто?

Би сакала да си го понесам свршеникот и трите мачки. (Знам дека технички тоа се четири работи, но едната мачка е мошне мала дури и за маче.)

Што сакате да правите освен да пишувате и дали тие работи имаат влијание врз тоа како ги осмислувате идеите?

Сакам да патувам, без разлика дали е блиску или далеку и сакам луѓе. Мојот најголем материјал доаѓа од набљудување на светот и луѓето во него и од слушање, комуникација и поврзување.

Голем дел од вашата книга е за излегување од зоната на удобност и тестирање на нови работи. Кој е вашиот совет до луѓето што се борат со тоа?

Некои од најголемите, највозбудливите, најзначајните искуства ми се случиле кога сум излегла од зоната на удобност. Животот е премногу краток за да бидете отсечени од можностите. Тоа се однесува и на пишувањето. Многупати во текот на моето истражување сум посегнала да истражувам една работа, што ме довела до друга. Скокам од тема на тема зашто има толку многу работи за откривање. Како и секое добро патување, ќе има несогледливи скршнувања попатно, но важно е да бидете отворени кон нив.

4jeniferСо кој лик од книгата најмногу се поврзувате и зошто?

Длабоко во мене, каде што сè уште сум седумнаесетгодишник, многу личам на Вајолет, која го мрази своето родно гратче во Индијана, не се чувствува како навистина да се вклопува и понекогаш чувствата си ги држи премногу затворени, бидејќи секогаш сака да биде совршена. Покрај, се разбира, нејзиното искуство со љубовта кон и загубата на Финч.

Извор:

https://www.theguardian.com/childrens-books-site/2015/jan/26/jennifer-niven-interview-all-the-bright-places

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s