Од литературната критика е оценуван како книжевен дисидент кој не следи трендови. Мајстор за детали во пишувањето на кој имуни не останаа многуте награди, меѓу кои и наградата за литература на Европската унија. Еден е од најзначајните претставници на литературата, Белгиецот Петер Терин, кого домашната јавност го запознава до „Чувар“.Како влијаеше тоа што си од Белгија, што доаѓаш од таа земја, на твоето пишување?
Многу е тешко да кажеш за себеси, другите луѓе би можеле подобро да оценат. Ми текнува само на тоа дека имаме многу силна надреална традиција во уметноста. Традиција во надреализмот. Можеби тоа е присутно и во книгата. Не сум сигурен. Тука е и јазикот, јас зборувам холандски, од Фландрија сум. Несомнено, и тоа ми влијаело на некој начин. И книжевната традиција. Но, географски не се чувствувам многу приврзан. Како прво се сметам за… Ова не е само поради оваа пригода. Се сметам за Европеец. Можеби на второ место за Белгиец, па Фламанец.
Во тој случај, како мислиш дека добивањето на наградата на ЕУ за литература ќе го смени тоа што го мислиш за себе како писател или можеби дури и твоето творење?
Мислам дека нема да го смени моето творење. Одлично е чувството да знаеш дека ќе допреш до твојата публика, дека има публика на мојот јазик… Публика за книгите што ги пишувам во Европа. Можноста да допрам до тие луѓе со книга е одлично. Но, не смеете да мислите на тоа додека пишувате. Не морате да мислите на ништо, само на вашата приказна.
Една од возбудливите работи околу наградата, кажи ми дали се согласуваш, е тоа што ти дава платформа да допреш до поширока публика. Низ Европа, дури и подалеку. Дали тоа е возбудлива или застрашувачка можност?
Возбудливо е. И се чувствувам привилегирано, затоа што има многу добри белгиски писатели. И фактот што жирито ме одбра мене е голема чест. Знам многу од нив и знам дека се добри писатели. Тоа е одлична можност и едвај чекам да видам што ќе се случи со книгата во странство. Како ќе биде примена. Како приказнава, која е алегорија, ќе ја сфатат на друг јазик. Како тоа ќе ја промени приказната. Многу сум љубопитен.
Каде пишуваш? Имаш место што го користиш постојано или пишуваш на различни места?
Имам канцеларија во куќата во која живеам. Но, имам и работна соба надвор од куќата. Во стар… Тешко е да преведам, но таму правеле женска долна облека. Инспиративно место. Сакам да одам таму. Има убава атмосфера. Заминувањето подалеку од дома секогаш е добра идеја, зашто ги оставаш зад себе илјадниците обврски што треба да ги завршиш во куќата. Едноставно заминуваш, како што заминуваат на работа некаде во градот. Тоа е многу добро. Од пред година и половина повторно почнав да пишувам на машина за пишување. Компјутерот ми го одвлекуваше вниманието. Можете да правите многу работи на компјутерот. А со машината за пишување можете да правите само една работа. Тоа многу ми го промени фокусот.
Ја освои наградата на ЕУ за литература. Што е следно?
Веќе почнав нова книга, пред да ја добијам наградата. Работам на нов роман. Треба да го завршам до крајот на следната година. Ќе бидам многу зафатен следните месеци.