Извадок: „Капетан Конан“ на Роже Версел

Извадок од романот „Капетан Конан“ на Роже Версел

kapetan-konan-2Накусо, добро е само кога човек лежи!

И тоа, под услов да не мрда, да се стутка во две покривки, да натне едно врз друго пет рала чорапи, да ги стави чевлите под себе за да може да ги облече кога ќе затреба, тогаш е добро!

Читам книга. Откако ќе прочитам десет страници, престанувам, ги кинам тие десет листа, ги туткам и ги палам. И за неколку секунди се шири топлина како од печка што веднаш се губи, но сепак тоа ми овозможува да стигнам до крајот на следните десет страници.

Незгодно е што снегот, што паѓа од дрвјата, е како свод над мојот шатор и тоа ме загрижува. Двете страни се речиси споени и штом ќе ја кренам главата, удирам во нив. Oд тие удари со глава, нема да можам да останам овде: мокрото шаторско платно е поосетливо и од најнежната кожа. Допрете го само со врвот на прстот и на тоа место веднаш прокиснува и капе. Капе врз моето лево уво, врз носот, врз книгата и секогаш на исти места. Тоа ме вади од кожа.

Но, добро е што го сменив местото! Минатата ноќ се разбудив зашто ми беше постудено од обично. Кога седнав, се слушна едно „шлап“: седев во Дунав! Вечерта полека надошол и бидејќи мојот шатор беше прв до реката… Овде, во оваа мочуришна шума со дрвја што капат, со мраз што почнува да се топи, на крајот сите ќе бидеме во вода.

– Што е тоа?

Една рака со вкочанети прсти се мачи околу закопчаниот влез на моето пребивалиште; парче хартија се протнува во процепот меѓу двете крила:

– Наредба, поручнику.

При минувањето, сите гранки од шумата плачеле над неа; и сега изгледа како на неа да се преплетуваат виолетови поточиња. Сепак, читам: „Строј во 15 часот“ и подробностите за стројот.

Сега сме 22 ноември. За пет седмици, додека со трчечки чекор поминавме шестотини километри по планините низ Македонија, потоа низ Бугарија, три четвртини од полкот се стопија. Ги гледав моите луѓе како, еден по еден, паѓаат на колена кога се качувавме, а на грб кога се спуштавме по планинските премини.

Ќе се доближев до нив и глупаво ќе речев:

– Па, што е, стари, не оди, а?

Никој не одговараше, тие дури не ме ни гледаа, позеленети, испразнети од дизентеријата. Целото нивно кутро тело се топеше по тој страшен пат. Беа само вреќи со коски, вреќи од земјена кожа. И онаа страшна мачнина од која страдаа сите, оној мачен грч на лицето вкочанет на нивните заби! Ќе ги одвлечеа до некоја дупка и ние продолжувавме…

А маларичните? Тие изгледаа добро, имаа убава боја на лицето поради температурата од 41 степен. Само кога ќе им се доближиш, слушаш како им тропкаат чиниите, редениците и матарките што се мрдаа од нивното тресење, како што се помрднуваат садовите во некоја куќа кога минува тежок камион.

Во последните делници, зад себе ги остававме и маските, околу дваесетина, оние кутри наши маски, разранети, скапани. Наутро, беа потребни десет души за да ги товарат самарите врз нивното разрането месо: по педесет килограми на една рана, тоа ги излудуваше. Навечер удираа во камењата што се испречуваа на патот, а маскарите со нетрпение чекаа да цркнат за да ги симнат самарите, поради клоците што им ги удираа во таа агонија. Меѓу Прилеп и Дунав, над стотина завршија во стомаците на Македонците кои демнеа од врвот на некој гребен и ги носеа по черек штом ќе минеше полициската чета. Природно, продуктите ги оставаме во дупка затоа што ги носевме само сандаците со муниција, а коњот на полковникот ја влечеше колата со храна кога стигнавме тука.

Триста преостанати мажи спокојно киснеа во шумата веќе осум дена. Штом има наредба да се постројат со оружје, тоа значи дека има вистина во она што ни го довикнаа Италијанците последната седмица, кога го минавме Ќустендил! Па дури и поради тоа требаше да нè остават на мир, а не давам наредба повторно да ги обујат чевлите!

И кога ќе имам осумдесет години, и кога ќе бидам немоќен и неподвижен нема да ми биде толку тешко да се облечам. Како да влегувам во мраз: сè што ставам на себе е влажно од стопениот снег. Не можам да се стоплам во овие сунѓери…

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s