Блогерка со светска препознатливост

Таа го сврте вниманието на светските издавачки куќи со својот блог „This chick reads“, блог за литература на кој искрено, без задршка ги коментира делата што ги прочитала во своето слободно време. Иако не е литературен критичар, преку блогот се профилираше како релевантен оценувач на новите изданија. Професионално е доктор по технички науки и доцент на Технолошко-металуршкиот факултет, а приватно страстен вљубеник во книгата. Ана или Ананда или Ана Томова.

slikaВо Македонија дури и да не постојат книжевни блогови, токму затоа „This chick reads“ е вредна појава што, поради надминатата јазична граница (пишуваш на англиски јазик) многу брзо излезе од локалните рамки. Како се случи блогот?Иако сме малку, сепак има блогери од Македонија. Некои пишуваат статии на македонски јазик, некои на англиски, но секако расте бројот на вакви литературни приватни катчиња. Моите почетоци беа пред шест години, a единствено место за кое знаев беше порталот „Сакам книги“. Таму пишував статии на македонски јазик, за книги што веќе беа преведени кај нас, но и за книги што и ден-денес не се. На „Сакам книги“ се информирав за сајтот „Goodreads“, што е дом за секој љубител на книгата без разлика каде живее и секој член кој има свој профил на сајтот може да даде своја критика за делата што ги чита, да комуницира со другите љубители на книги и да препорачува книги. Пред повеќе од три години решив сите мои статии од сајтот „Goodreads“ да ги обединам на едно место и така се роди „This Chick“ Reads.

Зошто се одлучи да пишуваш на англиски?

„Goodreads“ изврши неверојатно влијание врз мене, таму е и причината зошто одбрав да пишувам статии на англиски јазик. Едноставно, сакав моето мислење да допре до поголем број луѓе и без разлика на тоа дали тие се согласуваат со мојата критика за дадена книга или не, секогаш има конструктивна интеракција.

Како стигна до големите светски издавачки куќи, кои ти праќаат книги за читање со цел да добијат место на твојот блог. Со кого соработуваш?

Кога го отворив блогот навистина немав никакви очекувања. Низ блогот и социјалните мрежи, особено „Твитер“, секојдневно комуницирам со други блогери, публицисти, луѓе од издавачката индустрија, но и автори. Влијателни луѓе од издавачката индустрија се секојдневно на социјалните мрежи и прават листи на блогери кои задоволуваат одредени критериуми (ентузијазам за книги, квалитет на статии, степен на комуникативност на блогерот, па дури и број на следбеници како фактор што влијае на дострелот што го имаат нивните критики). Откако ќе стапат во контакт со блогерот, ги додаваат неговите податоци (име и адреса, префериран жанр и негови линкови) во база и од тој момент работите течат многу полесно. Многу често добивам книги, т.н. unsolicited arcs, што не сум ги побарала, но врз база на преферираните жанрови издавачите сметаат дека тие книги можат да ме интересираат. Блогерите не се обврзани да напишат статија доколку книгата не им се допаѓа или немаат време да ја прочитаат. Целиот однос помеѓу издавачите и блогерите се базира на фер плеј, огромно разбирање за сечие слободно време и почит за неговите избори. Соработувам со навистина многу издавачки куќи како „Пингвин рандом хаус“, „Харпер Колинс“, „Харпер импулс“, „Букотур“, „Сајмон енд Шустер“, „АВОК УК“, „МИРА (Арлекин)“, „Орион“, „Арија“, „Пан Мекмилан“, „Хед оф Зевс“ и др.

Благодарение на тој однос, имаш импресивна библиотека. На кое издание, наменето за тебе, си особено горда?

Има ли нешто поубаво од голема библиотека? Блогот ми донесе навистина многу прекрасни искуства, па дури и пријателства и дружба со многу блогери и автори на чијшто талент секојдневно се восхитувам. На сето ова сум особено горда! Но, ако морам да издвојам некои моменти… Особено сум горда што се појавувам како лик во крими-трилер серијалот на една од најпознатите трилер-авторки на денешницата Анџела Марсонс. Мојот лик е археолог-форензичар и кажува одредени фрази дури и на македонски јазик во книгата. Книгата се вика „Play Dead“ и е четврта во серијалот „DI Kim Stone“, а многу поголема улога имам во шестиот дел, што го очекуваме наскоро. Од другите книги што имаат посебно значење за мене би ги споменала „My Husband’s Wife“ од Џејн Кори, фантастичен трилер што, иако е деби, многу брзо се искачи на листата на бестселери. Во финалното издание, цитирана сум заедно со други блогери, што е навистина огромна чест за мене. Исто така, посебно сум горда на потпишаниот примерок од „The Reunion“ од Ејми Силвер, која денес ја знаете како Пола Хокинс, авторка на бестселерот „Девојката од возот“. Ова беше меѓу нејзините последни изданија во жанрот женска фикција, пред да се посвети на пишувањето трилери.

Блогирањето за книги наспроти книжевната критика? Чие влијание е подоминантно во денешната, дигитална ера?

Многу често кога ќе ме прашаат како ги третираат блогерите на запад, велам дека блогерите се алфа и омега во кој било бизнис, не само издаваштвото туку и генерално. Книжевните блогери се бесплатен сервис секојдневно и со многу ентузијазам зборуваат за книгите што ги читаат. Поради сето тоа, навистина се ценети и од страна на издавачите и од страна на авторите.

Од 2013 година сама го развиваш блогот, инвестираш во него. Каде ја гледаш неговата кулминација? Што може да биде предизвик за еден книжевен блогер?

Иако имам месечни трошоци околу одржувањето на блогот, никогаш не сум посакала тоа да биде поинаку. Блогот е мое приватно место каде што ги запишувам своите мисли, но исто така благодарение на блогот успеав да стекнам многу нови пријателства и да почнам поинаку да гледам на многу нешта. Од мината година имам свои разделници „This Chick Reads“, што ги правев со навистина голема љубов и дел од нив се веќе во рацете на моите омилени автори како Линдзи Келк, Сара Морган, Анџела Марсонс и други. Веќе размислувам и за други производи што ќе го носат моето лого, но тоа многу зависи и од финансиите, па така сè уште чекам на поволен момент. Искрено, не ја гледам неговата кулминација. Кулминација би значело дека потоа би следело пад, а не можам ниту да го замислам тоа. Едноставно, блогот е нешто што ми носи толку многу среќа и иако на моменти изгледа напорно, верувам дека ќе го пишувам уште многу, многу долго време. Што се однесува до предизвиците, секојдневно ги има и ги прифаќам со раширени раце. Месечно добивам и по 20 книги, тоа значи дека секојдневно треба да се чита. Голем дел од овие книги сè уште не се објавени никаде во светот и има одредени рокови што јас, како блогер, си ги задавам. Тука се и интервјуа со писатели, како и мои интервјуа на други блогови што треба да се напишат. Има многу ,,работа“, но ништо не е тешко кога се сака.

Ана, ти си доцент на Tехнолошко-металуршки факултет, како жонглираш со време за читање белетристика и стручна литература?

 Истовремено сум сопруга и мајка на две малолетни момчиња. Единствено што е потребно е да се направи добра организација на времето. Сите имаме на располагање 24 часа, но прашањето е како ги користиме. Белетристиката ми е на некој начин одмор од стручната литература и обратно. На нив не гледам како на нешто одделно, туку како на различни аспекти од мене и ниту од еден не би можела да се откажам. Дури и пред да го имам блогот, читав многу. Некој сака да гледа телевизија, јас секогаш одбирав повеќе да се дружам со книгата. Кога ќе сфатиме дека сите имаме еднакво време во денот на располагање и тие 24 часа знаеме за што да ги употребиме, многу работи стануваат полесни. Е, тогаш навистина цел свет е твој!

Што ќе препорачаш за читање?

Оваа година прочитав навистина многу добри книги, но некои од нив за жал сè уште не се преведени кај нас. Од оние што се, топло би ги препорачала книгите на Лусинда Рајли (последна преведена книга кај нас е „Ангелско дрво“) и „Сета светлина што не можеме да ја видиме“ од Ентони Дор, која е една од најдобрите книги што сум ги прочитала во мојот живот. Топла, трогателна приказна за животот во еден од најтурбулентните периоди на човештвото (Втората светска војна). Кратки поглавја раскажани наизменично од двата главни лика и две приказни совршено проткаени во едно маестрално дело кое ќе ве остави без здив. За повеќе препораки, повелете на мојот блог http://thischickreads.com/.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s