Боенки за возрасни – антистрес-терапија

Боенките во минатотo ги доживувавме како играчка за деца, но денес сe популарни меѓу возрасните ширум Америка и Европа, па стигнаа и на Балканот како оживувачи на заспаната креативност на возрасните.

boenka-2

Трендот на боенки што веќе трае две години создаде клубови во кои возрасните се дружат и бојат боенки. Градската библиотека во Вашингтон е една од локациите каде што луѓето се собираат еднаш месечно, заеднички да уживаат во својата нова пасија, боење боенки. Со илјадници наслови на глобалниот пазар, боенките станаа многу популарна категорија на изданија според магазинот „Паблишерс викли“.

Како што се проценува, во текот на минатата година во Америка се објавени 2.000 боенки, а како споредба, нивниот број во 2014 година изнесувал само 300.

Боенките за возрасни содржат многу покомплицирани облици, од оние едноставните цртежи што можеме да ги најдеме во боенките за деца. Тие претставуваат палета на комплексни црно-бели цртежи инспирирани од геометриски облици, цветови, животни…

„Тајната градина“ – пионер на боенките за возрасни

Шкотската илустраторка Џоана Басфорд во 2013 година ја објави боенката „Тајната градина“. Оваа публикација е продадена во тираж од преку 12 милиони примероци и е преведена на 14 јазици, па неретко оваа авторка е именувана како основач на овој растечки тренд.

secretgarden

Авторката вели дека возрасните, исто како и децата, сакаат да се опуштат со боење и шаркање. По напорниот ден, боењето и создавањето на уникатни цртежи ја зголемува креативноста. Басфорд додава дека еден час боење на нејзините дела, „бојачите“ ги оддалечува од стварноста и за кусо забораваат на проблемите што ги мачат.

Оваа шкотска илустраторка работела на рекламите на големите брендови како „Најк“ и „Абсолут Вотка“, но дошла до идеја своите едноставни цртежи да ги објави во книга – боенка за возрасни.

Во меѓувреме, боенките го пронајдоа својот пат и на „Амазон“, како најпродавани изданија, каде што се наоѓаат на листите на 20 најпродавани книги.

Пријателите со години се восхитувале на нејзините дела, што таа ги нарекувала чкртки. Ѝ велеле дека со задоволство би ги обоиле и би се внеле живот во нив. Токму затоа Џоана одлучила да ги прати своите дела на една издавачка куќа и тие биле воодушевени од идејата. По три месеци во продажба е пуштена првата боенка за возрасни „Тајната градина“, а потоа следуваат и „Магична шума“ и „Изгубен океан“.

Револуционерноста во боенките на Џоана е што секој облик кај неа е исцртан рачно, со молив или мастило и нема компјутерски форми.

yves-saint-laurent-has-a-coloring-book

Боенка на Ив Сен Лоран

А трендот на боенки како антистрес-терапија е збогатен со боенка на францускиот дизајнер Ив Сен Лоран. Неговата објавена книга содржи 48 цртежи за боење базирани на скици на Сен Лоран. Покрај цртежите, има и фотографии од оригиналните креации како насоки за боење и текстови за развојните фази на дизајнерот.

Трендот на боенки за возрасни е поддржан и од психотерапевтите, кои ја истакнуваат корисноста од рачна работа во борбата против стресот. Она што некогаш беше плетењето или везењето, денес е боењето боенки. Затоа, впуштете се во новата авантура и не заборавајте да купите острилка за дрвените боички пред да се нафатите за работа.