Издавачите станаа инспектори

МАКИ ОКОЛУ АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВО КНИЖЕВНОСТА: ИЗДАВАЧИТЕ СТАНАА ИНСПЕКТОРИ

Непочитувањето на авторските права и незаконското фотокопирање на изданијата се два горливи и чести проблеми за издавачките куќи во Македонија.

Кога еден автор ќе објави дело, особено кога тоа треба да се преведе, некои издавачки куќи од Македонија го преведуваат без да ги регулираат, дали со договор или со плаќање, авторските права кон оној што е носител, во некои случаи кон некоја друга земја.

0df932c728e4d047867e449c45eb973aЕден од примерите со кои се соочуваат издавачите ни посочи Бранка Бугариска, директор на издаваштво во издавачката куќа „Арс ламина“. Тие се единствената издавачка куќа во земјава што ги има ексклузивните права за шпанскиот автор Габриел Гарсија Маркес.

„Ние долги години преговаравме за да ги добиеме правата. Веќе имаме издадено четири дела, ќе има уште две, но на пазарот во Македонија има неколку издавачи со повеќе дела од него, кои никогаш претходно не биле регулирани. Дури и во самиот носител за авторските права, агенцијата Agencia Literaria Carmen Balcells, не биле ни свесни дека во нашата земја има толку многу изданија од тој автор. Тие се најголемата агенција за авторски права за шпански писатели и за писатели од латиноамериканското подрачје. Ние им укажавме на проблемот што го имаме, меѓутоа добивме одговор дека трошоците за да се поведе постапка се преголеми во однос на ќарот што би го добиле по пресудата. Затоа, ни оставија нам да се справуваме со нив“, истакнува Бугариска.

На една од дискусиите пред извесен период околу заштитата на авторските права, учествуваше и Ванчо Каранфилов од „Табернакул“, кој, меѓу другото, истакна: „Во минатото, имавме искуство со пиратерија на учебниците што ги печатевме, а имаме искуство и со колеги-издавачи што објавуваат книги без авторски права, за кои ние ги поседуваме правата. Имаме искуство и со сродните права, односно правата на преведувачите, чии преводи се земаат и со мали модификации се објавени од други издавачи“.

Директорот на „Арс ламина“, Дарко Фиданоски, се надоврза: „И, покрај известувањето на колегите издавачи да го повлечат тиражот на овој автор, тие уште слободно продаваат. Со ова, директно сме оштетени како издавачи, потоа оштетени се авторите или носителите на правата, а на крајот и читателите“.

Вториот проблем што со години ги мачи издавачите и сe уште нема разрешен случај, е хаосот со репродукциските права, т.е. фотокопирањето работни тетратки, книги, учебници, збирки задачи.

„Уште поголем проблем е дека не постои јавна свест дека тоа е кривично дело. Фотокопирниците многу добро знаат дека е прекршок, но ете, функционираат. Кога ќе ископирате книга кај нив, на фискалната сметка е наведено ‘фотокопирни услуги’, не е наведено што е копирано, и затоа е тешко да се докаже прекршокот“, објаснува директорката.

50c02eeb2665834fba7eea8b8b5d8735Проблемот е што, продолжува таа, не е јасно каде е надлежноста за ваквиот проблем. Во минатото, одговорно за овие проблеми беше Министерството за култура, а денес е Министерството за внатрешни работи. Нема доволно познавање на проблематиката и затоа, вели Бугариска, ни самите инспектори не знаат како да се справат со овој кривичен прекршок.

„На секој примерок е наведено дека не смее да се фотокопира, но бадијала. Ние веќе имавме поднесено неколку пријави и сe уште се мачиме да објасниме што е штетата. Ги собираме доказите, со фискални сметки и сметкопотврди, но секогаш нe враќаат дека не е доволно тоа. Поминаа месеци и сè уште не гледаме никаков повратен одговор“, продолжува директорката на издавачката куќа „Арс ламина“.

Друг проблем со кој се соочуваат инспекторите е тоа што не можат лесно да ја проценат штетата што е направена за да поведат постапка пред Обвинителството. Во еден случај, добиле реакција и од типот: „Зар ви се исплати да поведувате постапка за штета од 180 денари?“

„Како да им докажеме дека не е само таа една книга од 180 денари ископирана? Додека не отидеме во секоја фотокопирница да видиме колку продале од одредено издание, ние нема да знаеме колкава штета е направена.
Ние, како издавачи, се обидовме да испратиме опомени до фотокопирниците, но, едноставно, е невозможно да ги поминеме и да прибираме докази од сите во земјава, па да ги доставиме до инспекторите. Најлогично е да има некоја пократка постапка, можеби, број каде што може да се пријави за надлежните брзо да излезат на терен и да се реагира. Додека ни бараа дополнителни докази, фотокопирниците веќе ги повлекоа изданијата, бидејќи, нели, добија опомени од нас“, истакнува Бугариска.

Таа продолжува дека на неодамна завршениот Саем на книгата во Франкфурт, Македонската асоцијација на издавачи, чиј член е и “Арс ламина”, склучила договор со меѓународната Организација за авторски репродукциски права, кои ќе им помогнат во борбата со пиратеријата и со фотокопирањето. „Оваа соработка навистина ќе ни биде од помош да го регулираме пазарот, бидејќи ќе ни донесе знаење како да се справиме и како да извлечеме најдобра практика“, заклучува директорката.

Б. Нестороска
Фото: Д. Перковски

Преземено од ВЕСТ

 

Advertisements