Кевин Бери е најнаградуваниот ирски млад автор, меѓу другото, добитник на Европската награда за литература во 2012 година за „Градот Бохејн“. Енергичен и елоквентен соговорник, прецизен во разговорите, како и во неговите книги, што како да се предодредени за награди.
Дејството во твојот роман се одвива во иднината. Кога почна да ја пишуваш книгата, дали се посомнева дека во иднина би можел да дојдеш по награда во Брисел?
Па, градот Бохејн е измислен град од иднината во Ирска. За него предвидов необична, волшебна и надреална иднина. Но, не можев да претпоставам нешто толку волшебно и надреално како примањето на оваа награда.
Дејството во овој роман се одвива за 40 години отсега. Дали тоа е визија за она како ја гледаш иднината, за тоа што нè очекува?
Мислам дека сите романи за иднината, во некоја смисла, се проекција на сегашноста. Затоа, да, но тоа може да биде и паралелен универзум на ирски град во средината на педесеттите години на 21 век. Мал и луд град на западното крајбрежје на Ирска. Луѓето велат дека изгледа како многу незгодно, опасно и страшно место, но јас би сакал да отидам во градот Бохејн. Мене ми се чини дека е многу забавен. Пораснав во еден луд, мал ирски град по име Лимерик, а поминав долги години во друг ирски град, Корк. Јазикот во Бохејн е проекција на јазикот во тие два града и доаѓа од ирскиот говор, од начинот на кој го употребуваме и го злоупотребуваме англискиот јазик, толку необично и толку прекрасно во Ирска. Доаѓа директно како усно влијание, од начинот на кој зборува ирскиот народ. Од она што го кажуваме и што го криеме зад говорот.
Во таа смисла, дали мислиш дека романот е многу ирски? Дали ќе можеше да напишеш ваква книга да беше Англичанец или Французин?
Не, апсолутно. Мислам дека тоа доаѓа од сите чудни слоеви и тензии што ги има во англискиот јазик што се зборува во малите и изопачени ирски градови. А за писател тоа е многу интересен извор, да имаш необичен јазик, со уште еден постар јазик под него. Во него се одвиваат чудни тензии.
Пишуваш и за списанието „Њујоркер“. Кратки раскази. Како помина од кратки раскази на роман? Што мислиш за таа промена?
Различно е, многу се различни. На некој начин, кратките раскази изгледаат речиси поблизу до сликањето. Се работи на многу контролиран и мал простор. А романот е поопширен и може да биде поопуштен и неправилен, како што е и животот, опуштен и неправилен. На некој начин, кога пишуваш роман, можеш да дишеш малку повеќе. Можеш да оставиш да „истрча“, па да го вратиш назад. Со кратките раскази можеш да си дозволиш само мал дел од тоа.
Што мислиш, како може да ти помогне оваа награда, да те промени или да му влијае на твоето пишување?
Сакам читатели. Сè што ќе помогне да се рашири муабетот од западна Ирска, па до континентот и на него е одлично. За мене е интересно што со наградата има и стимулација за преводи, тоа е многу корисно за делото. Денес има многу прекрасна работа во преводите. Понекогаш гледам преводи на англиски јазик од автори за кои не сум ни слушнал, а требало да слушнам.
Ова е многу интересно време за преведувањето и целата област. Ни се отвори нов дел во светот на литературата.