Саем на книга Франкфурт 2016: Ова е она што нè спојува

Под мотото „Ова е она што нè спојува“, Холандија и Фландрија, како почесни гости на Саемот на книга во Франкфурт, покажаа како со помош на литературата се уриваат границите на она што нè разделува, одејќи напред во потрага по она што нè поврзува.

buchmesse_ehrengast_2016_en

Распослан на 2300 квадратни метри, павилјонот број 1 понуди поинакво доживување. На прв поглед имаш чувство дека влегуваш во некоја темна комора. Но, веднаш потоа ги гледаш сините морски бранови како полека се движат кон тебе и на половина пат се губат во светлокафеавиот ситен песок. Над нив, сино небо ишарено со по некој облак. Во специјалниот павилјон на Холандија и Фландрија сѐ беше неверојатно тивко и мирно, и покрај големиот број посетители. Пред виртуелниот морски брег беа распослани мали осветлени коцки во кои беа претставени различни аспекти од културата и литературата на двете земји. Зад него, долга полица со 454 новоиздадени книги од различни жанрови. Човек треба само да залегне во една од удобните лежалки што беа поставени наоколу, да си земе книга в рака и да почне да ужива во едно незаборавно литературно патешествие.

20161020_161749

Но, само неколку чекори подолу во еден убаво осветлен агол, сликата е поинаква. Мал амфитеатар, преполн со публика. За време на саемот, публиката таму имаше можност да се запознае и да ужива во инспиративни разговори со дури 99 автори од двете земји чиишто книги беа претставени во Франкфурт.

14787522_10154581833802429_786730143_o

 

Од цртеж до стрип

На другиот крај, пак, уште пожива атмосфера. Посетителите имаа можност да видат како се работи на еден магазин, од подготовка на илустрации до негово печатење. На големата работна маса десетина млади карикатуристи и илустратори работеа додека други ги печатеа и спојуваа страниците. На крајот од саемот беше изготвен новиот број на магазинот „Парада“. Инаку, цртањето стрипови е стара и долга традиција по која се препознатливи и Фландрија и Холандија.

20161020_161537

 

„Виртуелна литература“

Но, Холандија и Фландрија не беа сместени само во еден павилјон. Нивни штандови имаше и во другите хали, каде што на публиката им се нудеа незаборавни доживувања. Виртуелно литературно патување и интересни виртуелни презентации на земјата беа вистинска саемска атракција. Специјални темни очила, слушалки и чуден таблет в рака и патувањето може да почне. Веќе не си во саемската хала, туку чекориш низ улиците на Амстердам, уживајќи во културните знаменитости на градот.

14914950_10154581848412429_1339360665_n

20161022_104739

Во саемските ресторани, но и низ целиот град се нудеа специјални „холандско-фламански“ менија со традиционални јадења од двете земји. И ние не им одолеавме на познатите вафли.

14959120_10154581830202429_1904895483_o-1

Интересен податок е дека годинава земја почесен гостин не беше една земја туку културно-јазично подрачје. Холандија и Фландрија покажаа дека едно море, многу писатели, слични културни вредности и храна се доволни да нè спојат и да се урнат границите што нè разделуваат.

Автор: Невена Георгиевски

ГАЛЕРИЈА

This slideshow requires JavaScript.

Advertisements