Саем на книгата во Франкфурт 2016: Пет дена во знакот на книгата

Постојат многу причини да се биде овој октомври во Франкфурт и да се посети најголемиот саем на книгата во светот. Од 19 до 23 месецов ова ќе биде местото каде издавачите, авторите и љубителите на книгата ќе доживеат една „поинаква страна на книгата“.

Македонскиот промотивен штанд ќе биде сместен во петтата хала за меѓународни учесници. На 32 метри квадратни ќе бидат претставени 500 наслови од над стотина македонски автори. На полиците во Франкфурт ќе се најдат и „130 тома македонска книжевност“ преведени на англиски јазик како и „Антологија на македонската литература“ преведена на германски јазик.

20161016_112833

„Созвучја“ – Македонски ден во Франкфурт 

Годинава на посетителите во Франкфурт ќе им понудиме поинакво доживување од Македонија. Инспирирани од песната „Созвучја“ на Шарл Бодлер во која во еден стих се вели „…човекот низ шума од симболи е патник…“ (“…man passes there through forests of symbols…”), македонската литература и култура, а воедно и македонската издавачка дејност, ќе бидат претставени токму преку специфични симболи. Оваа песна која е инспирирана од расказот „Крајслеријана“ на германскиот писател, композитор, диригент и музички критичар, Е.Т.А. Хофман метафорички е преточена во дизајнот на штандот. Преку буквите од македонската азбука, глаголицата и кирилицата, како симболи кои ги содржи секое македонско литературно дело, на несекојдневен начин ќе го претставиме патувањето и напорите на македонските автори и издавачки куќи за освојување на меѓународната книжевна сцена.

3

Оваа тема е во фокусот и на главниот настан на македонскиот штанд, кој ќе се одржи во сабота на 22.10 под мотото „Созвучја“. Претставници од неколку македонски издавачки куќи како и познатите македонски автори Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски чии дела се веќе преведени на неколку светски јазици и ќе бидат промовирани на саемот, ќе говорат за своите искуства. Академик Влада Урошевиќ е еден од најзначајните преставници на македонскиот модернизам: поет, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач, Гоце Смилевски е претставник на помладата генерација македонски автори кој е веќе преведуван на повеќе странски јазици и има добиено повеќе европски награди кои сведочат за неговиот успех, како и младиот автор Ненад Јолдевски кој е добитник на овогодинешната награда за литература на Европската Унија.

Посетителите ќе можат да слушнат каде овие автори ја црпат својата инспирација, колку темата е важна за да му се доближите на вкусот на современиот светски читател, што треба да направи еден автор за да се пробие на меѓународната книжевна сцена, дали успехот лежи во нови мотиви, жанрови или стилови, итн.

Во рамките на овој настан, на саемот ќе биде промовиран и најобемниот и најмодерен Голем германско-македонски речник во 4 тома на авторите Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер. Брачниот пар Шмигер, кој цели 18 години работел на неговата изработка ќе говорат за процесот на создавање на еден ваков голем проект и за нивната успешна приказна при пробивот на книжевната сцена во Германија.
Покрај трибината, посетителите ќе може да уживаат и во македонски вина и деликатеси, како и во традиционална македонска музика во класичен аранжман, а во изведба на гитаристот Дарко Багески.

На настанот ќе бидат поканети издавачки куќи, литературни агенти и професионалци кои учествуваат на саемот, а ќе бидат присутни и претставници од Министерството за култура на РМ, македонскиот амбасадор во Германија, како и Македонци кои живеат и работат во земјата.

Македонски ден на литературата за деца

Претходниот ден, во петок на 21.10. ќе биде промовирана литература за деца од македонски автори меѓу кои и едицијата „Бајки од Македонија“. Овие приказни, собрани од Марко Цепенков и Танас Вражиновски, се преточени во модерни сликовници, адаптирани на модерен јазик и прилагодени на децата од предучилишна возраст. Илустрациите се изработени младата илустраторка Катерина Николовска, чие идејно решение беше избрано за најдобро на јавниот конкурс на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.

detski

Франкфурт 2016: Најзначајниот светски настан од областа на издаваштвото

Саемот на книгата во Франкфурт е најзначајниот светски настан од областа на издаваштвото и литературата каде издавачи од цел свет се во трка по нови автори. Овој саем е вистинското место за деловни средби и соработка меѓу македонските и интернационални издавачки куќи со цел презентација на македонската литература. Досегашното искуство на македонските издавачи е позитивно и резултира во голем број договори за соработка, а тие очекуваат овој позитивен тренд да продолжи.

Претставувањето на Македонија на саемот во Франкфурт годинава е во организација на Македонската асоцијација на издавачи – МАИ преку Арс Ламина публикации како комесар, а е финансиски поддржано од Министерството за култура на РМ.

Франкфуртскиот саем на книгата се смета за најголем и најпосетен во светот. Тој е вистинското место за средба на експертите од оваа бранша, најголем пазар за книги, преговори за права и лиценци каде се разменуваат искуства, се склучуваат договори, место каде секоја година без разлика дали се работи за издавачи, автори, книжари, агенти сите тие се заедно во Франкфурт во октомври и ги креираат новите трендови.

Годинава земја почесен гостин е Холандија и Фландрија. Со овој избор Франкфуртскиот саем ги урива границите на вообичаеното и она што нè разделува, одејќи напред во потрага по она што нè поврзува, бидејќи годинава „почесен гостин“ не е една земја туку културно-јазично подрачје. За тоа колку успешно соработуваат Фландрија и Холандија на ова поле доказ се 454 новоиздадени книги од различни жанрови кои ќе бидат промовирани на саемот. Публиката ќе може да се запознае со околу седумдесетина од авторите на овие дела, а меѓудругото посетителите ќе може да уживаат и во интересни виртуелни презентации на земјата и ликовни изложби.

Инаку, саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.100 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s