Tрогателна романтична приказна за изгубени љубови и пронајдени надежи
Колин Хувер е една од поновите авторки на романси која направи БУМ на светската литературна сцена. Милиони продадени книги, на којзнае колку светски јазици и милиони обожаватели и демначи по социјалните мрежи. Шансите се големи дека барем сте чуле за неа, особено ако имате тинејџер дома кој како и сите нормални денешни млади е 24/7 на интернет и следи што се случува во светот.
Како некој кој секој миг сè повеќе и повеќе се доближува до 40-тите (иако пред иритантни луѓе велам дека сум во средина на 30-тите, нека пукнат од мака, нели?) многу сум селективна кога станува збор за книгите кои ги читам. Веќе знам добро што може а што не поминува во мојот имагинарен свет, а да бидам искрена, young adult и new adult ретко кога го поминува мојот филтер и доаѓа во мојата домашна библиотека.
НО (големо драмитично НО), Колин Хувер е една од ретките авторки кои пишуваат романси за млади кои можам да ги читам и да уживам во нив. Сосема случајно го прочитав нејзиното деби „Безнадежно“ (кое навистина многу ми се допадна) и сфатив дека Колин го има дефинитвно тој WOW фактор. Зошто? За разлика од другите автори кои пишуваат за слични тематики, нејзините книги не изобилуваат со оној гнев и бес кој и тоа како е присутен кај тинејџерите (сите сме биле таму, нели?). Романсите се чисти, јунаците се нормални девојки/момчиња со секојдневни проблеми, нешто што е особено важно за читателот. Не е ни чудо што дури и покрај големата разлика во години, јас сепак можам да се идентификувам со нив.
Но, ајде конечно да кажам и некој збор за самото дејствие. На самиот почеток ја запознаваме Обурн, вообичаена 15 годишна девојка со исклучиво несекојдневен проблем. Нејзиниот дечко, Адам е сериозно болен и ги минува последните моменти во болница. Единствено што сака во тие тешки мигови е да поминува што е можно повеќе време со Обурн. Да се разбереме, не се сметам за преголем емотивец но овие моменти на разделба помеѓу Адам и Обурн навистина тешко ми паднаа. Немав поминато ни 40-тина страници од книгата, а веќе имав солзи во очите (ваква реакција е секогаш добар знак).
Одеднаш дејствието се префрла во Далас, Тексас кога ја сретнуваме малку постарата и поозбилна Обурн. Таа има речиси 21 година, но се чини дека животот не ù е многу подобар од оној пред 5 години, кога за последен пат ја напушти Адамовата болничка соба. Моментот кога Овен, млад сликар од Далас, ќе влезе во нејзиниот живот е судбинскиот миг кога работите наеднаш ќе добијаат поинаква динамика и правец. Овен е исклучително талентиран млад човек кој слика туѓи исповеди. Чудно, а? Секојдневно луѓе минуваат покрај неговото ателје и анонимно оставаат ливчиња со нивните најдлабоки, најскриени тајни кои потоа тој ги овековечува на платно. Уште од првиот момент на нивен контакт, се чувствува силна хемија помеѓу Овен и Обурн (дури и нивните иницијали се исти). Но, и двајцата носат голем товар, и двајцата минале низ некои искуства заради кои чувствуваат дека се неприфатени, па дури и оштетени. Обурн станува мајка премногу рано и го губи старетелството над своето дете, а Овен учевствувал во сообраќајна несреќа во која неговиот брат и мајка трагично го губат животот. Постои ли надеж дека Обурн и Овен можат повторно да бидат среќни? Понекогаш, се чини дека треба да се појави некоја „совршено несовршена“ личност за да ти покаже дека сè ќе биде во ред и дека твоите „грешки“ се всушност дел од тебе. Тие се она што те издвојува, а истовремено те прави сосема нормално човечко битие!
Единственото нешто што можеби не ми „легна“ во книгава е динамиката на романсата. Таа „insta love“ т.е. инстантна љубов е нешто за што можеме да обвиниме многу автори на модерни романси. Чувствата меѓу Обурн и Овен се одвиваат премногу брзо за мој личен вкус, но можеби разликата во години меѓу мене и јунаците си го прави своето. Како ќе ја доживеете нивната љубовна романса, дали како нереална на моменти, инстантна љубов или како судбинско нешто – тоа драг читателу зависи само од тебе! Но, она што е важно е дека ќе ја почувствувате приказната, ќе го осетите набојот на емоции, ќе навивате љубовта да победи.
Иако не сум голем љубител на young adult жанрот, морам да признаам дека Колин Хувер дефинитивно се издвојува од морето денешни автори. Ако ви е смачено од книги за „лоши момчиња“ или барате книга со чиста (clean) романса, ова е книгата за вас! Прекрасна љубовна приказна за старите грешки, но и новите надежи. Можеби ова не е „најдлабоката“ книга која некогаш ќе ја прочитате, но верувам дека барем додека ја набљудувате трансформацијата во Обурн ќе сфатите дека навистина вреди да се борите за она што го сакате и дека минатото не е она што ве дефинира.
Автор: This Chick Reads