Каде што зборовите не се доволни, таму царува музиката

Таа е еден од најплодните домашни композитори чиишто дела се изведувани на фестивали и манифестации низ Европа, САД, па и Мексико. Добитничка е на многу награди меѓу кои и истакнат уметник на градот Цирих за 2014-2015, а е и прва добитничка на наградата „Вирутоз“, што ја доделува СОКОМ. Уметница која со страст говори за музиката, но и за сè она што влијае врз нејзиното создавање. Црно белите клавиши од клавирот таа ги бои со музика од секојдневието, технологијата, театарот, литературата… Ова е библиотеката на Дарија Андовска.

image1

Џулијан Асанж е најпанкерот на 21 век, затоа вреди да се прочита неговата „Неавторизирана биографија“ вели Дарија Андовска

Каде се спојуваат, а каде се раздвојуваат музиката и литературата?

Се спојуваат на многу основи, на пример микроелементите, што се длабоко суштински – метрика, ритмика, интерпункција, а со тоа и интонација, мелодика, звучност, боја, понатаму мотиви и нивниот развој, но и во однос на поголемите гестови, како создавање карактери, осмислување архитектоника на делото, драматуршки развој на линиите и тематизмите, директните и индиректни алузии и асоцијации, па и цитати и парафрази… Се раздвојуваат онаму каде што зборовите веќе не се доволни да го пренесат или опишат чувството, доживувањето, енергијата, световите – таму царува музиката.

Кое литературно дело те асоцира на кој инструмент?

Ова веројатно би требало да се третира ансамблово и темброво, па со мала несигурност ќе кажам дека покрупните литературни дела веројатно би ги поврзала со покрупните музички дела, како симфонии, опери, балети, концерти – логично. Но, тоа не значи дека не може цел универзум да биде содржан само во едногласна мелодија во еден инструмент – апсолутно може, во сето свое богатство на деликатни и фрагилни текстури и движења, макрокосмос во микрокосмос.

Која книга во одреден период од животот влијаела на твоите ставови и начин на размислување, односно ти направила „пресврт“ во животот?

„За непослушноста и други есеи“ – Ерик Фром, „Така зборуваше Заратустра“ – Фридрих Ниче, „Илузии – Авантурите на бестрашниот месија“ – Ричард Бах и „Ноуменологија на телото“ – Ферид Мухиќ. Мислам дека ова се клучните книги во кревкиот период на развој.

Лик од книга кој ти бил кошмар?

Хуан Пабло Кастел од „Тунелот“ на Ернесто Сабато. До ден-денес знае да ми ги искриви мислите. Но, знам и да бидам преокупирана, речиси опседната со лик од книга, како со Адријан Леверкин од „Доктор Фаустус“ на Томас Ман.

Имали книга што си ја препрочитала повеќе од трипати, која и зошто?

„За убавото во уметноста“ на Кандински, „Малиот Принц“ на Егзипери, „Архетиповите и колективното несвесно“ на Јунг. „Малиот Принц“ – ах, па тоа е љубов, тоа е огромна и едноставна мудрост на битисување, што не смееме да ја забораваме! Барем еднаш годишно, по можност на друг јазик, задолжително ја читам. „За убавото во уметноста“ првпат ја прочитав на почетокот на студиите и бидувајќи и самата синестет, како да си најдов вистински соговорник за сите сегменти на креативното мислење и живеење. „Архетиповите и колективното несвесно“ непресушен извор за нови перспективи, толкувања и обиди да се разберам себе, светот, себе во светот и светот во себе.

image3

Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочита докрај?

„Варијанта Линебург“ од Паоло Мауренсиг. Само што ја довршив „Ако една зимска ноќ еден патник…“ од Итало Калвино, ама ми требаа уште пар страници пред да заспијам, па си реков – ај од оваа малце ќе читнам. Демек малку – ме раздени, директно на работа отидов, ама ја прочитав. Очигледно сум била во „италијанската фаза“. 🙂

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

Џулијан Асанж: Неавторизирана биографија.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s